Кирил Ристески – мечувалец со осум шампионски титули во поранешна Југославија

319

Ристески е еден од најтрофејните македонски спортисти во минатиот век, кој дури осум пати победуваше на првенствата на поранешната држава во меч и во флорет. Настапи на две светски првенства и на повеќе балканијади, а четири пати беше номиниран меѓу најдобрите десет македонски спортисти

Денеска кога зборуваме за мечувалечкиот спорт во Македонија, на едно од почесните места сигурно ќе се најде името на големиот шампион од минатиот век – Кирил Ристески. Тој, во еден период од дваесетина и повеќе години, и Александар Анастасов (кој уште е активен во конкуренција на ветерани) беа нашите „перјаници“ во мечувалечкиот спорт. Двајцата освоија вкупно 15 титули шампион на Југославија во меч и во флорет.
Со нивната појава беше потиснат дотогаш неприкосновениот Савиќ, кој во континуитет со години триумфираше на државните првенства. Што се однесува, пак, за нив двајцата и за нивните меѓусебна трка по титулите поуспешен беше Ристески, кој имаше освоено осум, една повеќе од Анастасов, за кого веќе пишував на истата оваа страница.
Оваа наша мечувалечка двојка, со своите резултати влезе и во антологијата на македонскиот спорт, испишувајќи убави страници исполнети со врвни резултати и трофеи.

– Како и сите деца во гимназиските денови, таму некаде во 60-тите години од минатиот век, и јас посакував да се занимавам со некој спорт. Но не помислував дека ќе одам во спорт, кој барем на нашиве простори не беше толку популарен. Сите деца во тој период кога јас бев ученик во гимназијата „Цветан Димов“ во Скопје, сакаа најмногу да играат фудбал и ракомет, овие два спорта беа најпривлечни, но што се случи со мене? Еден ден, еден мој другар од гимназијата, кој веќе се занимаваше со мечување, ми предложи да одам со него на тренинг со мечувалците на Работнички во Старата скопска железничка станица. Си реков, ајде и јас да видам како изгледа одблизу овој спорт, за кој дотогаш знаев само од кажувањата и од филмовите. Но само по неколку минути во салата, почувствував како нешто да ме влече и иако бев дојден само да го гледам тренингот, посакав и јас да го земам мечот во рака. Откако се случи тоа, веќе цела младост не се одделив од мечувањето. Овој спорт стана моја голема љубов и преку него практично ја доживеав својата афирмација, како спортист, но и како личност. Зашто она, што дојде потоа во текот на кариерата, како спортски резултат и успех, ме следеше целиот мој живот. Тоа беше составен дел на моето популарно да се изразам си-ви – вели Ристески.

ПОЧЕТОК СО СРЕБРО ВО СЛОВЕНИЈА

Не помина долго време откако Ристески почна да се занимава со мечување, дојдоа и првите резултати. На ниво на Македонија се проби во младинскиот врв и го сврте вниманието кон себе. Тој, како што вели, кога работи некоја работа целиот се посветува во неа, па така беше и со мечувањето. Тренерот Владимир Шуманов веднаш го забележа неговиот талент и почувствува дека ќе може да создаде еден млад тандем во состав Ристески – Анастасов, кој заедно ќе тренира, напредува и ќе постигнува добри резултати.

– Шуманов беше посебен. Тој целиот ден го минуваше со мечувалците, бидејќи беше и секретар на Сојузот. Со еден збор Шуманов живееше за мечувањето и не му беше тешко во секој момент да дојде во салата и да тренира со нас помладите. Додека ни беше тренер беше и активен натпреварувач. Работнички во тој период навистина имаше силна екипа, во која уште беа Петрушевски, д-р Николовски, д-р Витомир Мицев, Бранко Радовановиќ, сите квалитетни натпреварувачи, кои зад себе имаа одлични постигнувања дури и на меѓународната сцена – вели Ристески.
Едноставно, во Работнички беше создаден еден пријатен амбиент и само се чекаа натпреварите на кои требаше да се види кој до каде стигнал.

– Јас некако брзо добив шанса да учествувам на сојузните натпревари на ниво на поранешна Југославија. По неполни две години активно занимавање со мечување учествував на државното младинско првенство во Словенија. Таму отпатував само да ги измерам силите со најдобрите југословенски младинци, а стигнав до вицешампионската титула во меч. Тоа беше голем поттик за мене и почнав уште пожестоко да тренирам. Следната година веќе освоив две втори места со двете оружја – меч и флорет и со тие два сребрени медала и оној претходниот од Словенија, значи со три медали ги завршив настапите во младинска конкуренција – продолжува Ристески.

ЗАЕДНИЧКИ ПАТ СО АНАСТАСОВ

Љубителите на спортот, по овие резултати, а и оние што некако паралелно со него ги постигнуваше Анастасов, наголемо почнаа да зборуваат и да се одушевуваат на резултатите на двата аса. Интересно е што нивната кариера се одвиваше паралелно, а во тој спортски од двајцата често се менуваа на победничкиот пиедестал. Еден пат ќе победеше едниот, потоа другиот и сѐ така во наредните десетина и повеќе години.
Катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година многу влијаеше врз целокупниот живот во градот, па и во спортот.

