Концерти, хуманитарни и спортски настани за роденденот на Тоше

525

Целодневни крводарителски акции ќе се одржат во Скопје и во Крушево, каде што
во „Спомен-куќата на Тодор Проески“, со пригоден настан, ќе биде одбележан роденденот на нашата најголема музичка ѕвезда

На 25 јануари, роденденот на најголемата македонската музичка ѕвезда Тоше Проески, традиционално ќе бидат одржани голем број хуманитарни, музички и спортски настани.
Споменот на македонскиот ангел, кој трагично го загуби животот на 16 октомври 2006 година во сообраќајна несреќа во Нова Градишка, Хрватска, го чуваат и неговите обожаватели од регионот, но и од целиот свет, кои постојано го посетуваат неговото вечно почивалиште во родното Крушево, а голем број од нив најавија дека и годинава ќе дојдат.

Традиционално, на 25 јануари, по петнаесетти пат ќе биде организирана голема крводарителска акција посветена на Тоше Проески, кој, освен со својот глас, ги усреќуваше луѓето и со својата хуманост.

И овој пат организатори на крводарителската акција се Црвениот крст на градот Скопје, општинската организација на Црвениот крст – Центар, Институтот за Трансфузиона медицина и „Тоше фан форум клубот“. Поддршка кон акцијата ќе дадат и волонтерите од „Клуб 25“, во кој членуваат млади крводарители. Акцијата ќе се реализира в петок, во холот на Домот на АРМ, од 9 до 17 часот.

– Ликот и хуманото дело на Тоше Проески се позитивен пример и поттик за многу млади личности, кои токму на овој датум даруваа крв, но и мотивација за повеќекратните дарители да продолжат со хуманиот чин – велат од Црвениот крст.

Исто така, на денот кога Тоше ќе наполнеше 38 години, крводарителска акција ќе се реализира и во неговото родно Крушево.

– Традиционално, крводарителската акција ја организираме секој негов роденден, бидејќи и самиот Тоше беше крводарител. Акцијата ќе почне во 9 и ќе трае до 16 часот – соопштија од Црвениот крст – Крушево.

Според најавите, откако ќе биде положено свежо цвеќе на вечното почивалиште на Тоше на Гумење, во 12 часот со настап на Сотираки Чакалар ќе почне манифестацијата во „Спомен-куќата на Тодор Проески“.
Гостите ќе ги поздрават градоначалникот на општината Крушево, Томе Христоски, и директорката на установата, Елена Мирчевска, а ученици од СОУ „Наум Наумовски-Борче“ ќе читаат извадоци од песни на Тоше. Во текот на манифестацијата ќе се одвива и креативна работилница, со учество на ракотворци од Битола, а ќе бидат доделени и награди и благодарници. Со свои музички точки ќе настапат Марија Котеска и Елена Ристеска.

Исто така во „Планет“, омиленото кафуле на Тоше, во Крушево ќе се одржи хуманитарна вечер за помош на социјално загрозена мајка со четири деца, а членка на клубот на обожаватели на Тоше Проески, Ралица Иванова, токму тука вечерта ќе го прослави својот 26-ти роденден.

Роденденот на Проески ќе биде одбележан и во Битола, каде што на 26 јануари, во Центарот за култура ќе се одржи концертот „Засекогаш во срцата“, со учество на Камерниот оркестар и познати македонски пејачи, кои ќе изведат дел од најголемите хитови на Тоше. На концертот ќе настапат: Елена Ристеска, Наде Талевска, Ѓоко Танески, Димитар Андоновски, Антонија Гиговска, Бојан
Стојков, Елена Петреска, Тамара Стојковска и Ана Гаштарова.

Ликовното студио „Св. Кирил и Методиј“ и годинава ќе го организира настанот „Тоше Проески има само ден на раѓање“.
Исто така, во скопската општина Карпош, деновиве беше организиран и меѓународен турнир во мал фудбал во чест на Проески.

– Тоше беше и сѐ уште е нашата најголема музичка ѕвезда. Уметник, кој беше пример за сите генерации. Личност што сите ја сакаа, а неговата хуманост и солидарност секогаш беа во преден план. Нашата обврска денеска е да го негуваме неговото дело. Преку ваков вид спортски настани да се потсетиме на вредностите што Тоше ги споделуваше, на ферплејот, спортскиот дух, позитивната енергија – рече градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев при отворањето на меѓународниот турнир во мал фудбал.

Првото место го освои екипата од Нова Градишка, Хрватска, втор е тимот од Корча, Албанија, а третото место ѝ припадна на екипата од Крушево.