Лажните вести и спинови ја инфицираа опозицијата?

165

Дали политичките спинови, „лажните вести“, контрадикторните ставови меѓу партиското раководство и поранешните функционери ја инфицираа опозицијата и може ли тоа да се одрази на нејзиното дејствување? Оваа дилема е актуелна во јавноста по серијата настани во парламентот со кои се раситни пратеничкото тело на ВМРО-ДПМНЕ, а некогашните партиски функционери јавно изнесуваат ставови спротивни на официјалните ставови на партијата. Најсвеж пример беше забележан деновиве, низ серијата коментари за можен бојкот на претстојните претседателски избори од страна на партијата. Токму овие дејствувања во јавноста иницираат сомнеж дека можеби зад сето ова функционирање на опозицијата постои некаква тајна политичка кујна, во која се готват зачини што имаат за цел да го збунат членството на опозицијата и да внесат конфузија во редовите на нивните поддржувачи и гласачи во пресрет на претседателските избори, кои треба да се случат веќе за неколку месеци.

Последниот од серијата вакви настани беше регистриран во Собранието, кога пред вторничкото гласањето за Законот за амнестија, дополнително се раситни пратеничкото тело на опозицијата, бидејќи кон групата пратеници и предлагачи на законот, спротивно од волјата на опозицијата, се приклучија и пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ и Панчо Минов од ГРОМ.

Во меѓувреме, поранешниот пратеник Александар Пандов и некогашниот градоначалник Ивица Коневски јавно изнесоа ставови спротивни од официјалниот став на партијата дека се размислува за можност на бојкотирање на претседателските избори. Имено, Пандов во една телевизиска емисија истакна дека опозицијата треба да ги бојкотира претстојните претседателски избори доколку не издејствува тие да се одржат заедно со предвремени парламентарни избори, а поранешниот градоначалник Коневски, кој во моментов е советник на лидерот Христијан Мицковски за градот Скопје, исто така јавно кажа дека начул оти е можно ВМРО-ДПМНЕ да ги бојкотира претседателските избори и истакна дека тоа, според него, би било многу погрешно.

– Не дај боже да се случи тоа. Нам не ни е потребен таков бојкот, тоа ќе ја доуништи и така влошената репутација на партијата кај меѓународната заедница – вели Коневски.

Од ВМРО-ДПМНЕ вчера изјавија дека не размислуваат за никаков бојкот на претседателските избори, иако по медиумите се пласира таква идеја. Оттаму велат дека тие нема да ги коментираат разните шпекулации и пласирани ставови, кои, според нив, единствено имаат за цел да се извршат напади врз партијата и додадоа дека се подготвени и за претседателски, но и за предвремени парламентарни избори.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од протестниот марш во Велес се обрати и до поранешните сопартијци.

– Да им порачам нив и вам од СДСМ нека ви е аирлија новата коалиција со тие луѓе. Нема да се офајдите и нема да се изнарадувате многу. Ќе видите што ќе ви се случи вам. Знам дека седите некаде во некоја канцеларија и подготвувате сценарија и закони со кои дополнително ќе го нарушите достоинството на тие маченици. Но тоа нема да помине. Нема да им помине затоа што ќе дојде денот кога и вие зардно со нив ќе бидете разголени и разобличени пред судот на овој народ и ќе ве пратиме во темната страна на историјата. Од прв до последен – рече Мицкоски.

Во контекст на овие случувања, вредно е да се напомене дека претседателот на Собранието, Талат Џафери, најави дека во почетокот на февруари ќе ги распише претседателските избори и оттогаш всушност започнуваат да течат уставно предвидените 90 дена пред завршувањето на вториот мандат на претседателот Ѓорге Иванов. Премиерот Зоран Заев, пак, деновиве изјави дека не планира да ги комбинира претседателските избори со предвремени парламентарни, затоа што, според него, по толку време, чесно е една влада да истера цел мандат.