Која храна треба да се јаде лете?

556

Летното време наложува и посебен начин на исхрана, избирање продукти што нема да ни предизвикаат мачнина по јадењето и ќе бидат полни со хранливи материи. Затоа постои храна што треба да ја избегнувате лете и храна што е добро да се јаде во топлите месеци. Еве која храна се препорачува да се јаде лете.

Печена или варена пченка

Пченка печена без масло, а со малку сол, е меѓуоброк полн со хранливи влакна и има ниска калорична вредност. Ова е одличен додаток на зелена салата. Исто така важно е да знаете, колку е пожолта пченката, толку повеќе содржи витамин А.

Лубеница

Лубеницата е одличен начин за освежување по долг ден на сонце, со оглед на тоа дека содржи повеќе од 90 проценти вода. Една чинија исечкани парчиња лубеница содржи само 44 калории.

Свеж ладен чај

Чајот нема воопшто калории, богат е со антиоксиданси, а исто така може да ви помогне да ослабете. За да ги добиете сите хранливи материи, треба сами да си го подготвите – да го сварите, па да го изладите. Црниот и зелениот чај се еднакво корисни и ладни и топли.

Ладна супа – гаспачо

Во овие летни месеци најмалку сакаме лонец на топол шпорет. Затоа ладните супи и чорби се идеално решение, а гаспачото е полно со здрави состојки, како домат, пиперка и краставица. Лесно и вкусно јадење.

Пилешки раженчиња

Можат едноставно да се приготват на скара, полни се со протеини, а содржат малку калории и масти. Кога ќе додадете зеленчук, како тиквичка (која има само 20 калории, а нула маснотии и холестерол) или свежа пиперка (полна со витамин Ц), ќе добиете летен оброк полн со антиоксиданси.


Како да избегнете труење со храна?

Придржувајте се кон следниве совети за да немате проблеми со труење во текот на топлите месеци:

1. Кога патувате на некое место, никогаш немојте да пиете вода ако не сте сигурни дека е добра за пиење. Распрашајте ги локалните жители за квалитетот и потеклото на водата од чешма.
2. Не пијте пијалаци што долго време стоеле во шише или во чаша.
3. Задолжително мијте ги рацете пред секое подготвување на храната. Овошјето и зеленчукот нека бидат убаво измиени, без разлика дали имаат или немаат лушпа.
4. Раздвојте ги продуктите во фрижидерот. Свежото месо и рибата треба да бидат одвоени од овошјето, зеленчукот и млечните производи.
5. Одржувајте ја правилната температура во фрижидерот. Оптимална температура за фрижидерот е 4 степени, а -18 степени во замрзнувачот.
6. Кога сте на некое непознато место, внимавајте во кои ресторани јадете. Избегнувајте непроверени ресторани, улични продавници за брза храна или места во кои ќе забележите лоши хигиенски услови.
7. Избегнувајте храна со многу сосови во неа, како и недоволно термички обработени месо, риба или морски плодови.