Лековитите својства на ананасот

711

Во народната медицина со векови се познати лековитите својства на ананасот.
Од лековитите состојки, особено се издвојува бромелаинот, група ензими што ги разградуваат протеините и помагаат во процесот на варењето на храната. Ако ананасот се јаде веднаш по оброкот, тој му помага на желудникот да ги разгради белковините до аминокиселини. Затоа ова јужно овошје често се препорачува во текот на држењето диети. Ананасот е богат со витамин Ц, минерали и со растителни влакна, кои ја забрзуваат работата на цревата и го поттикнуваат варењето на храната.

Бромелаинот од ананасот има и јако антивоспалително дејство. Клиничките испитувања потврдиле дека бромелаинот од ананасот ги ублажува воспаленијата и го намалува отокот при акутните воспаленија на синусите, грлото, помага при артрит, гихт и го забрзува оздравувањето по операции и повреди.

Бромелаинот е природен лек против настинка и бронхит, бидејќи го разредува секретот во дишните патишта и го олеснува неговото искашлување. Некои истражувања дури покажале дека кај некои воспаленија, бромелаинот би можел да се користи наместо антибиотик. За ова својство на ананасот целосно да се искористи, се препорачува консумирање ананас помеѓу оброците, инаку ензимите се искористуваат за процесот на варење на храната.

Бромелаинот се наоѓа во петелките и во плодот на ананасот, но се деактивираат со топлина. Затоа конзервираниот ананас не се добар извор на овие ензими, па најдобро е тој да се консумира свеж.

Бидејќи ананасот е богат со антиоксиданси, особено со витамин Ц, позитивно влијае и за заштита на организмот од штетното дејство на слободните радикали, кои може да предизвикаат различни заболувања како што се: атеросклероза, заболувања на срцето и крвните садови, бронхит, астма, ревматоиден артрит, остеоартрит, рак на дебело црево, како и други видови малигни заболувања. Според тоа, ананасот се смета за природен антиканцероген лек, кој може да помогне во превенцијата и во борбата против ракот.

Ананасот го јакне природниот имунитет на организмот и го чува здравјето на човекот.
Ананасот не само што е здрав, туку е и вистински козметички волшебник, кој и однадвор и однатре ја храни кожата, ја чува нејзината влажност, ја обновува, ја чисти и ги собира порите. Ананасот дејствува и против стареењето. Докажано е дека го забавува процесот на стареењето на кожата, ја зголемува нејзината еластичност, ја прави кожата помлада, посвежа и помека.

Ананасот го поттикнува метаболизмот, па затоа тој е успешен борец против целулитот и вишокот килограми.

Ананасот содржи и магнезиум. Поради недостиг од магнезиум доаѓа до преосетливост на нервниот систем, до раздразливост, нервоза, грчеви на мускулите, нарушена работа на срцето и на органите за варење. Недостигот од магнезиум доведува до недоволното искористување на калциумот, за потребите на организмот. Исто така, недостигот од магнезиум се поврзува и со појавата на малигните заболувања. Сокот од ананас ги намалува напнатоста, нервозата и стресот.

Едно најново откритие на научниците дава надеж за пациентите со малигни заболувања.

Група австралиски научници објавила дека во молекулите на ананасот е откриен јак антиканцероген агенс. Научниците се надеваат дека нивното откритие ќе овозможи развој на нови лекови против ракот на дојката, ракот на белите дробови, ракот на дебелото црево, ракот на јајчникот и против меланомот.

Научниците од Институтот за медицински истражувања во Квинсленд откриле дека се работи за две молекули на бромелин (молекула – ЦЦЗ и молекула – ЦЦС). Бромелинот е супстанција добиена од петелките на ананасот. Поранешните истражувања покажале дека бромелинот е богат со ензими, па поради тоа се користи и во прехранбената индустрија (за омекнување на месото или за добивање посветло пиво).

Едната молекула на бромелинот – ЦЦЗ го стимулира имунолошкиот систем на организмот и му помага да ги открие и уништи канцерогените клетки.

Другата молекула на бромелинот – ЦЦС го блокира протеинот РАС, кој е дефектен во приближно 30 отсто од сите случаи на рак и кој е одговорен за неговото настанување.
ЦЦС и ЦЦЗ се ензими на протеазата, кои се обично поврзани со процесот на разградувањето на протеините.

Ова е прво истражување со кое е утврдено дека таквите ензими можат да имаат специфично дејствување на имунолошкиот систем.

Доколку резултатите од започнатото двегодишно истражување за безбедноста на оваа терапија бидат позитивни, институтот ќе почне да бара партнери, кои би дале финансиска поддршка за спроведување клинички тестирања на луѓето. Доколку клиничките студии се покажат ефикасни, во иднина би можело од ананасот да се произведе нов лек за ракот.

Потврдено е дека ананасот го чува и видот. Научни списанија објавуваат студии во кои препорачуваат да се консумираат најмалку 3 оброци дневно ананас, со што би се намалил ризикот од појава на сенилна макуларна дегенерација, која се јавува во староста. Макуларна дегенерација е хронична болест поврзана со стареењето, која се одликува со заматување на видот.


Смоква – природен лек против желудочни тегоби и запек

Нерастворливите растителни влакна од смоквата поволно влијаат на здравјето на дебелото црево. Тие го регулираат варењето на храната и овозможуваат нормално празнење на цревата. Затоа смоквите особено им се препорачуваат на лицата со хроничен запек и со хронични заболувања на дебелото црево. Смоква е природен лек и за желудочните тегоби. Таа е многу лековита во комбинација со маслиновото масло кај желудочните тегоби, а се приготвува на следниов начин:
Во стаклена тегла се ставаат 40 суви смокви и се додава еден литар маслиново масло. Треба да отстојат 40 дена. Се зема секој ден по една смоква пред јадење, значи на празен желудник.

Ако некој не може на овој начин да ги консумира смоквите, ист ефект се постигнува и ако се испие една лажица маслиново масло и потоа се изеде една сува смоква. Ова е проверен рецепт и сигурно ги ублажува тегобите, па дури и целосно ги отстранува.