Кој ќе победи во новата „голема игра“?

835

Сведоци сме на нова „голема игра“, на конфликт помеѓу големите сили, кои сѐ пожестоко се обидуваат да го потиснат влијанието на соперникот. Ваквата ситуација станува интересна за балканските држави, меѓу кои е и Македонија. За нас тоа е интересно бидејќи реално би можело да се искористи актуелниот момент за прекин на чекањето влез во Европската Унија (ЕУ), а за некои можеби и да се побараат
алтернативни патишта

Мислењето дека живееме во ера на нова студена војна, веројатно е малку потценувачко и малку повеќе погрешно. Конфликтот на комунистичкиот Исток и на капиталистичкиот Запад во 20 век беше конфликт на две суперсили. Глобалниот конфликт денес е помалку статичен.

Сегашниот антагонизам може да се нарече „игра во тројка“, во која учествуваат три главни играчи – Русија, Кина и Западот, кои се натпреваруваат на три начини: географски, интелектуално и економски. Овие сили на сите полиња се соочуваат со прашањата за Сирија (Азија), Украина (Европа) и за Пацификот. Затоа, голем дел од конфликтите што го обележуваат нашето време можат да се дефинираат со некоја комбинација на овие три прашања.

Кина и Русија се издвојуваат како алтернативни модели и одбранбени сили што нудат нови ангажмани за билатерални и мултилатерални здруженија. Додека Русија нуди воена суровост, Кина нуди трговска разновидност. Згора на тоа, Пекинг и Москва делат иста стратегиска цел за намалување на влијанието на Западот. Кина има пари да создава нови сојузи, а Русија соодветни „алатки“ што ги слабее старите. Тие се засега стратегиска симбиоза.

За разлика од Западот, Кина не дозволува човековите права и владеењето на законот да застанат на патот на инвестициите. На крајот на 2017 година, Пекинг ги зголеми инвестициите во Украина, соопштувајќи дека таа е важен градежен блок на новиот Пат на свилата кон Европа. Владата во Киев, пак, со задоволство соопшти дека 2019 година ќе биде „година на Кина“ во Украина.

Кинескиот претседател Си Џинпинг во 2016 година, помина три дена во државна посета на Србија. Кинеските компании оттогаш на Балканот ги купија најголемата железарница во Србија, меѓународниот аеродром во Тирана и голема термоцентрала во Романија, а изнајмија и дел од пристаништето во Пиреја, Грција. Во Македонија Кинезите се присутни во патната инфраструктура, со заем што ни го дава кинеска финансиска институција. Еден од поголемите проекти, во кој сѐ уште сме далеку од реализација е „Вардарска долина“. Република Македонија за реализација на проектот потпиша меморандум за разбирање со Кинеската меѓународна корпорација за води и електрична енергија (КВЕ) и Кинеската развојна банка (КРБ), со кој се проценува дека изградбата на „Вардарска долина“, би изнесувала околу 1,5 милијарда евра. Владата на Македонија би инвестирала 15 отсто, додека за другите средства во висина од 85 отсто се планирало да биде подигнат кредит од КРБ.

Извесно е оти кај балканските држави постои дилемата дали тие самите би можеле бесконечно да чекаат ЕУ да ги пушти во нејзиниот клуб или, пак, би можеле да направат нешто друго?

Затоа, од особен интерес за Балканот би можело да биде кој ќе победи во новата „голема игра“?

Професор д-р Јове Кекеновски е искусен политичар, кој подолго време ги следи геостратегиските игри на големите сили и нивното разместување на теренот. Тој има интересно видување на актуелните случувања.

– Се согласувам со неколку воени аналитичари, кои велат дека во моментов на светската геополитичка сцена можеме да препознаеме два основни правца на дејствување и тоа едниот што води во мировна, а другиот во воена насока. Во мировна насока се настојувањата на Русија и на Кина конфликтите и недоразбирањата да се решаваат во рамките и со примена на меѓународното право и механизмите на ОН, потоа настојувањата на САД односно на американскиот претседател Доналд Трамп за преговори со Северна Кореја и да се почне процесот на нејзина денуклеаризација. Во воена насока се одвиваат организираните кампањи за целосна демонизација на Русија, од страна на САД и Велика Британија (случајот со труењето на двојниот шпион Скрипал и неговата ќерка), настојувањата по секоја цена да биде сменет претседателот на Сирија, Башар ал Асад, вооружувањето на Украина и балтичките држави како и обидите за дестабилизација на државите во геостратегиските региони како на пример Иран, но и државите на Балканскиот Полуостров каде што се наоѓа и нашата држава Република Македонија. Значи, актуелниот контекст на современата геополитика и геостратегија се одвива помеѓу т.н. американско-европски центризам со доминантна позиција и улога на САД, Велика Британија и Франција (бидејќи Германија поради одличните релации со Русија е доста воздржана и внимателна) и евроазискиот развој со мултиполарен однос на силите (економски силна Кина, воено напреднатата Русија, имателите на нуклеарно оружје Израел, Иран, Индија, Пакистан и др.). Во еден таков контекст треба да се разгледуваат и сериозните заплети на клучните линии на конфронтација, кои опфаќаат повеќе делови во светот вклучувајќи ги државите на Балканскиот Полуостров – анализира проф. д-р Јове Кекеновски.

