Користењето лежалки и чадори по 17 часот ќе биде бесплатно

200

На плажите во Црна Гора оваа сезона ќе има повеќе ред, а новина е тоа што на туристите што ќе доаѓаат по 17 часот нема да им се наплатува за лежалка и за чадор. Ова го најави Предраг Јелушиќ, директор на јавното претпријатие „Морско добро“, кое стопанисува со тесниот крајбрежен појас.

Летово на црногорските плажи ќе го нема шаренилото од рекламни чадори за сонце, а закупувачите на плажите ќе мораат строго да го почитуваат правилото половина од просторот да биде обезбеден за гостите со пешкири, пренесува „Вечерње новости“.
– Годинава капачите што доаѓаат на плажа по 17 часот нема да мораат да плаќаат за користење лежалка и чадор, што досега беше задолжителна „влезница“. Исто така, и комуналната хигиена ќе биде подигната на повисоко ниво – вели Јелушиќ.

Професорот на Туристичкиот факултет во Будва, Иво Жупановиќ, предупредува дека плажите на југот на Црна Гора стануваат сѐ потесни за капачите. Во шпицот на сезоната за гостинот остануваат едвај три квадратни метри плажа, иако светските стандарди се поинакви и се утврдени од пет до осум квадрати за еден посетител.

Директорот на „Морско добро“ вели дека ова е последица на урбанизацијата, која достигнала големи размери. Покрај атрактивните плажи се изградени голем број солитери и други згради со многу станови и апартмани. Изградбата на вакви објекти продолжува. Градежни работи има и во главната туристичка сезона. Капацитетот на плажите е лимитиран, што ја намалува заинтересираноста кај потенцијалните гости, кои бараат повеќе простор и мир додека се одмораат, пишува „Новости“.

Од Министерството за туризам и од јавното претпријатие „Морско добро“ велат дека проблемот со привремените објекти на шеталиштето во Будва ќе биде решено за некој ден. По сѐ изгледа, дискотеките, отворените шанкови и други објекти ќе продолжат да работат на старите локации и ова лето. Намерата е да се пронајдат алтернативни локации за што се работи подолго време.