Колку Германија ја притиска Грција за решение на спорот за името?

1317

Германски „подарок“ до Атина, односно нешто што би им одело во прилог на Ципрас и на неговите изборни планови е она што планира да ѝ го даде Германија на Грција доколку се постигне договор за името. Според неименувани веродостојни европски извори, во заднината на спорот за името се водат паралелни, дополнителни преговори меѓу Атина и Берлин. Имено, во овие преговори Германците му ветиле на Алексис Ципрас помош со силна политичка корист за него и за СИРИЗА, како на пример тоа дека „антикризната мерка кратење на пензиите ќе се одложи за шест месеци“. Но пред тоа Ципрас мора да постигне договор со неговиот колега Зоран Заев

Разврската на настаните за спорот за името не прекинува да ги полни страниците на грчкиот печат. Така, атинскиот весник „Та неа“ во своето вчерашно издание пишува дека Атина се пазари со Берлин за решение за името. Ако се реши прашањето за името, тогаш антикризната мерка кратење на пензиите ќе се одложи за шест месеци. Ова, според весникот, е ветувањето од Берлин до Атина, во разговорите за затворање на долгогодишниот спор, но и одговор што би добила грчката страна од тоа. Весникот, повикувајќи се на европски извори, во својата анализа истакнува дека веќе изгласаната мерка за кратење на пензиите во Грција што треба да стапи во сила од 1 јануари 2019, би се одложила за шест месеци подоцна, како германски „подарок“ до Атина, доколку се постигне договор за името, нешто што би им одело во прилог на Ципрас и на неговите изборни планови.

Според неименувани веродостојни европски извори, во заднината на спорот за името се водат и дополнителни преговори меѓу Атина и Берлин. Според весникот, во овие преговори Германците му ветиле на Алексис Ципрас помош со силна политичка корист за него и за СИРИЗА ако се постигне договор за името со Скопје во договор со неговиот колега Зоран Заев.

– Станува збор за префрлање за шест месеци подоцна на мерката за кратење на пензиите – пишува весникот и додава дека со тоа Владата би можела да земе длабок здив, што ќе му го отвори патот на Ципрас кон распишување избори во мај 2019. Во меѓувреме, по публикувањето на овие информации, тамошната јавност беше поприште на бурни реакции, а опозицијата ја обвини Владата за водење тајни преговори. – Владата треба да им ја каже вистината на Грците: преговара тајно решение на скопското прашање за да добие во замена шестмесечно одложување на кратењето на пензиите, што е обврска што самата влада ја презеде со својата политика. Да или не?

Грците треба да знаат – истакна портпаролката на Нова демократија, Марија Спираки. Од друга страна, пак, грчкото МНР за новинската агенција АНА-МПА изјави дека бара сериозност од портпаролката на опозициската партија кога ги коментира случувањата поврзани со преговорите со Скопје, а од кабинетот на Ципрас по повод текстот на „Та неа“ велат дека се недостојни за коментирање секојдневните „бедни написи во медиумите“.