Колку (не) сме милосрдни?

176
„Рома“

Педесет и деветти Филмски фестивал во Солун

Специјално за „Нова Македонија“ од Солун: Стојан Синадинов

Како да програмирате фестивал со програма што ем ќе биде во дослух со најактуелните социјално-општествени тенденции, ем ќе има филмови што се гледливи за широката публика и, на крајот, нема да биде растргнат од страна на филмските критичари?

Веднаш да се разбереме, колку често да сме ја поставувале оваа дилема, таков филмски фестивал нема. А и не треба да има: ако уште од римско време важи поговорката дека за вкусовите не треба да се расправа, тогаш годинешното издание на Солунскиот филмски фестивал, кој се одржува од 1 до 11 ноември, има некаков помирлив тон со барања што се опишани погоре.

Од друга страна, пак, токму еден „детаљ“ од ерата на споменатата поговорка е тема за концептот на годинешното издание – римско милосрдие (caritas romana). Се работи за класичниот мотив, иако не многу познат но сепак употребуван во уметноста, на римското милосрдие инспириран од грижата на Перо за Симон. Стариот Симон во Стариот Рим бил осуден на смрт со гладување, фрлен во зандана, со рацете врзани зад грбот. Неговата ќерка Перо, во тој период мајка-доилка, тајно го доела, па Симон си ја враќал силата, но и вербата во животот и семејството. Овој мотив повремено бил инспирација за уметниците, а делото на славниот фламански сликар Петер Паул Рубенс, насловено „Симон и Перо (римско милосрдие)“ од првата половина на 17 век се смета како најпластична ренесансна рефлексија на старата римска тема и е една од „иконите“ на музејот „Ријкс“ во Амстердам.

„Крадци“

Зошто фестивалот во Солун ја избрал оваа тема за свој концепт на натпреварувачката селекција на годинешното издание на фестивалот? Уметничкиот директор Орестис Андреадакис напиша дека „идејата е да се преиспита оваа приказна во светлото на современите теории за улогата на жената, слабеењето на патријархатот и различните нормативи на родовите улоги“. Затоа, тие различни нормативи раѓаат различни наративи за можностите на родовите на социјалното поле. Ако Перо пред 25 века можела да ги скрши нормите, но и Симон да ги „голтне“ предрасудите и гордоста со мајчиното млеко на ќерка си, тогаш каде сме ние денес со нашето милосрдие? Изгледа комплицирана таа релација татко – ќерка – мајка? Која е границата што ја исцртуваат родовите начела од памтивек до денес? Која е улогата на жената во општеството, каква е важноста на семејството за истото тоа општество, но и за единката?

Ова издание на филмскиот фестивал избра 15 први или втори филмови на автори во светот во обидот барем делумно да одговори на поставената тема. Фестивалот го отвори стариот добар јапонски мајстор Хироказу Коре-Еда, со неговото најново остварување „Крадци“(„Shoplifters“), а следната недела ќе го затвори „Девојка“ на белгискиот режисер во подем Лукас Донт. И двата филма се надвор од конкуренција, но и двата филма совршено ја отсликуваат темата што си ја задале фестивалските програмери. Коре-Еда, кој со овој филм ја освои „златната палма“на годинешното издание на Канскиот фестивал, од навидум обична случка, создава минуциозно преиспитување на денешниот формат на семејството во Јапонија, но, секако, и во универзални рамки. Главниот лик и неговиот син наоѓаат напуштено и смрзнато девојче, па сопругата ќе се согласи да ја земат и да ја згрижат, иако се сиромашни и одвај врзуваат крај со крај, сожалувајќи се на нејзината трагична приказна. Семејството во постојана трка за гола егзистенција, сепак, е среќно, но еден инцидент ќе започне да ги открива скриените тајни и ќе ги стави на тест дотогашните цврсти семејни врски…

