Кугларите по шест години повторно на СП

271

Репрезентацијата на Македонија е сместена во групата Б, заедно со селекциите на Полска, Естонија, Чешка и Србија, а двете првопласирани одат во четврт-финалето

Македонската машка кугларска репрезентација по шест години апстиненција, од денеска па до 26 мај повторно ќе биде дел од едно Светско екипно првенство. По последниот одржан тренинг синоќа во Бачка Топола (Србија), избраниците на селекторот и играч Дамир Фучкар, денеска треба да пристигнат во чешкиот град Рокичани, каде што ќе се одржи СП, а ќе бидат сместени во Плзењ.
Македонија е во групата Б, а главни ривали ќе ѝ бидат селекциите на Полска, Естонија, Чешка и на Србија, додека двете првопласирани селекции ќе се пласираат во четврт-финалето.

– Подготвени сме и очекуваме да се претставиме во добро издание. Полска и Естонија треба да ги победиме, а сметам дека токму натпреварот со Чешка ќе одлучува за второто место во нашата група, оти е нереално да ја победиме Србија, која е актуелен светски првак од Детенхајм, Германија, лани. А ако бидеме втори во групата, во четврт-финалето најверојатно ќе вкрстиме со силната Германија од групата четири, а ако ги минеме, во полуфиналето би требало да нѐ чека Унгарија. За мене подвиг ќе биде ако бидеме втори во групата, додека првото место ќе биде сензација. Но, куглата е тркалезна, па сѐ може да се случи на патеките – оптимист е репрезентативецот Младен Донковски.

Најголемиот успех македонската репрезентација го остварила пред шест години (2013), кога во унгарскиот град Залаегерсег го освои сребрениот медал. Во финалето загуби од домаќинот, додека во полуфиналето беше совладана Србија по пресвртот што го направија последните двајца македонски куглари, Дамир Фучкар и Урош Стоклас (вториов сега игра за Словенија н.з.). Покрај нив, на тоа СП настапија уште Борис Бенедик, Бојан Влакевски, Сашо Трпковски, Ибрахим Мемеди, Александар Соколовски, Мартин Тодоровски и Кристијан Костов.

Македонија, подготвувајќи се за ова СП, одигра два пријателски меча на гостински терен. Во Запрешиќ ја совлада БиХ со 5-3, додека во Оточац загуби од Хрватска со 2-6. Во Чешка ќе настапи и поранешниот македонски репрезентативец Бранко Манев, но за репрезентацијата на Хрватска. Како што е познато тој од 2015 година има хрватско државјанство. 


Македонија – состав
Борис Бенедик
Димитар Димитровски,
Бојан Влакевски
Сашо Трпковски
Ибрахим Мемеди
Александар Соколовски
Младен Донковски
Душко Ајдин
Дамир Фуцкар селектор/играч
Менсур Ајдин помошник-тренер

Саатница
16 мај Македонија – Полска 8 ч.
17 мај Македонија – Естонија 8 ч.
19 мај Македонија – Чешка 18.30 ч.
21 мај Македонија – Србија 8 ч.