Крстилницата во Стоби си ја врати убавината

957
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Втората по големина библиотека во Римската Империја се наоѓа во локалитетот Стоби, смета археологот Гоце Павловски, инаку тоа е познатата градба со арки

Деновиве додека сонцето сѐ уште доминираше на есенското небо, а археолозите и работниците по маици во кратки ракави работеа на различни делови од локалитетот, и ние го разгледавме Стоби, користејќи го и „Стоби аудиоводичот“, првиот таков водич за археолошки локалитети во Македонија, мобилна апликација достапна на македонски и на англиски јазик. Овој локалитет, кој се смета за една од најпосетуваните туристички дестинации во земјава, истовремено со нас, во средината на октомври, го разгледуваа и домашни и странски туристи и на класичниот начин, со туристички водичи. Во последните денови, пак, на септември, во блиската винарница „Стоби“, по повод одбележувањето на 100-годишнината од првите систематски археолошки ископувања на локалитетот и 10-годишнината од формирањето на истоимената установа, се одржа и меѓународна археолошка конференција под наслов „Меѓу Истокот и Западот. Стоби и градовите во римските провинции на Балканот“ со учество на педесетина реномирани археолози од САД, Австрија, Франција, Германија, Грција, Бугарија, Албанија, Србија, Хрватска и од Црна Гора. Меѓу нив и легендарниот Џејмс Вајсман.
Ова се само некои од актуелните елементи од постоењето и функционирањето на НУ „Стоби“, која претставува успешен пример во областа на археологијата, музеологијата и заштитата на културното наследство на која ѝ е потребна и понатамошна поддршка од државата за да го продолжи современиот третман на наследството за кое е одговорна. Оттука се црпеле и сѐ уште се црпат безброј сознанија за постоењето и функционирањето на некогашните цивилизации на овој простор, но и пошироко.
– Кога ќе тргнете од Белград до Атина по автопатот Е – 75 нема подобар локалитет од Стоби, никаде ни во Србија, ни во Македонија, ниту во Грција. Тој аспект мора да го земе предвид нашата влада и да го искористи во интерес на целата држава – истакна новонаименуваниот директор, Спасе Перовски.
Тој е уверен дека со соодветна државна поддршка многу од старите, но и новите идеи за развој на овој законски заштитен простор ќе можат и практично да се реализираат.
– Во програмата со која аплицирав за директор на Стоби, а имам поддршка од овдешниот стручен колектив планирав да почнеме да организираме настани со кои полека но сигурно ќе го реализираме мојот идеен проект „Стоби жив град“. Идејата е на локалитетот и понатаму да се работи археологија, но да се прошириме на другата страна на реката Црна со изградба на кеј и пешачки мост и таму да направиме музеј со административен простор. На тој начин локалитетот ќе биде чист за археолошки истражувања и презентација и на него нема да има објекти од тврда градба како што ги има сега. Ова е заштитен простор од прва категорија и не смее државата да си дозволи на него да има ситуација каква што сега за жал, има. Но за реализација на оваа идеја во скоро време треба да се направат многу подготовки, а во меѓувреме треба да го ставиме античкиот театар во функција и постојната, стара железничка зграда да ја пренамениме во Центар за посетители, за кој веќе е изработен основен проект. Се надевам дека Министерството за култура во програмата за 2019 година ќе ги третира како приоритетни двата објекта. Тука се и храмот на Изида и западниот бедем, ќе видиме што ќе биде финансирано за постепено да влегуваме во реализација на големиот проект „Стоби жив град“. Тоа е во интерес на сите во Македонија – вели Перовски.

Тој напомена дека Центарот за посетители треба да содржи мала музејска поставка со оригинални предмети од локалитетот, а би можеле да се презентираат и реплики од ексклузивните наоди што стојат и во музеите во Белград и во Софија. Таму е предвидено да се смести и кафетерија, во рамките на лапидариумот каде што посетителите по разгледувањето на локалитетот би можеле и да се одморат.
– На другите делови ако урбанистички се испланира просторот, може некој на пример, да направи хотел или друг објект, но без опасност дека ќе го наруши локалитетот – откри уште еден сегмент дел од идејниот план директорот.
Според него, засега установата директно соработува само со Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство и нема финансиска поддршка од трите општини Градско, Росоман и Неготино, иако се наоѓа на тоа тромеѓа, а не добива ниту соодветна поддршка од приватни фирми што можат да имаат корист од развојот на археолошкиот локалитет.

