Ликовната колонија „Галичник“ одбележува 30 години

106
Моника Мотеска

Јубилејната изложба по повод 30 години ликовна колонија „Галичник“ ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во „Мала станица“. На изложбата ќе биде претставен селектиран избор на дела од сите досегашни сесии на колонијата, а ретроспективата ќе биде проследена и со елабориран каталог.

Како резултат на тридецениското постоење на оваа колонија, на изложбата се вклучени дела од повеќе уметнички техники, почнувајќи од класичните, како што се масло на платно, скулптура во дрво, метал, колажи, до инсталации, дигитални принтови, фотографии, графички инсталации, видеопроекции, звучни инсталации, интернет-проекти со аугментативна реалност итн.

– Огромен број автори, домашни и странски, ќе бидат претставени на оваа изложба, со што се надеваме дека достојно ќе биде одбележан овој долг творечки период и ќе биде привлечен за нашата културна и уметничка јавност. Триесет години егзистирање на ликовната сцена во Македонија не е мала бројка, туку значи доследност, истрајност, предаденост, пожртвуваност, сѐ со цел да се придонесе кон збогатувањето на македонското културно милје, да се направи одличен креативен спој на традиционалните и природните убавини со најсовремените ликовни егзегези на одлични уметници од светот. Ликовната колонија, која ја основа Нове Франговски, отсекогаш била посебна визуелна манифестација во нашата држава, чија причина за постоење е да се воведе еден специфичен квалитативен сензибилитет во заедничко работење на група интернационални и домашни автори – се вели во најавата.
Селектори на изложбата беа Сања Којиќ Младенов, виш кустос од Музејот на современата уметност од Нови Сад, и Ана Франговска, претседателка на колонијата.