Лирски песни за родното Вевчани

280

Освен што пишува, Илија во слободно време слика, изработува мозаици, се занимава со резбарство и наскоро планира да ги изложи сите свои ракотворби

Стојан Кукунешоски

Во Вевчани неодамна се одржа свечена промоција на првата книга со песни на штотуку завршениот деветтоодделенец Илија Пешиноски. Неговата збирка, со наслов „Вевчанска рапсодија“, содржи 42 песни, во кои младиот автор пее за убавината на родното Вевчани и за татковината Македонија, се воодушевува од историското минато на својот македонски народ и од сѐ што го опкружува. Книгата е поделена во три циклуси, и тоа: „Отворам рајски порти“, „Татковино, убавино“ и „Доаѓам со моите дарови“.

Промотори беа писателите Петко Шипинкаровски и Мишо Китаноски, кои истакнаа дека лирскиот глас на младиот автор посветен на родното и убаво Вевчани всушност е гласот на славеите, кои во вевчанските градини и убавини ја разлеваат својата песна. Инаку, Илија Пешиноски во слободно време слика, изработува мозаици, се занимава со резбарство и наскоро планира да се претстави и со изложба на сите негови ракотворби. Неговите другари и другарки читаа песни од збирката, а Филип и Александар со своите гитари ја збогатија свеченоста.
– Среќен сум што со оваа книга го заокружив моето основно образование. Со многу љубов им ја посветувам на моите родители, мајка ми Лилјана и татко ми Зоран, кои ми овозможуваат да учам, да творам и постојано да наоѓам нови предизвици во животот – изјави мултиталентираниот Илија, веднаш по завршувањето на промоцијата.


Вевчани

Опеано во песните,
Изградено од градители,
Оставено на младите
да го чуваат од душманите.

Мое катче најмило,
прекрасно си од висините,
богато во низините,
натопено од изворите.

Со тебе се гордееме,
Со слави се зближуваме,
Традиции си негуваме
На Поклади си простуваме.

Од збирката
„Вевчанска рапсодија“ на Илија Пешиноски