Кошаркарите се на чекор до следните претквалификации

196

Македонија со победата над Словачка е блиску до пласман во вториот круг претквалификации за ЕП 2021, а за тоа треба уште во дуелот со Швајцарија на гости да не загуби со повеќе од 15 поени разлика, колку што беше совладана Швајцарија во Скопје

Одигравме добро, со минимални грешки, кои треба да ги поправиме, Словаците сега беа подобри отколку на првиот меѓусебен дуел, а малку и нѐ изненадија со ударот за три поени. Се обидов да им дадам шанса на сите, можеби сите не одиграа максимално, но секој придонесе за да се забележат новите бодови, рече селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Јорданчо Давитков, по победата над Словачка во третиот меч во претквалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2021 година.

Македонските кошаркари тоа што го посакуваа и го остварија. По победата на гости (74-66), во СЦ „Јане Сандански“ во неделата вторпат беше поразена Словачка, овој пат со 87-74 (25-21, 27-16, 18-20, 17-17). Центарот Ричард Хендрикс имаше т.н. дабл-дабл ефект (23 коша и 13 скока), капитенот Војдан Стојановски постигна 13 поени, а Бојан Трајковски 14 коша. Кај противникот по 17 поени впишаа Ричард Корнер и Куле Курич, а Мартин Билик 12 поени.

Македонија со овој триумф е на чекор до освојување на првото место во претквалификациската група А, и за да остане на таа позиција во последниот дуел со Швајцарија на гости (28 јуни), не смее да загуби со повеќе од 15 поени разлика, колку што беше совладана Швајцарија во Скопје (83-68). Згора, Швајцарците ќе треба потоа да ја победат и Словачка на гости.

Ако Македонија го мине овој прв претквалификациски циклус за ЕП, ќе го игра и вториот, и тоа со селекциите што во европските квалификации за настап на Светското првенство (СП) во 2019 година ќе завршат на четвртата позиција во групите Ц и Д. Според моментната позиција, засега тоа се Косово (Ц) и Хрватска (Д), и двете со по три порази од три средби.