Колку е распространет ултрадесничарскиот екстремизам?

54
Во Крајстчрч беа убиени најмалку 50 лица

Нападите врз двете џамии во Нов Зеланд повторно ги актуализираа прашањата за раширеноста и заканите од крајно десничарскиот екстремизам

Британскиот министер за безбедност деновиве изјави дека е „совршено можно“ ултрадесничарски напад да биде извршен и во Британија, што предизвика загриженост за радикализацијата на лицата на Интернет. По нападите врз двете џамии во Нов Зеланд, одново се отворија прашањата за распространета и заканите од овој облик насилен екстремизам.

Пред минатонеделниот напад во Крајстчрч, во кој ултрадесничарски екстремист од Австралија уби најмалку 50 лица, Нов Зеланд и Австралија нагласуваа дека главен безбедносен ризик за нив е исламистичкиот тероризам. И најновиот годишен извештај на безбедносните и разузнавачките служби на Нов Зеланд не упатува на крајно десничарски екстремизам. Во извештајот од 2017 година на австралиските безбедносни и разузнавачки служби се вели дека земјата има ниско ниво на овој тип насилства и дека едно лице е обвинето за ултрадесничарски тероризам во 2016 година. Извештајот не ја отфрла можноста од напади, но нагласува дека евентуалните напади на ултрадесничарските екстремисти „веројатно би биле насочени кон муслиманската или кон левичарската заедница, дека би биле со низок капацитет и дека веројатно би биле извршени од самостоен напаѓач или од мала група на периферијата на поорганизираните групи“.

На Стариот Континент, Европол регистрирал пет ултрадесничарски терористички заговори во 2017 година, сите во Британија. Тие се дел од вкупно 205 потенцијални или успешни напади што ги забележале европските разузнавачки агенции, меѓу кои имало 137 „сепаратистички“, 24 „левичарски“ и 33 „џихадистички“ напади. Во 2017 година биле уапсени вкупно 1.219 лица осомничени за тероризам. Од нив, 20 биле класифицирани како ултрадесничарски екстремисти, а 705 како џихадисти.

Глобалниот индекс на тероризмот е годишен извештај, изведен од базата на јавно достапни податоци на Универзитетот во Мериленд, кој исто така ги следи инцидентите извршени од екстремната десница во Западна Европа. Неговиот број на ултрадесничарски терористички „инциденти“ е многу поголем од официјалните бројки од разузнавачките агенции, а објаснувањето е во различните толкувања за тоа што претставува терористички инцидент. Во Западна Европа, базата на податоци покажува 28 десничарски терористички инциденти во 2017 година, во споредба со само еден во 2007 година.

Во Британија, комесарката за борба против тероризмот, Сара Кан, изјави дека ултрадесничарските активисти во земјата се „добро организирани и професионални“ и дека „активно се обидуваат да регрутираат други лица“, иако не обелодени официјални бројки.

Од друга страна, разузнавачките агенции откриваат дека од вкупно 18-те осуетени напади во Британија од март 2017 година, четири се извршени од припадници на екстремната десница. Во изминатите години е зголемен и бројот на лица вклучени во владината програма против екстремизам „Спречи“.

Во 2017 и во 2018 година, во земјата имало 7.318 вклучени лица, од кои 1.312 се од екстремната десница. Зголемен е и бројот на лицата што добиле поддршка за справување со екстремизмот. Од 2012 и 2013 година, бројот на ултрадесничарите во Британија што добиле поддршка се зголемил за речиси 300 отсто, додека бројот на исламистичките екстремисти се зголемил за 80 отсто.
Во Германија, властите регистрираат „политички мотивирани“ дела. Во 2017 година се регистрирани 39.505 такви дела, од кои половина им се припишуваат на лица со десничарски идеологии, вклучувајќи и 1.130 насилни дела (иако повеќе насилни дела ѝ се припишуваат на крајната левица). Ултрадесничарите извршиле и 300 напади врз азилантските центри во 2017 година, иако ова претставувало намалување за две третини во однос на бројот од претходната година.

Во Холандија, Министерството за внатрешни работи оценува дека екстремната десница главно врши ненасилни или помали деструктивни дејства.
– Иако ограничен број активисти на ултрадесницата се подготвени да извршат насилство, тие ретко ги реализираат своите намери – нагласува Министерството.
Сепак, фондацијата „Ана Франк“, организација што спроведува истражувања со Министерството за внатрешни работи, вели дека идентификувала пораст на бројот на активни членови на десничарските екстремистички групи, од 90 во 2011 година на 250 до крајот на 2016 година.

Во САД, во периодот од 2002 до 2017 година се регистрирани 86 ултрадесничарски инциденти со 62 жртви, според Глобалниот индекс на тероризмот. Повеќето жртви се регистрирани во изминатите три години, при што девет лица беа убиени во црква во Чарлстон во 2015 година, додека 11 настрадаа во напад врз синагога во Питсбург во 2018 година.

Во 2011 година, американското министерство за домашна безбедност објави стратегија против насилниот екстремизам со грант од десет милиони долари.
Една од групите што добиле средства, „Живот по омразата“, вели дека помогнала да се дерадикализираат „стотици, ако не и илјадници“ припадници на расистичките движења на белците. Во 2018 година, само 11 дена по масакрот во Питсбург, финансирањето на оваа програма е откажано


Како се откриваат овие терористи

Историски гледано, потешко е да се открие ултрадесничарскиот тероризам во западните земји поради неговата раштрканост, смета Рафаело Пантучи, директор на Меѓународните безбедносни студии во Лондон.
Истражувањата на неговата организација покажуваат дека десничарските терористи во Европа главно се самостојни напаѓачи. Кај нив се помали шансите да покажат забележителни промени во однесувањето или да дискутираат за плановите за напад со пријателите или со семејството, за разлика од исламистичките екстремисти. Податоците покажуваа дека 40 отсто од ултрадесничарските самостојни терористи се откриени случајно, за разлика од 12 отсто од исламистичките терористи.
– Сепак, сѐ почесто гледаме како изолирани поединци меѓусебно се поврзуваат на интернет – вели Пантучи, додавајќи дека ваквите податоци можат да им помогнат на разузнавачите полесно да го следат ултрадесничарскиот тероризам.
Тој нагласува дека разузнавачите сѐ уште сметаат дека ултрадесничарскиот екстремизам претставува помала закана од исламистичкиот екстремизам.