Античкиот театар со мермерни седишта од Плетвар

Деновиве заврши и годинешната сезона од проектот за конзервација и реставрација на источната половина на долниот сегмент од гледалиштето на античкиот театар каде што се работи од 2013 година. Според археологот Гоце Павловски, кој ги предводи археолошките истражувања на театарот за идната година оваа установа аплицира во годишната програма на Министерството за култура за средства во висина од околу 44 милиони денари што се смета за дел од комплетната сума од околу 300 милиони, потребни за целосно истражување, конзервација, реставрација на целиот објект.

– Реставрацијата во 2019 година ќе биде насочена на ѕидовите од сценската зграда и ѕидовите и лежиштата за седишта во источната половина на аудиториумот што чини околу 4 милиони денари. Другите 40 милиони денари се за изработка на дел од новите мермерни елементи и на неколку реда седишта, кои можат да се монтираат на театарот паралелно со конзерваторскиот процес. Имено, реконструкцијата на седиштата со мермерни блокови во источната половина на гледалиштето е најскапиот дел од целокупниот проект, а втора ставка според цената е конзерваторскиот третман на оригиналните сочувани мермерни елементи во западната половина – вели Павловски.
Реконструкцијата на седиштата, според него, е апсолутно неопходна ако сакаме да го заштитиме делот што беше реставриран во изминатите пет години и доколку сакаме да го ревитализираме објектот без употреба и оштетување на оригиналните мермерни елементи во западната половина, како што е тоа сега случај при одржување на фестивалот на античка драма „Стоби“, кој секако е одличен настан за промоцијата на локалитетот.

Градбата со арки

– Реконструкцијата на седиштата ќе овозможи одржување на повеќе вакви настани кои многу би значеле за неговата интерактивна презентација и промоција, но и за неговата самоодржливост – смета Павловски со кого го разгледувавме просторот на театарот, кој фасцинира не само со големината туку и со изгледот и тајноста на неговата внатрешност. Планирано е од Плетвар да биде донесен мермерот за идните седишта на театарот, од каде што потекнуваат и оригиналните, античките.

За да се посети овој археолошки локалитет мора да се оди со автомобил или со организиран превоз бидејќи, иако се наоѓа до автопат, за него не е предвидена автобуска станица. Железничка станица има, но возовите и тука се ретки. Превозот е голем проблем и за 27 вработени на локалитетот што секојдневно доаѓаат со сопствен превоз, а често по потреба тука и преспиваат. Спасе Перовски се надева дека Министерство за култура ќе помогне во обезбедувањето комбе што би ги превезувало луѓето од Скопје, Велес, Кавадарци, Неготино, Гевгелија. Трошоците за транспорт на вработените засега достигнуваат до 4-5 илјади денари месечно, а платите познато е, не се високи. Почетната во музејска дејност и заштита е 18.000 денари.

– Ние моравме да живееме првите три години тука постојано, цела година, бидејќи немавме опции да патуваме многу, а од 2013 година остануваме само кога има проекти, од март или април до ноември. Но не сите, само оние што работат на проекти – вели првата директорка на установата, археологот Силвана Блажевска, која живее во Скопје, а на споменатиот меѓународен симпозиум говореше на темата „Стоби 2008-2017, десет години предизвици“.

Античкиот театар

Таа е задоволна од досегашната, неколкугодишна соработката со фондацијата „Балканско наследство“, која е поврзана со организацијата на веќе препознатливите летни школи за конзервација и за археолошки истражувања на локалитетот на кои учествуваат и странци. Но, напоменува дека иако таквиот систем на функционирање и прибирање средства може да се шири во земјава „ние сме ксенофобични во последните 50 години и освен школите на „Балканско наследство“‚ сѐ уште нема други во Македонија“.

Многу предизвици го чекаат повторно Стоби, еден од нив е користењето на средства од ИПА-фондовите каде што, посочува Блажевска, досега неколкупати е аплицирано.
– И програмата за локален регионален развој од пред две години и проектот за Центарот за посетители беа таму аплицирани, но не го поминаа вториот праг поради немање урбанистички план. А за тоа треба најпрвин да помине и ревалоризацијата на Стоби – рече таа.

