Лавров и зимница за пензионерите во кампањата на Додик

49

Сергеј Лавров, министерот за надворешни работи на Русија, на 17 септември ќе престојува во Бања Лука. Рускиот дипломат со раководството на Република Српска и со претставници на Српската и Руската православна црква ќе присуствува на осветување на темелите за изградба на руско-српски центар.

Владата на РС издвои три милиони конвертабилни марки за изградба на овој центар, кој ќе претставува верски објект и простор за одржување културни манифестации.

– Ова е шанса да го потврдиме значајното пријателство што го имаме со Руската Федерација – изјави претседателот на РС, Милорад Додик, пред новинарите во Бања Лука.

Тој искажа задоволство од вкупната политичка атмосфера пред претстојните избори во Република Српска, чија официјална кампања почнува на седми септември годинава. Додик нагласи дека 17 квартали по ред овој ентитет бележи континуиран пораст на бруто-домашниот производ. Претседателот на РС соопшти дека од почетокот на септември со пензиите ќе биде исплатуван и еднократниот надомест за набавка на потребните производи за зимница, како и за задоволување други потреби на постарите лица.