Прашањето за одмерувањето на потенцијалите и повременото „ѕвечкање со оружјето“ колку да се истакнат присутноста и опременоста, останува во врвот на темите што ја преокупираат меѓународната, па и домашната јавност. Професор д-р Љубомир Кекеновски целата оваа ситуација ја гледа како чепкање околу бурето барут. Но тој посочува дека ова треба да остане простор на наизменична, не на еднонасочна струја. Всушност, во самата ЕУ расте сознанието дека нема друг регион што може темелно да ја загрози во секој па и во безбедносен поглед. Во таа смисла ние како Република Македонија може да претставуваме важен центар на политекономска рамнотежа. Она што е Брисел за Западна да биде Скопје за Југоисточна Европа. Имено, Европа без Балканот, откажувајќи се од најстарата митологија/филозофија, нема културолошка смисла и минато на кое духовно се опира. Во строго географски поглед токму Балканот е мост, без него континентот е отсечен од големото евроазиско копно и личи на човек без нозе. Тогаш нема физичка смисла и економска иднина, објаснува проф. д-р Љубомир Кекеновски. 


Пишува: проф. д-р Љубомир Кекеновски

Кога зборуваме за Западен Балкан за што точно зборуваме?! За Албанија и Црна Гора, кои станаа веќе дел од атлантските (НАТО), со надеж да бидат дел и од ЕУ-структурите. За де факто поделената по сите основи БиХ, или за сѐ уште „ничиите“ Србија и Македонија. Ако се преведе најсурово длабокиот интерес, зборуваме за стратегиско решавање на Вардарско-моравската Долина и за контролата на реката Дунав во двата брега, за што засега ја има привилегијата нашиот северен сосед. Кога зборуваме за Македонија, наивно се сместуваме и субјективизираме како фактор, а тоа не сме, просто поради големината на територијата, народот и на БДП. Ние, како и сите околу нас, членки или кандидати за ЕУ/НАТО сме, за жал, само објект на големите сили со нивните игри и интереси овде.

Во врска со пошироката организација на овој простор досега се промовирани различни опции одовде и однадвор. Едната се препознава во обидот за воспоставување заедница, преку обнова на византиските традиции и империјализам, потпрен на православна база (М. Павиќ), другата низ промоцијата на трет блок земји меѓу Русија и Западот, од Балтикот до Медитеранот, промовирајќи ја словенската основа на тој простор (В. Дугин). Не заостанува ни неосманлискиот обид за реставрирање на овој простор, заснован на отоманското наследство на Балканот (Давутоглу). Но сепак, иако во експликацијата на оваа проблематика може да се користат често површни објаснувања на геостратегиски и геополитички фактори од етничко/верска природа, денес, по падот на идеолошката завеса, остана видливо да зјае празна само голата економска мотивација на „големите играчи“ за освојување нови пазaри.

Тој настап досега е присутен на нашиве простори, повеќе како политичко- безбедносно отколку економско присуство на Западот во регионот, но може да се види и низ логиката на Кинезите преку изградба на инфраструктурата – патна, железничка, речна и поморска. Како и низ настојувањата (руски) за енергетско поврзување, Јужен тек, Турски тек, а веќе стигна и нaјавата за вакви текови од Израел и од Катар како најнови енергетски коридори, кои треба да се протнат низ нашиот простор. Две претпоставки треба да се следат за и оваа „играчка“ на големите да не стане повторно „плачка“ за нас малите во регионот. Прво, да се запази целовитоста на нашиот регион – Балканот, и второ тој да биде сосема отворен кон целиот континентот, од Атлантикот до Урал. Наивно е да очекуваме дека баш овде ќе се направи нов берлински ѕид меѓу Истокот и Западот, иако и за тоа поседуваме електрицитет со долгорочно негативно полнење. Ајнштајн вели дека чадорот и умот функционираат кога се отворени, јас додавам и Балканот. Поинаку, со сите разлики и оптоварувања од минатото стануваме вулкан. Целиот 20 век трипати имавме ваква поучна реприза што го фрли регионот во беда и мизерија.

Вториот аргумент за разбирање ни вели дека ние по најдлабоката и најмоќна сила на земјописот сме исток на Западот и запад на Истокот, токму силата на географијата ни укажува дека ние мора да го почитуваме тоа. Затоа, треба да се потпреме на мудроста на претходниците и на старата практика, дека овде куќите се со главна порта, но и со комши капиџик. Мора да останеме отворени кон двете страни, бидејќи на раскрсница не се става граница. Спротивната практика од претходниот век се покажа како стратегиско промашување на рамнотежата со големи човечки загуби и економско девастирање на нашиов животен простор.

Во блиска иднина, можеби е природно да очекуваме во нагодувањето на „големите“ за нашиов регион да има политичко разбистрување во однос на сферите на влијание свртено кон својот етничко/религискиот круг, според логиката на милет-системот, но економскиот консензус за единство на овој простор треба да е конечно апсолвиран и од нив и од нас самите како превосходно наша потреба.

Над сѐ, ова треба да остане простор на наизменична, не на еднонасочна струја. Всушност, во самата ЕУ расте сознанието дека нема друг регион што може темелно да ја загрози во секој, па и во безбедносен поглед. Во таа смисла ние како Република Македонија може да претставуваме важен центар на политекономска рамнотежа, она што е Брисел за Западна да биде Скопје за Југоисточна Европа. Имено, Европа без Балканот, откажувајќи се од најстарата митологија/филозофија, нема културолошка смисла и минато на кое духовно се опира. Во строго географски поглед токму Балканот е мост, без него континентот е отсечен од големото евроазиско копно и личи на човек без нозе. Тогаш нема физичка смисла и економска иднина.