Книжевник – секогаш упатен кон врвното

49

Бранко Цветкоски

Литературниот профил на Санде Стојчевски, македонскиот лирски и поетолошки трагач по врвното, крајното и недостижното, кој деновиве ја исполнува седмата деценија од животот, се заокружува како еден од најзначајните во современата македонска литература, особено во нејзиниот поетски и поетолошки корпус. Оваа оцена ја темелиме врз вредностите на делата што Стојчевски ги оствари во доменот на промислувањето на поетската уметност, каде што бележиме редица непремостливи дела, како што се „Возбудата на јадрото“, „Големата побуда“, „Радоста од читањето“, „Страв од тишина“, „Совршенство или совршенство“, „Великата лирска песна“, „За восхитот и за пораката“ и други, кои повеќе децении ги брануваат со својата полемичка втемеленост книжевните состојби во Македонија, но пред сѐ на книгите од доменот на директната лирска примена што од првата „Кралот на лебедите“ до најновата „Јаз во јазикот“ се омеѓија, заедно со неколку поетски книги за деца и со преводите на неговите поетски избори на петнаесетина светски јазици, како уникатен опус во секој поглед. Во меѓувреме тој редок книжевен ангажман заслужено ги освои најзначајните книжевни и државни награди во Македонија и повеќе меѓународни признанија.

Стојчевски е автор на потрага по совршените, речиси неможните соодноси во јазичната диктаторска асоцијативност. Неговата поезија е поезија за сладокусци и избраници, за занесеници и пребирливци, многу помалку за читатели што трагаат по јасни пораки – многу повеќе за читатели што сами се инспирираат да го откриваат книжевното мајсторство пред пораките. Сега со книгата „Волшебници на перфектот“ одново го среќаваме озарен од возбуда, точен во сигнализацијата на врвното книжевно мајсторство – но како компетентен читател и толкувач на неодминливите дела на светската антологија на прозата.

Зачинети со пикантни нишки од биографски карактер, со анализи и паралели за нивното прозно мајсторство, со податоци и поткрепи од други светски критичарски авторитети и, најмногу, со личен креативен вознес и перцепција на ерудит при пронајденото врвно книжевно зналство во нивните сигнификантни дела, Стојчевски во оваа критичко-есеистичка тетратка од лектирен ков нѐ доближува до величието на „Дон Кихот“, на „Мемоарите на Сен Симон“, до најжешкиот роман во француската литература „Манон Леско“, ни го освежува погледот на „Злосторство и казна“ од Достоевски, се навраќа кон бравурозните наратолошки решенија во „Амбасадори од Џејмс“, во најубавиот љубовен роман „Тристан и Изолда“ и уште во петнаесетина светски светилници на прозното мајсторство од Горки, Андре Жид, Стефан Цвајг, Селин, Фокнер, Астуриас, Гомбрович, Сартр, Шолохов, Канети, Махвуз, Лафорет, Мишима, А. Дончев, Куци, Хандке и Еугенидес.

Во оваа своевидна есеистичка антологија посветена на најдоблесните остварувања на светската проза низ неколку века, Санде Стојчевски дозначува и неколку текста за врвни балкански прозаисти со кои, според својот критичарски диоптер, ја возвишува и нивната проза во високите мегдани на светското книжевно натпреварување. Станува збор за освртите и анализите на дела од Славко Јаневски, Митко Маџунков, Димитар Башевски, бугарскиот раскажувач Виктор Пасков и српскиот прозаист Сретен Угричиќ.
Промислувачкиот теориско-критички пристап кон книжевниот текст во оваа книга Санде Стојчевски го доведува до ретко сознајно ниво и појдовна позиција: имено, за овој редок македонски книжевник „единствената татковина на светот е текстот“ и верува, со своите минуциозни и втемелени поетички беседи, да го убеди читателот дека тоа е единствената вистина за трајноста на писателскиот удел во историјата на цивилизациите.

Во современата македонска литература ретки се авторите што со толкава истрајност, посветеност, вехеменција, уверливост и втемеленост (втемеленост – во сопственото творечко претчувство за големата книжевна наслада и втемеленост во туѓото или другото вградено и проверено чувство за висока книжевна наслада) ѝ приоѓаат на книжевната уметност како на врвна цел, со која можеби и треба да се исполни еден достоинствен творечкиот век и, му приоѓаат, на разговорот за врвната цел, со кој треба можеби и да се заврши својот земен век.

Еден од најретките, еден од тие, што се вели, како со боринче пронајдени, е поетот и промислувач на книжевната уметност Санде Стојчевски, авторот на една цела златна библиотека од поетски, теориски и поетолошки книги и на најновата „Волшебници на перфектот“ (издание на „Датапонс“ од Скопје), која потсетува дека и во најтешки и во најблагодатни времиња, не секнува потрагата по вистината за големата, убава, недостижна книжевна уметност и не секнува достоинствениот и возбудлив разговор за вистината што е вградена во високата книжевна уметност, онаа вистина за која се гине, се спепелува и се жртвува телото човеково, но врз таа пепел се искрева неуништливиот дух на високата убавина на вистината.

Својот потфат да се осветли генезата и практикувањето на големата книжевност, Стојчевски во оваа ретка книга го изнесува на плеќите на сопствениот децениски опит со понирањето во тајните на книжевното писмо, во кој остави забележителни толкувања и низ поткрепата со опитот на најсуптилните светски, европски и македонски великани на книжевноста, кои оставиле магистрална творечка ризница врз која продолжувала живата трага на големата авантура наречена уметност на зборот.
Така влегува и така Стојчевски ја распостила својата вжештена расправа за големите книжевни дарби и за големата книжевна голгота кон која се стремат сите големи автори и со истосилна одговорност се решава со оваа маркантна книга во не толку богатиот актуелен критичарски практикум кај нас да ја внесе и трајно да ја закотви и својата книжевна фигура во сѐ понеизвесната македонска културно-национална и историска опстојба.

(Кон книгата „Волшебници на перфектот“ од Санде Стојчевски, издание на „Датапонс“, Скопје, 2018)