Крајезерските бранувања го претставија творештвото на младите таленти

281
Писателот Горјан Петревски го отвори фестивалот

И јас почнав тука како ученик, во моите збунети години и сега, преку оваа манифестација, сакам да им помогнам на децата да го откриваат патот до убавиот пишан збор, вели писателот Горјан Петревски

Летувалиштето „Радости“ во Охрид викендов бликаше од радост, бидејќи токму тука се одржа 39-то издание на „Детски лирски треперења“, фестивал на млади поети, кои дојдоа од целата земја за да бидат дел од овој настан.
Организаторите, Сојузот за грижи и воспитување на деца на Македонија и нашиот познат писател Горјан Петревски, како претседател на фестивалскиот одбор, се потрудија во пријатна атмосфера, со можност за многу контакти и размена на мислења на менторите и на гостите на фестивалот и со дружење меѓу младите литерати, да ги стават во фокусот новите литературни надежи. Тие не само што ги прочитаа своите песни, туку добија и дипломи, а нивните творби се отпечатени и во алманахот на манифестацијата, книгата „Крајезерски бранувања“.
Гости беа писателките за деца Ксенија Маказлиева Трајчева, уредничка на списанијата „Другарче“ и „Росица“ на издателството „Детска радост“ и Сузана Мицева, уредничка и водителка во ТВ Вис Струмица, кои пред присутните прочитаа дел од своето творештво, а и самите своевремено како ученици биле дел од фестивалот.

Фото. Димитар Мицев

Патот до убавиот збор

И писателот Горјан Петревски прочита неколку песни, иако е повеќе ориентиран кон прозата, што ги напишал на почетокот на својата кариера, наменети за тинејџерите, на кои впрочем им го посвети целото свое творештво. „Татковата прва љубов“, од 1985 година, на која се потсетивме, е неговата единствената поетска книга, но се надеваме дека нема така да остане.
– На конкурсот за 39-те „Детски лирски треперења“ пристигнаа приближно 1.000 нови творби, а најдобрите се најдоа во книгата „Крајезерски бранувања“. Ова е манифестација што живее долги години, но секогаш опстанува со еден нов нагон кај младите таленти, што и мене ме поттикнува како автор и јас да ја поделам возбудата со нив. Секогаш потсетувам дека и јас почнав тука како ученик, во моите збунети години и сега сакам да им помогнам на децата да го откриваат патот до убавиот пишан збор. На ѕвездите на овој фестивал им посакувам да продолжат да пишуваат и еден ден да бидеме промотори на нивните книги, бидејќи верувам дека некои од годинашните учесници ќе станат афирмирани автори во иднина.

Доколку се работи сериозно со млади таленти, тоа кај нив го поттикнува талентот. Не постои школа за писатели и ниеден пат до успехот не е загарантиран однапред, но едно е сигурно, сите автори имаат свои почетоци, а на оваа манифестација своите први чекори ги направиле и неколкумина познати автори, а дел од неа биле речиси сите наши познати автори за деца и млади – ни рече писателот Горјан Петревски.
Тој дополни дека оваа година пристигнале творби на извонредни млади поети, но и на оние што пишуваат проза, бидејќи овој пат се опфатени и творбите на учесниците на неколку книжевни манифестации: „Есен во Гази Баба“,„Пролет на сребрените соништа“, чие прво издание се одржа во Радовиш, а во алманахот се објавени и најубавите писма што пристигнаа на Меѓународниот конкурс на „Пошти на Македонија“, со наслов „Замисли си дека си писмо кое патува низ времето“.
– Постојано сум со децата, во нивните училишта, во домовите на културата, на вакви и слични манифестации и немам мислење дека денешните генерации сѐ помалку читаат. Во ова време на нова технологија, книгата не е отфрлена. Младите читаат, умеат да разговараат, да прашуваат. Не знам зошто толку се плашиме од компјутерите, бидејќи книгата ако ги преживеала сите изминати векови ќе живее и во иднина – вели популарниот автор.

Тука се роди „Другата Марта“

Во текот на втората фестивалска вечер Горјан Петревски го претстави своето најново дело, романот „Другата Марта“, напишан во ова детско одморалиште, лани летото. Токму затоа, на вратата на собата каде што се родила оваа книга, на која ѝ посакуваме да го повтори успехот на првата „Марта“, беше поставена плочка со натписот: „Во оваа соба во април 2016 година писателот Горјан Петревски го пишуваше романот ’Другата Марта’“.


– Идејата за поставување на плочката малку ме збуни, но и ме обврза, некако почувствував дека допирам до некоја литературна класика, бидејќи првата „Марта“ и по 3 децении и отпечатени 20 изданија не е застарена, напротив. „Другата Марта“ почнав да ја пишувам тука во април 2016 г., кога бев гостин на ученици, кои доаѓаа во летувалиштето на настава во природа. По нејзиното издавање најавив дека ако книгата не постигне успех ќе се повлечам и ќе се свртам кон романите за возрасни и ќе ја оставам тинејџерската литература настрана. Но за многу кусо време првиот тираж од 1.000 примероци се распродаде и веќе се печати вториот – ни рече Горјан Петревски.

Тој за себе вели дека е строг критичар и никогаш не е целосно задоволен од она што го пишува, а читателите се оние што постојано го туркаат напред.
– Токму средбите со моите млади читатели ми даваат поттик да истраам и со повеќе радост да продолжам да пишувам, бидејќи, нема ништо поубаво од восхитот во нивните очи на нашите средби. Тоа се гледа и од прашањата што ги поставуваат, за тоа како и каде се родила идејата за пишување на некое мое дело. А ако читателите те прифатат, тогаш ништо не те запира. Колку сакаш награди добивај, доколку книгата не е читана, тогаш ништо не си направил и залуден ти бил трудот – открива Петревски.
Тој најави дека своевидно продолжување на фестивалот е книжевниот камп за деца и млади, „Да бидам, да бидам“, што во летувалиштето „Радости“ ќе се одржи четврти пат, од 28 јуни до 4 јули.


Детскиот свет

Тој е најчудесен свет на светот
со милион изненадувања,
петпати повеќе желби
и цело море соништа.
Насекаде барав клуч
за да го отклучам
тој детски чудесен свет.
Се претворив во ружа
и растев во прекрасна градина,
се претворив во птица
и летав по небото чисто,
спуштајќи се на гранките
да слушам волшебни песни
што никогаш не сум ги чула,
се претворив во пчела
и открив чудесни цветови
со раскошно убави бои
што никогаш не сум ги видела.

Тања Јосифовска, седмо одделение, ООУ „Малина Попиванова“,
Кочани. Менторка: Хилда Панов


И „Колибри“ меѓу учесниците

Во годината на големиот јубилеј на „Колибри“ – 60 години од издавањето на првиот број на страниците на „Нова Македонија“, другарувавме и со учесниците на фестивалот „Детски лирски треперења“ во Охрид.
И навистина нѐ израдува тоа што, некои од младите автори, чии творби се најдоа во годинашната книга „Крајезерски бранувања“, беа и таленти за кои веќе сме пишувале на нашите страници, како што е Тодор Пењушков од селото Ваташа, Кавадарци, кој победи на конкурсот за најубаво писмо што го организираше Агенцијата за пошти на Македонија, кој учествуваше на фестивалот и самиот ја прочита наградената творба.
Меѓу учесниците беше и второнаградената Љуљеса Пајазити од Тетово, додека третонаградената Пандора Манева од Кочани беше спречена да присуствува, бидејќи во саботата со другарите ја прославуваше својата полуматура, како и десетина други ученици, чии песни и состави се отпечатени во книгата.