– Дури по неколку месеци успеавме да дојдеме до нашата опрема, која беше заробена на вториот кат од разурнатата железничка станица. Инаку на секое поминување покрај станицата ја гледавме како ѕирка од шкафчињата. Откако состојбата во градот се нормализира, продолжија и нашите активности. Меѓутоа, паузата остави трага, па требаше да помине време повторно да влеземе во ритам и да ги стигнеме најдобрите југословенски мечувалци – се потсетува Кирил Ристески.
Кон крајот на 60-тите и почетокот од 70-тите години од минатиот век веќе се наѕираше оти македонските мечувалци го имаат подигнато квалитетното ниво и може да им се спротивстават на ривалите. Кризата што се појави како последица од земјотресот беше надмината и Кирил Ристески во 1970 година ја освои првата сениорска шампионска титула во Југославија, во меч. Веќе следната година тој приреди големо изненадување со освојување дури на двете титули во – флорет и во меч.

– Првенствата во двете оружја не се одржуваа на едно место, туку во два различни града. Така, откако станав првак на Југославија во флорет, неколку недели потоа триумфирав и во меч, што беше на некој начин и сензација зашто ретко се случуваше еден ист мечувалец да триумфира во двете оружја – вели Ристески.
Потоа Ристески освои уште пет први места на државните првенства, па така кариерата ја заокружи со вкупно осум триумфа на сениорската мечувалечка сцена во поранешна Југославија.

БОГАТА РЕПРЕЗЕНТАТИВНА КАРИЕРА

Паралелно со триумфите на шампионатите на Југославија се одвиваше и репрезентативната кариера на Ристески. Тој, заедно со Анастасов, беше столб на југословенската репрезентација и беше учесник на најголемите светски приредби. Ристески настапи на три светски и на две европски првенства, потоа на пет балканијади и на повеќе еврокупови. Нормално тука беа и многубројните турнири.
– Од сите тие настапи, нормално најмногу се сеќавам на светските шампионати. Дури се сеќавам и на еден момент кога со Анастасов гостувавме во емисијата „Телеспорт“ на МТВ. Тогаш рековме дека иако сме шампиони на Југославија, поради немање пари, можеби нема да учествуваме на СП во Виена. Познатиот спортски коментатор Никоила Солдатов, кој беше уредник на емисијата, тогаш јавно пред целиот ТВ-аудиториум вети дека тој ќе се заложи и ќе обезбеди средства за пат во Виена. И навистина го исполни ветувањето, отпатувавме на СП под покровителство на Македонската телевизија. Што се однесува до настапот, пак, Анастасов имаше пласман меѓу првите дваесет и петмина, што беше оценето како голем успех, а јас стигнав до третото коло и бев пласиран некаде во средината – вели Ристески.

Слични пласмани Ристески имаше и на следните две светски првенства во Будимпешта и во Анкара. Инаку, многу поуспешен беше на балканијадите, каде што во конкуренција на една велесила каква што беше тогаш Романија, освои две сребра и едно четврто место во поединечна и една бронза во екипна конкуренција.
Од настапите на повеќе од 400 меѓународни турнири дома се има вратено со повеќе од 20 пехари и исто толку медали за високите пласмани и за триумфите. Сепак, во најубав спомен му е настапот во Париз.

– Таму извојував две победи во меч и во флорет и добив специјално признание од министерот за спорт на Франција. Да се победи во земјата во која мечувањето е меѓу водечките спортови е рамно на подвиг. Јас во тоа успеав, а моето задоволство за двата триумфа беше уште поголемо што тие беа остварени пред преполни трибини. Она што го доживеав таму беше нешто неповторливо, а громогласните овации од гледачите по победите како уште да ги чувствувам – вели Ристески.
Тоа беа ѕвездените моменти на нашиот мечувалечки шампион. Ристески со постигнатите резултати на мечувалечката арена низ светот си обезбеди место и меѓу великаните на македонскиот спорт. Тој четири пати беше номиниран за спортист на Македонија и се најде на ранг-листата на десетте најдобри, а беше награден и со Орден за заслуги за народ со сребрен венец. Носител е и на златна значка на СФРЈ.


Од инает шампион!

На државното првенство во Белград во 1971 година, по првата сеанса натпревари дојде екипа од ТВ Белград и ги сними сите оние за кои репортерот сметаше дека ќе атакуваат на титулата. Јас бев изоставен во таа снимка, иако претходната година ја освоив првата титула во сениорска конкуренција. Токму тоа ме разлути, па иако имав тешки борби и исцрпувачко финале, ги победив сите противници и станав првак. Снимката на ТВ Белград беше осиромашена, го немаше шампионот, се сеќава Ристески.


Кирил Ристески

Роден: во 1947 година во Прилеп
Кариера: Мечувалечки клуб Работнички, репрезентација на Југославија
Успеси: Осумкратен сениорски првак во меч и во флорет на поранешна Југославија, двапати беше втор, еднаш трет на младинските првенства на поранешната држава, две сребра и една бронза од балканијадите, учесник на три светски и на две европски сениорски првенства, настапил на повеќе од 400 меѓународни турнири на кои има неколку победи и околу 40 пласмани меѓу првите тројца. Одликуван со Орден за заслуги за народ со сребрен венец.