Истиот ден имавме можност и да видиме како конзерваторите Томе Филов и Цветан Јандреовски пред една од старите бараки ги конзервираат и реставрираат мозаиците од јужниот кораб на Епископската базилика извадени од нивната оригинална местополoжба во текот на 1970-тите години. Внатре, пак, археозоологот Трајанка Ставрова од Неготино, која е на магистерски студии во Сорбона, обработуваше коски од коњи, говеда, кози, овци, но и од камила, пронајдени во храмот на Изида на истиот локалитет. Секој со својата приказна, како мали делчиња од големиот мозаик Стоби, кој веќе 100 години се открива и полека ги шири своите пораки низ светот.

Градбата со арки е библиотека

Градбата со арки, еден од најдобро зачуваните објекти од римскиот период на територијата на Македонија, која се наоѓа на Стоби е всушност библиотека, смета археологот Гоце Павловски. Тој оваа теза дека познатиот впечатлив објект е библиотека во која веројатно бил сместен и градскиот архив преку компарација на архитектонскиот концепт ја изнесе на конференцијата „Меѓу Истокот и Западот. Стоби и градовите во римските провинции на Балканот“, тргнувајќи од претпоставките на археолозите Мила Шурбаноска и Антонио Јакимовски што тие ги објавиле во 2010 година. Шурбановска и Јакимовски, посочува Павловски, сметале дека објектот можеби служел како регија, курија, архив или библиотека, не навлегувајќи во подлабоки анализи.

– Тоа што импресионира кај библиотеката во Стоби, покрај декорацијата и скулптурите, е нејзината големина и огромен капацитет за свитоци распоредени на двата ката. Целиот објект бил висок околу 13 метри и можел да собере околу 25 500 свитоци што ја прави втора по големина позната библиотека во Римската империја, веднаш по библиотеката од комплексот на Бањите на Каракала во Рим. Објектот во Стоби е изграден во првите децении на 2 век, кога истовремено била завршена и изградбата на театарот. Грандиозноста на двата објекта сугерира дека градежната кампања е веројатно империјална инвестиција од времето на Хадријан. Библиотеката настрадала во пожар и била оштетена од земјотрес околу 300 г. н.е., по што долниот кат бил целосно затрупан, а горниот обновен и продолжил да функционира како библиотека. Во втората половина 4 век н.е., објектот е напуштен, а што се случило со свитоците од обновениот објект можеме само да претпоставиме. Логична претпоставка е дека завршиле во приватни колекции на граѓаните што и не е невозможно имајќи предвид дека на почетокот од 5 век во Стоби живеел Јоанес Стобаеус или Јован од Стоби, кој за образованието на својот син Септимиус составил компилација на антички дела наречена „Антологија“. Благодарение на неговата антологија, до денес се зачувани делата на повеќе антички автори меѓу кои е и Еврипид – вели меѓу другото Гоце Павловски.

Тој потсети и дека истражувањето на градбата со арки е почнато уште во 1970-тите години, за време на југословенско-американскиот проект раководен од археолозите Џејмс Вајсман и Џорџе Мано Зиси, а подоцна и од Блага Алексова.


Завршната церемонија на проектот „Конзервација на крстилницата од Стоби“

На античкиот театар на археолошкиот локалитет Стоби, денеска со почеток во 11.30 часот ќе се одржи завршната церемонија по повод двегодишната реализација на проектот „Конзервација на крстилницата од Стоби“, финансиран со грант од Амбасадорскиот фонд на САД за заштита на културното наследство со 89.000 долари. Најавено е обраќање на премиерот Зоран Заев, министерот за култура Асаф Адеми, амбасадорот на САД, Џес Бејли и директорот на националната установа „Стоби“, Спасе Перовски. Годинава е завршена конзервацијата на мозаикот од познатата и незаборавна ранохристијанска крстилница на Епископската базилика, а паралелно со тоа и финалните конзерваторско-реставраторски работи на нејзините мермерни елементи. За проектот ќе говори координаторот Мишко Тутковски, а подготвени се и видеопрезентации и мала фотоизложба на сработеното.