Кој колку војници има во Авганистан

604

Иако учеството на Македонија во мисијата „Одлучна поддршка“, според бројките, е незначително, експертите сметаат дека тоа е еден од нејзините најсилни адути за конечно зачленување во НАТО, но и одлична можност војската да се стекне со искуства за дејствување во високоризичните подрачја и за справување со тероризмот

Приближно две декади по соборувањето на режимот на талибанците во Авганистан, војниците на НАТО предводени од САД, заедно со војските на државите што се дел од мисијата на Обединетите нации, извршуваат мировни мисии за стабилизација на оваа блискоисточната земја и обезбедуваат поддршка за нејзината армија. Во моментов, според балканскиот сервис на „Ал џезира“, кој се повикува на информации добиени од НАТО, во рамките на мировните мисии на Алијансата во Авганистан се наоѓаат приближно 17 илјади војници од 39 држави.

Се проценува дека САД во Авганистан имаат вкупно 8.475 војници, кои се во рамките на НАТО-мисиите, како и дополнителни 25.000 војници што дејствуваат во оваа земја, но се ангажирани од приватни безбедносни компании.

На листата, според бројот на војниците во земјата, на второ место е Германија, со 1.300 војници, а потоа следува Британија со 1.100 војници…

Земјите од регионот, пак, учествуваат со релативно мали бројки во мировната мисија во Авганистан. Најмногу војници има Бугарија – 159, а потоа следува Албанија, која има 136 свои војници во мисијата. Хрватска има 106 војници, Босна и Херцеговина – 63, Македонија – 50, Црна Гора – 29, Грција – 10 и последна на листата е Словенија, со 8 свои мировници.

За обележување е и фактот дека на крајот од минатиот месец висока воена делегација ги посети македонските мировници што се стационирани во Авганистан. Во соопштението на Министерството за одбрана (МО), по овој настан, се информира дека придонесот во меѓународни операции за поддршка на мирот е стратегиска определба и висок приоритет на Владата на Република Северна Македонија, која е дел од мисијата на НАТО во Авганистан од 2002 година.

– Во рамките на тогашната мисија ИСАФ, а од 2015-та во рамките на „Одлучна поддршка“, нашата армија учествувала со над 3.000 припадници. Во моментов во „Одлучна поддршка“ се распоредени 46 припадници и 4 припаднички на АРМ, и тоа во рамките на командата на главниот град Кабул – пишува во информацијата до јавноста.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски смета дека нашата земја и натаму треба да продолжи да учествува во мировните мисии во светот. Тие, според него, досега ни беа најголем адут за членство во Алијансата, а особено сега, кога се очекува наскоро да станеме полноправна членка.

Аналитичарот овој свој став го аргументира со фактот дека со мировните мисии нашите војници се збогатуваат со практични искуства на дејствувања во високоризични региони на Блискиот Исток, каде што сѐ уште е активен исламскиот милитаризам, а потоа ова знаење што го стекнуваат војниците можат да го употребат и дома, за подобро да ги превенираат заканите од тероризмот кон државата.

[email protected]