Концерт во чест на Саша Николовски-Ѓумар

690

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија во чест на својот долгогодишен соработник, еден од најзначајните и најистакнати диригенти и професори Саша Николовски-Ѓумар (1966-2017), ќе одржи концерт на 21 април во салата на Македонската филхармонија. Камерниот оркестар на МММ низ својата богата историја остварува многубројни успеси низ најпрестижните музички центри во Европа.

Концертот ќе се реализира под раководство на една од најперспективните диригенти од младата генерација, Дијана Имери Илкоска, која по дипломирањето во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар бележи многубројни успеси и соработки со престижни оркестри и ансамбли како Македонската филхармонија, Македонска опера и балет, Оркестар и хор на Бугарското национално радио, Камерниот оркестар на МММ, Камерниот и Симфонискиот оркестар на ФМУ, Мешаниот хор при ФМУ и други престижни ансамбли. Како гостин-солист на концертот ќе настапи еден од нашите најбарани пијанисти со европско реноме, Дино Имери, кој ќе го изведе Концертот бр.4 од Л. ван Бетовен веднаш по своите гостувања во Загреб (каде што потпиша ексклузивен договор со менаџерската куќа „Кристофориум арт“) и Софија (каде што третпат соработува со престижната Софиска филхармонија). На другиот дел од програмата ќе бидат изведени композиции од Ј.С. Бах и В.А. Моцарт. Концертот се реализира во организација на Музичката младина на Македонија и Македонската филхармонија.