Класичните автомобили преродени како електрични возила

212

Зборот преродба во автомобилската индустрија често се користи, но недоволно се разјаснува. Кога се користи зборот преродба во конотација на електричните автомобили често се мисли на два пристапа. Старите автомобили што се преродуваат со нова технологија што се користи во електричните автомобили или, пак, нови електрични автомобили што вадат дизајн од старите автомобилските класици. Во сегашно време и едниот и другиот пристап е можен. Во суштина сè е можно ако се има доволно пари.

Сепак, конверзијата од стар автомобил во електричен претставува поголем интересен инженерски предизвик. Кога станува збор за создавање електричен автомобил, моторот претставува најлесниот дел за справување, а поставувањето и вклопувањето на батериите во самиот автомобил е најтешкиот дел. Кога се создава електричен автомобил прво се прави план каде и како да се постават батериите во возилото.

Целиот план и местењето на електрониката во возилото се одвиваат според планот за поставување на батериите. Тие сепак се најголем, најтежок и најскап дел од автомобилот. Истовремено дизајнот на автомобилот и неговата структура треба да бидат направени да се вклопат сите батерии, но и нивната тежина да биде соодветно дистрибуирана. Распоредувањето на батериите при создавање електрично возило од стар автомобил во овој случај станува инженерски предизвик. Иако овој пристап е тежок за изведба, сепак има луѓе што го направиле ова.

„Јагуар е-тип зеро“

Класичниот „јагуар е-тип“ беше возен од британскиот принц Хари и од Меган Маркл на патот до нивниот вечерен свадбен прием во мај 2018 година. Моделот од 1968 година беше преработен како прототип за нула емисија на возила. Тоа е еден од големиот број класични автомобили што добија електрично преуредување. „Јагуар“ разви електрична конверзија за класичниот „е-тип“, всушност, кој и сега се нуди за продажба. Овој автомобил не претставува евтина играчка, неговата цена во електрична варијанта изнесува неверојатни 300.000 фунти. Цената ги рефлектира инженерските предизвици што претходно беа спомнати. Концептуалните дизајни за „јагуар е-тип зеро“ се базираат на серијата 1,5 „јагуар е-тип роадстер“ од 1968 година. Автомобилот ќе се пофали со забрзување од 0 до 42 километри на час за 5,5 секунди. Објавен како концепт-автомобил во септември 2017 година, „е-тип зеро“ ќе ја задржи сета своја едноставност од 1960-тите. Тоа вклучува тенок дрвен управувач, вградени странични старински ретровизори, црни кожени седишта и електронска контролна табла. „Јагуар е-тип зеро“ располага со литиум-јонска батерија со исти димензии и слична тежина со оригиналниот шестцилиндричен мотор, кој се користи во класичниот модел. Издаден во 1961 година, „е-типот“ претставува високолуксузна верзија на елитни автомобили. „Е-типот зеро“ претставува електрична верзија од овој автомобил.

„Аустин мини купер С“

Класичниот автомобил „аустин мини купер С“ од 1967 година, познат од филмот на Мајкл Кејн „Италијан џоб“, во текот на 2019 година ќе се појави како целосно електрично возило. Прототипот на „мини електрик“ беше откриен на саемот во Њујорк во април 2018 година. Лансирањето на електричната верзија од стариот класик се очекува да се појави на 60-годишнината на моделот. На прв поглед, „мини“ е речиси идентичен со својот претходник од 1960-тите, освен додадениот штекер за полнење електрично гориво и заменетиот резервоарот за гас, кои ги нема во постарата верзија.

„Фиат 500“

Класичниот „фиат 500“ кабриолет во Италија е попознат како „чинквеченто“. Моделот започна да се произведува во Торино, Италија во 1957 година и беше прекинат во 1975 година. Во 2007 година беше откриена помодерна верзија со бензински мотор во Европа, а две години подоцна и во САД. Во 2017 година, беше лансиран „500е“, целосно електрична верзија на „фиат 500“. Во моментов, моделот е достапен исклучиво за американскиот пазар. Иако автомобилот може да се пофали со 111 коњски сили и 135 километарскиот возен опсег, го ограничува „фиат 500е“ за движење само во градска средина.

hristijan.j@novamakedonija.com.mk