Кој ќе ја добие „битката на нападите“?

452

Британските медиуми го најавуваат мечот Ливерпул – Манчестер сити како „битка на нападите“ бидејќи двете екипи се најефикасни во Премиер-лигата (Сити 88, Ливерпул 75)

Ливерпул – Манчестер сити, нова фудбалска класика, дуел на две идентични тренерско-менаџерски офанзивни филозофии на Јирген Клоп и на Пеп Гвардиола, вечерва ќе играат на стадионот „Енфилд“ во првиот четвртфинален дуел во Лигата на шампионите (ЛШ). Ова ќе биде прв меч меѓу овие два тима во европска конкуренција. Британските медиуми го најавуваат овој натпревар како „битка на нападите“ поради тоа што двете екипи се најефикасни во Премиер-лигата и постигнаа вкупно 163 гола (Сити 88, Ливерпул 75). Во двете средби во шампионатот паднаа 12 гола (беше 5-0 за Сити и 4-3 за Ливерпул).

Двата тима играат офанзивно и веројатно е дека и Клоп и Гвардиола по никоја цена нема да отстапат од своите филозофии, да се атакува, да се игра „висок пресинг“ а не да се „седи“ на својата половина од теренот и да се игра за да не се загуби мечот. Напаѓачкото трио на „црвените“, Мохамед Салах, Роберто Фирмино и Садио Мане постигна 75 гола на 119 натпревари. Салах е водечки стрелец во Премиер лигата со 29 гола, а сезонава постигна вкупно 37 погодока на 42 меча. Од другата страна е „квартетот“ на Сити – Лерој Сане, Рахим Стерлинг, Серхио Агуеро и Габриел Жезус. Тие постигнаа 76 гола на 149-те натпревари.

Во фокусот на вниманието се Салах и Кевин де Брујне, кои се главните кандидати за добивање на признанието за најдобар фудбалер на сезоната во Англија. Салах има реални шанси да ги надмине рекордерите според ефикасност, на Алан Ширер, Тиери Анри и Кристијано Роналдо, кои имаат постигнато по 31 гол во една сезона во Англија. Де Брујне, пак, е водечки според бројот на асистенции, 15. Ливерпул е тимот што му го нанесе единствениот пораз на Сити во првенството, кое практично за нив е добиено. Кога станува збор за менаџерите, ефектот на досегашните 12 средби меѓу тимовите што ги предводеле, речиси е ист. Клоп добил шест меча на клупата на Борусија Дортмунд и на Ливерпул против Баерн и Манчестер сити, а Гвардиола пет.


Барса е фаворит, но Рома тешко губи на гости

Барселона е фаворит во двомечот против Рома во четврт-финалето на фудбалската Лига на шампионите поради поквалитетниот состав и, се разбира, поради Лионел Меси. Каталонците не се поразени дома од 2013-та и полуфиналниот меч против Баерн (0-3), а оттогаш Барса победила на 23 од 25-те натпревара (со две ремија) и гол разлика 77-12. Барселона и Рома досега одиграле четири меча, на кои победиле по еднаш, а два меча завршиле без победник. Барса, која е непоразена во Ла лига сезонава (23 победи и седум ремија) 11-ти пат во низа е четвртфиналист, а Рома првпат по пауза од една деценија. На домашен терен Барселона е во серија од 20 победи и две ремија, и постигна барем еден гол на 22 од 23-те меча сезонава (само против Хефате не ја затресе мрежата, беше 0-0 во февруари годинава). Меси и Луис Суарез се во добра форма за тоа сведочи податокот дека Меси постигна девет гола на последните седум средби, а Суарез седум на 10 меча во сите конкуренции. Формата на Рома, исто така, е во нагорна линија. Пред саботното реми со Болоња (1-1) тимот беше во серија од четири победи во сите конкуренции, а од последните осум меча во Серија А доби шест. Рома претрпе само еден пораз (од Шахтар во осминафиналето, со 1-2) на последните осум меча на гости во сите конкуренции, односно победи на четири од последните шест натпревари. Л.Д.