Колонизирана култура, конзервирана култура

1080

Нацистичкиот офанзивен тенк денес е заменет со капитал. Тој освојува култури, не територии. А штом се освои култура, освоени се и територијата и националниот идентитет. Националниот идентитет најлесно се уништува ако прво се уништи културниот

За глобализацијата се напишани цели библиотеки книги. Некои тврдат дека е завршена, некои велат дека таа е проект што трае и ќе трае. Јас мислам дека за нас, на Балканот, а особено за Македонија, таа е целосно завршена. Глобализацијата, впрочем, постоела отсекогаш и непрекинато: откако постојат империите и колониите, постоела и желбата да се забоде знамето на унификацијата на сите територии каде што живеат Другите. Да се сетиме на Римската Империја, на Крстоносните војни, Византија, Отоманската Империја, на Третиот рајх, на комунизмот како глобална утопија. Но глобализацијата во онаа смисла во која го употребуваме овој термин денес почна да станува видлива доста доцна: некаде од половината на минатиот век, со експлозијата на потрошувачкото општество и либералниот капитализам, кои, како што паѓаа ѕидовите на социјалистичкиот блок, им стануваа достапни на „источните“ и „некапиталистички“ земји. Почна тоа како постмодерен проект на рециклажа на познати кодови во уметноста (постмодерна интернационална уметност), продолжи како светско братство на интернет-корисници со најбрз пристап до информации и од најоддалечените точки на планетава (Маклуановото „глобално село“), а заврши со рециклажа на држави и со нов геополитички глобус.

Зад сето тоа стои еден политичко-економски проект: либералниот капитализам. Тој подразбира суспензија на сите досегашни морални начела. Но моралните начела најпрвин се раѓаат во националните култури и се разликуваат од култура до култура. Ако (по ручек) ждригнеш во Јапонија и ждригнеш во Европа, првото е знак на пофалба на домаќинката, а другото е знак на некултура. Затоа, глобализацијата подразбира и суспензија на националните култури и нивните етички начела. Национализмот е мртов, извикува Јувал Ноа Харари, во својата привлечна научна книга (светски бестселер) „Сапиенс, кратка историја на човечкиот род“. „Светот сè уште е политички фрагментиран, но државите со голема брзина ја губат независноста. Ниедна држава не е во состојба да води независна економска политика, да објавува и да води војна по сопствено наоѓање, па дури и да води внатрешна политика како што ѝ одговара“, вели тој. Значи, не е само Македонија држава на „далечинско управување“. Почнува нова ера на „интернационализмот“, кој некои го викаат и космполитизам. Но некои мислители во овој нов глобализациски налет препознаваат веќе познати сценарија: нацизмот и комунизмот исто така беа обиди за униформирање на целата планета. Тоталитаризмот е очигледно поим поширок од нацизмот, комунизмот и глобализацијата, и затоа критичарите на глобализацијата во неа гледаат нов налет на тоталитаризмот.

Нацистичкиот офанзивен тенк денес е заменет со капитал. Тој освојува култури, не територии. А штом се освои култура, освоени се и територијата и националниот идентитет. Националниот идентитет најлесно се уништува ако прво се уништи културниот. Метастазата (медицински термин) како капиларно освојување на светот е моделот по кој се одвива културната колонизација (глобализација) денес. Се почнува од законската регулатива (права на малцинства од секаков вид), потоа се поминува на униформност на образованието (што повеќе идиоти со дипломи, парцелизирана супспецијалистичка интелигенција што не ја гледа целината на светот), а откако образованието метастазирано ќе заболи, се поминува на уметностите, кои стануваат „интернационални“ и ги напуштаат националните архетипови. Тоа е пат од Јунг кон Трамп и Меркел. Се промовира еден нов тип „соцреализам“ или тематска глобална уметност, додека за уметничките вредности или за националните посебни корени на таа уметност веќе не се води сметка. Наскоро ќе биде сосема сеедно дали дејството на некоја драма, роман или филм се случува во Тунгузија, Македонија или САД, зашто ќе се верува дека проблемите на луѓето секаде се – исти. Камо среќа да беше така! И јас би сакал! Но приказната на еден роман за универзитетски професор од Македонија не може никогаш да биде иста со приказната за еден универзитетски професор од Кембриџ, зашто првиот роман е нужно трагедија (со 700 евра плата на главниот лик), а другиот мелодрама: што и да му се случи на богатиот професор, на крајот следува мелодрамски расплет – „и волкот сит и овците на број“. Земањето медицински термин (метастаза) како модел за денешната постколонизација на светот не е случајно: познато е дека медицинската мафија е прва меѓу глобализирачките алатки на светот.

Нашите деца веќе примаат исти вакцини како и сите други деца од Западот. Води ли некој сметка дека БАРЕМ вакцинацијата зависи од локалните географски услови? Не се потребни исти вакцини за децата од Шведска, од Македонија и од некоја маларична африканска земја. Јасно е дека секоја унификација е глупост, ако не се однесува на универзалиите, кои важат за сите луѓе на планетата. Унификација не е исто што и стандардизација. Иста волтажа на струја за сите корисници на светот не е глупост, туку стандард; но уметнички дела со иста тема за сите читатели од светот е – тоталитаризам, односно унификација.

Со глобализацијата не се добија колонизирани земји туку КОЛОНИЗИРАНИ КУЛТУРИ. И нашата, македонска култура во добар дел веќе е глобализирана и колонизирана. Затоа треба да се свртиме кон процес на конзервација (зачувување) на нашата мината култура. Покрај негувањето на „европски ориентирана култура“ (без разлика што се подразбира под тоа), треба грижливо да собереме и дигитализираме СÈ што досега оставиле нашите претходници од добата на предглобализираниот свет. Тогаш постоеше единствено поимот на националната култура. Дури и поимот „светска книжевност“ беше букет од национални книжевни богатства (со „универзални пораки“). Треба да се создаде еден македонски и балкански архив на сите предглобализациски национални епистеми и традиции. Да се знае што било, а што доаѓа. Така, еднаш јасно ќе се види зошто на некогашните фотографии нашите предци биле природно насмеани, а сега, на самосликот, луѓето се смеат како да проголтале кило ботокс или силикон. Толку.