Летни фестивали има, но колку се видливи

442

Се одржаа книжевни промоции, дискусии, музички концерти, театарски претстави, изложби во соработка и со независната културна сцена… Настани вредни за внимание и впишување во историјата на градот и на земјава, но неоправдано недоволно
присутни во медиумите

Во Струга денеска ќе започнат 57-те „Струшки вечери на поезијата“. Овој поетски фестивал со светско реноме годинава ќе се одржи со буџет помал за триесет отсто од минатите изданија, но со најава од неговиот директор Мите Стефоски дека ова издание ќе биде уникатно и неповторливо и дека на него ќе настапат врвни светски поети. Таму деновиве ќе може да се чуе и да се прочита поезија од поети од триесет земји од пет континенти, а меѓу учесниците ќе биде и годинешниот лауреат на престижниот „Златен венец на поезија“, Адам Загајевски.

Овој град веќе шеста година по ред лете пречекува и други, поалтернативни гости, учесници и посетители на Фестивалот за процесирање култура „ДримОн“. Во текот на овој јули тој се одржа под мотото „Култура сега!“, со кое организаторите апелираа дека е „доста со запоставување на културата, која е важна гранка во општеството, и дека мора веднаш да се дејствува за нејзино издигнување од пепелта“. Укажаа на потребата од културни настани и во провинцијата, од постоење кварт на култура во Струга, од деметрополизација, укажаа на потребата за современост, интердисциплинарност, интеркултура, уметничка автономија, за унапредување и облагородување на културните институции, за право на пристап до култура за сите. Се одржаа книжевни промоции, дискусии, музички концерти, театарски претстави, изложби во соработка и со независната културна сцена… Настани вредни за внимание и впишување во историјата на градот и на земјава, но неоправдано недоволно присутни во медиумите.

Факт е дека во Македонија има малку преноси од фестивалските изданија, сѐ помалку снимени разговори со нивните учесници, сѐ помалку фотографии од случувањата што дневно може да ги видат граѓаните. Сѐ помалку новинари има во последниве години во културните редакции, ако воопшто и ги има, а што е за остра критика и во проретчените редакции за култура во Македонската радио-телевизија. Да не зборуваме за многубројните портали, каде што фокусот генерално е ставен на политиката и економијата, а културата е некаде на маргините или ја нема воопшто

Неделава, пак, заврши 58-то издание на фестивалот „Охридско лето“, кој е нормално многу постар и попознат и со поголемо реноме од „ДримОн“, но и тој не беше присутен доволно во јавноста. Неговите организатори укажаа дека летово беше реализирана богата уметничка програма на „Охридско лето“, без ниту едно откажување, дека учествуваа 800 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари од 27 земји од светот…

Директорката на фестивалот, Сузана Вренцовска, истакна и дека годинешното негово издание е завршено со позитивно финансиско салдо, поради што и се смета за едно од најуспешните. Продажбата на билети била зголемена, а билети онлајн се купувани и од многу земји од светот. И сите овие многу значајни факти не беа доволни овој фестивал, како и претходните два што ги споменавме, да бидат поприсутни во јавноста. А камоли и првиот меѓународен филмски фестивал на плажа „Бич фестивал“, кој успешно стартуваше на охридската плажа „Оревче“.

На споменатите фестивали учествуваат уметници од различни страни на светот, творци што граѓаните во земјава имаат право да ги видат, да чујат што свират, да видат како ги толкуваат театарските ролји на сцена, да видат какви дела насликале, како тие размислуваат за актуелните нешта, но само мал број од тоа и стигнува до публиката преку телевизиите, радијата, Интернет, весниците. И поради тоа е потребна промена во медиумскиот пристап кон фестивалските содржини за тие да бидат повидливи и консумирани од повеќе луѓе од различни возрасти.

За жал, факт е дека во Македонија има малку преноси од фестивалските изданија, сѐ помалку снимени разговори со нивните учесници, сѐ помалку фотографии од случувањата што дневно може да ги видат граѓаните. Сѐ помалку новинари има во последниве години во културните редакции, ако воопшто и ги има, а што е за остра критика и во проретчените редакции за култура во Македонската радио-телевизија. Да не зборуваме за многубројните портали, каде што фокусот генерално е ставен на политиката и економијата, а културата е некаде на маргините или ја нема воопшто. А дека тоа не е така и во другите држави во светот за споредба може да се види како се третираат летните фестивали во регионов, на пример во Хрватска, каде што културните содржини вообичаено дневно се многу присутни во програмите на Хрватската радио-телевизија

Но не се само крајезерските летни дестинации привлечни за посетителите на фестивалите. Тоа го потврдуваат и Скопје со „Скопско лето“, „Македокс“, со „Карпошово културно лето“, Битола со своето културно лето, но и со 13-от „Акто“, фестивал за современи уметности, кој годинава ќе го отвори и прашањето „Во каков контекст се создава фестивалот и каков контекст тој создава?“.
Значајни летни манифестации се одржуваат и во Гевгелија, Прилеп, Струмица, Штип, Велес и други места, но на сите нив им е неопходно поголемо внимание, затоа што тоа го заслужуваат и организаторите и учесниците.