Лов на деверика во топли услови

247

Кога времето е топло девериката се храни по цел ден, но најинтензивно од утро до пладне. Треба да се има предвид дека девериката е многу пребирлива и затоа воопшто не е лесно да се лови, а уште повеќе да се направи тоа случајно

Постојат непишани правила дека рибата деверика добро гризе кога ветарот е јужен или југозападен, додека кога е северен или североисточен таа ги одбива понудените мамки од рибарот. Иако ова не може во целост да се земе како точно, сепак, не може ниту да се отфрли, а сѐ зависи од топлината на водата, па затоа е добро да се води евиденција, за да се знае кога рибарот да лови риба, а притоа да мине што подобро.
Кога времето е топло девериката се храни по цел ден, но најинтензивно од утро до пладне. Треба да се има предвид дека девериката е многу пребирлива и затоа воопшто не е лесно да се лови, а уште повеќе а се направи тоа случајно.

Девериката претежно се движи во група, а така и живее, додека примероците покрупни од три килограми живеат осамено и токму нив е потешко да ги уловите.
Девериката лесно ја подигнува понудената мамка и ја држи долго време во устата, не мрднувајќи се од местото. Ако во тој миг рибарот го повлече системот, тој ќе ја улови, а притоа може воопшто ништо и да не забележи на стапот. Контрата е најдобро да се прави странично, а да се избегне по вертикален пат, оти таквата контра често ги извлекува и мамката и јадицата од нејзината уста.

За рибарските почетници е значајно да знаат дека девериката сака да оди длабоко во водата, а кога е топло времето и да се приближи во потрага по храна, па затоа таквите места не треба да се запостават. Дното што го посакува е песокливо, со трева или со подводни трупци.

Таа најчесто се движи на 10-25 метри оддалеченост од брегот, но тоа најчесто зависи од самата локација и од времето, оти е многу чувствителна на промената на климата, па дури таа да е и најмала.

Кога времето е топло, рибарот може да користи повеќе видови мамки според следниов редослед: тенка глиста, лепче, натопена обланда, пченка, црви.

Приборот за нивно ловење треба да е лесен, да има тенок основен конец со што помала јадица, во зависност од мамката и големината на рибата што се сака да се лови. Фидер-стапот и употребата на хранилката се најпожелни.

Деверика има слаб вид, но затоа е исклучително чувствителна на неприродни тонови, па затоа е пожелно рибарите да бидат што потивки додека ловат. Просечната должина на девериката е 25-50 см, додека тежината и е 1-6 кг. Обично живеат во реки (особено во пониските области), езера и мочуришта со многу алги и калливи дна, иако може да се сретне и во морето. Девериките како едни од почестите видови риби во Европа, под идеални услови може да живеат и до 16 години.