Контроверзии околу социјалната мрежа Фејсбук

211

Фејсбук се соочува со уште еден удар на модерната демократија. Ако од една страна оваа мрежа значеше слобода на говор, денес се креира перцепција дека Фејсбук е инструмент за пренос на говор на омраза, расна и верска дискриминација, предизвикување насилство па и разни други девијантни појави како рецидиви на негативната страна на оваа материја

Денес сме повторно сведоци на нов удар врз Фејсбук по објавата за „протекување информации“ од оваа популарна социјална мрежа. Многу истражувања покажаа дека за многумина оваа социјална мрежа е начин на комуникација со светот, начин на учење и споделување, начин на секојдневно живеење. Предностите од користење на „мрежата што живот значи“, се навистина многу големи во сите општества, но тоа е тема за некои од социолозите. Како и да е, денес Фејсбук се соочува со уште еден удар на модерната демократија. Ако од една страна оваа мрежа значеше слобода на говор, денес се креира перцепција дека Фејсбук е инструмент за пренос на говор на омраза, расна и верска дискриминација, предизвикување насилство па и разни други девијантни појави како рецидиви на негативната страна на оваа материја.

Во изминатиот период медиумите креираа една нова перцепција кај американските граѓани во однос на американските избори. Имено, перцепцијата е дека Трамп ја доби победата благодарение на лажните вести што беа ширени од оваа социјална мрежа (иако не треба да се заборават Реддит, ГуглПлус или Твитер). Слободниот Американец почувствува моќ, моќ да ги казни оние што ги сметаше за виновни. Па, така, гласачите гласаа за Трамп не затоа што се согласуваат со него туку затоа што лутината што ја чувствуваат кон еден скршен политички систем, можеа да ја канализираат токму на гласачкото ливче. Понатаму, најголем дел од гласачите на Трамп беа Американци, или како што се нарекуваат себеси отпадници. Тие се чувствуваат како дисиденти на еден застарен политички систем, кој не дава нови перспективи. Па, така, на социјалните мрежи можеше да се забележи дека најголемите фејсбук-групи го носеа името „отпадници“ и истите тие имаа најголем број членови. Психолошката индоктринација од социјалните мрежи направија буквално бум за време на изборите. Немањето законска регулатива за сајбер-просторот предизвика буквално сатанизирање на политичките опоненти. Германија во пресрет на парламентарните избори во 2017 година иницираше закон со кој се предвидуваат затворски казни за сите оние што ќе шират лажни информации, кои одат во прилог на некој од кандидатите. Кон ова се придружи и Франција барајќи од Фејсбук да создаде паметен алгоритам што ќе ги филтрира ваквите вести. Фејсбук ја унапреди работата на алгоритмите и речиси успешно се справи со таканаречените лажни вести (кои патем беа верна копија на официјалните американски медиуми). Тамам се заборави аферата со Фејсбук, утрово сите медиуми ја пренесоа веста за масовно бришење на фејсбук-профилите од страна на фејсбук-корисниците. Причината за тоа е најновата вест дека личните податоци на 50 милиони луѓе беа украдени и злоупотребени без одобрение од „Фејсбук“, а потресот се почувствува во Вашингтон, Лондон и во целиот свет.

Американските службеници повикуваат на истрага, додека кампањата #DeleteFacebook се вжештува, а Марк Закерберг не се огласува. Наедно неговите лути ривали почнаа кампања преку медиумите со објавување упатства како да го деактивирате својот профил на „Фејсбук“, а има повици и корисниците да се откажат од другите сервиси што функционираат под капата на „големото Ф“ – „Инстаграм“ и „Ватсап“. По повод аферата се огласија и многумина поранешни светски лидери и недржавни актери чие мислење има влијание на политичката сцена и чија остра реторика имаше влијание на падот на цената на акциите на компанијата Фејсбук. Аферата изби откако претседателот на Аналитика Кембриџ во тајно снимен разговор со новинар што се претставил како репрезент од Шри Ланка ги побарал услугите на компанијата заради извојување победа на изборите, изјавил дека ги поседува сите податоци собрани преку Фејсбук и дека истите тие би можеле да влијаат на текот на изборите аналогно како на изборите во САД.

Улогата на компанијата е во анализа и креирање профил на секој корисник и испраќање соодветни содржини за негово меко индоктринирање заради постигнување политичка цел. Светските аналитичари сметаат дека ова е одмаздата на Големиот брат поради мешањето во американските избори. Според Гај Верховстад, поранешниот белгиски премиер и претседател на Сојузот на европските либерали и демократи во европскиот парламент, потребна е демократска контрола на социјалните мрежи особено околу нивното влијание во политичките процеси. Тоа само по себе е оксиморон бидејќи несомнено е дека на тој начин се прави и контрола на јавното мислење што е спротивно на слободата на мислење и говорење. Како и да е, за Закерберг и за корисниците на Фејсбук почнува нова ера на користење на социјалните мрежи.