„Живот во синџири“

Во „Девојка“, пак, кој имавме можност да го видиме во натпреварувачката конкуренција на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола пред еден месец, одличниот млад актер Виктор Полстер ја отелотворува хермафродитската личност на момчето што станува девојката Лара. Токму терминот „отелотворува“ веројатно е најподатлив за неговата креација: Лара има 15 години, сака да биде балерина, а нејзината трансформација по пат на хормонални терапии и хируршка интервенција е во тек. Но и најдобрата желба и поддршка од страна на таткото со скромни примања (се работи за еднородно семејство), не значи дека тој пат е без трње…

Во првиот дел од натпреварувачката програма на фестивалот ги видовме минимализмот на тајландскиот режисер Футифонг Аронфенг во „Манта реј“ („Ѓаволска риба“ би бил тематскиот наслов), во неговата сторија за тоа што може да ви возврати милосрдието; преиспитувањето на цената за успех во кариерата, и тоа актерска, како приземна алузија, во „Живот во синџири“ на американскиот автор Арон Шимберг; траумите од детството поминато во семејство што како да е осудено на неуспех, преточени во лична, автобиографска рефлексија „Реј и Лиз“ на британскиот автор Ричард Билингем; општественото жигосување на млада девојка од Мароко, која раѓа вонбрачно дете, па, освен со презирот од сопственото семејство, се соочува со затворска казна, во „Софија“ на мароканско-француската авторка Мерием Бенма Барек; социјалната дисфункција на еден старомоден келнер што е патолошки собирач на информации во „Келнер“ на грчкиот автор Стив Крикрис…

За наградите златен и сребрен „александар“, како и наградите за најдобар режисер, сценарист, актери и уметничко достигнување ќе одлучи жирито, составено од Сандра ден Хамер (програмска селекторка на неколку европски фестивали и директорка на Филмскиот музеј во Амстердам), романскиот режисер Раду Џуде, иранската актерка Фатемех Мотамед-Арја (протагонистка во филмовите на Абаз Кјаростами, Мохсен Макмалбаф и др.), грчката историчарка на уметноста Сираго Сијара и шпанскиот композитор на филмска и театарска музика Алфонсо де Вилалонга.

Солунскиот фестивал и годинава, како секогаш во последниве дваесетина години, ја одржува одличната програма „Балкански преглед“. Нејзиниот селектор Димитрис Керкинос знае непогрешливо да ја сумира сезоната на балканските кинематографии со префинет избор на филмови што се естетски и политички значајни за регионот. За годинешната балканска програма, во која учествува и краткиот македонски игран филм „Види ја ти неа“ на Горан Столески, повеќе во наредниот извештај.
На ова место само напомената дека „Балканскиот преглед“ и годинава врви од одлични романски филмови, па селекторот Керкинос воопшто не згрешил што омажот, како специјален дел од програмата, им го посветил на филмовите што му претходеле на новиот бран на романскиот филм, трасирајќи му го патот до денешната актуелност и слава.

Солунскиот фестивал и годинава не пропушти да ѝ претстави на публиката некои од најзанимливите наслови, кои, на овој или оној начин, ја обележија сезоната на престижните фестивали низ Европа. Така, не чуди огромниот интерес на публиката за новиот филм „Рома“ на Алфонсо Куарон, со кој победи на последниот Венециски фестивал. Филмот е црно-бел еп за личното авторско видување на Мексико во почетокот на седумдесеттите години од минатиот век, продуциран од денес сеприсутниот Нетфликс.

Од другите автори, треба да се издвојат и победничката на годинешното „Берлинале“, Адина Пинтилие, со филмот-есеј „Не допирај ме“, новиот филм на оскаровецот Ласло Немеш, „Зајдисонце“ (филм што авторот го планирал да го снима пред наградуваниот „Синот на Шаул“), како и најновото остварување на Раду Џуде, „Не се грижам ако во историјата влеземе како варвари“, на малку осветлената тема за нацистичкиот карактер на романските власти за време на Втората светска војна.