Летото ни доаѓа со чекор на најлесна срна

21

Во овој број на „Колибри“ објавуваме неколку песни посветени на летото, сонцето и на убавото безгрижно детство од познатиот македонски писател за деца Перо Миленкоски, долгогодишен уредник на „Колибри“. Драги деца, се надеваме дека со овие стихови ќе ве поттикнеме не само да уживате со полни гради во летото што е пред вас, туку и самите да напишете некој стих


Летото порачува

Доаѓам
со чекор на најлесна срна
во немир игра да ве згрнам,
да ве растрчам низ горите
и да ве напојат свежина изворите.

Доаѓам
на коњче со сончеви гриви
да собирам плод од родните ниви,
да трчам со вас по полињата,
да се плискам во реките,
езерата морињата,
да им се радувам на водите сини
и на лебедите балетани, балерини.

Доаѓам
на брод до сончеви зраци летам,
на топли бранови јавам,
со вас во радост да цветам
и убавината да ја славам.
Ајде деца, за раце да се фатиме,
учебниците на одмор да ги пратиме
а наесен пак да им се вратиме.

 

Мојот дворец

Рој од желби – дворец градам,
волшебен, во сонце свети.
Гнездо свидно ко во сказна
добрината кајшто цвета.

Каков дворец, каква убост!
Голем, широк, крај му нема,
кој е без дом нека дојде,
јас кирија насмев земам.

Дење, ноќе ѕидам, градам,
а ни камен, ни грам песок.
А тој расте в небо вишно-
ко утрински сончев блесок.
Таков дворец нигде нема,
В него сонце не ќе зајде.
Кај ли расте, кај ли сјае?
Во срцето ќе го најдеш!

 

Браво, браво

За сонцето браво
живот што ни значи,
за книгата мила
љубов што ни значи.

За реката браво,
поле што ни пои,
еј, ѕунице, браво,
небо што ни боиш.

За утрото браво,
денот што го носи,
за цвеќето нежно
дождец што ни роси.

За мамичка браво
што ми роди братче,
– за родната земја –
мое мило катче.

 

Радосница

Ако има негде река
кајшто силна љубов тече,
сакам море јас да бидам
што го полни утро-вечер.

Ако има негде птица
сал за љубов што си пее,
срце мое гнездо биди,
таа птица да ја грееш.

Ако им топла рака
за да гушка и да гали,
нека биде дар за сите,
дар за сите деца мали.

Нежен букет ден ми краси,
цвеќа разни, плам од бои,
цвет на мирот нека биде
в раце мои, раце твои!