Либерализацијата на струјата почнува од 1 јануари

220

Нема одложување на либерализацијата на пазарот на електрична енергија. Од 1 јануари следната година и домаќинствата слободно ќе може да избираат од кого ќе се снабдуваат со електрична енергија. Ќе имаат избор да останат кај универзалниот снабдувач, за што постапката за избор треба да почне во септември или да изберат кај трговците што имаат лиценца за тоа, а во моментов се околу 20. На регулираниот пазар остануваат истите услови за снабдување со електрична енергија како и досега со задржување на евтината тарифа.

– Одолжување не е можно. Законот е јасен. Либерализацијата почнува со изборот на универзалниот снабдувач, односно очекувањата се некаде на почетокот на 2019 година. Може да почне либерализацијата и без изборот, бидејќи до изборот на универзалниот снабдувач оваа дејност ќе ја врши „ЕВН Македонија“ – изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски.

Постапката за избор на универзален снабдувач, како што истакна, треба да почне меѓу 3 и 5 септември и тоа на меѓународен тендер што го спроведува Владата и се очекува до крајот на годината да се избере.

Според него, не се очекува промена на цената на електричната енергија за домаќинствата со воведување на универзалниот снабдувач и дека е поволно тие да останат во регулираниот пазар.

– ЕЛЕМ ќе биде најголем доставувач на универзалниот снабдувач, така што од аспект на цени на регулираниот пазар не се очекуваат некои промени. Имајќи ги предвид постојната цена на ЕЛЕМ и постојните цени на пазарот на електрична енергија, во овој момент во Македонија за домаќинствата би било поповолно, со овие услови што ги имаме сега, да останат на регулираниот пазар – истакна Бислимовски.

Тој додаде дека кај оние домаќинства што ќе изберат да се снабдуваат преку универзалниот снабдувач ќе остане концептот на евтина струја. На регулираниот пазар ќе важат истите услови како што се и досега во однос на евтината тарифа за домаќинствата.

– Евтината струја не се укинува, таков е и предлог-текстот што се разгледува на подготвителната седница на Регулаторната комисија за енергија – вели Бислимовски.
Тој оцени дека досега либерализацијата на пазарот на електрична енергија е исклучително корисна за компаниите, кои излегоа на слободниот пазар на електрична енергија, имајќи ги предвид цените во моментов на регулираниот пазар и на слободниот пазар.

– Има компании, кои своите трошоци ги намалија и за 20 отсто во однос на регулираниот пазар, а очекувам со либерализацијата малите потрошувачи, пред сѐ комерцијалните објекти, да си ги намалат трошоците за електрична енергија, имајќи предвид дека нивната цена е околу 150 евра за мегават-час на регулираниот, а на слободниот пазар е некаде помеѓу 55 и 60 евра и на тоа кога ќе се додадат и мрежарините се очекува да се намалат нивните трошоци – смета Бислимовски.