Кинотека со опусот на Гапо во трка за престижна награда

656

Последното ДВД-издание на Кинотеката на Македонија – дигитализираниот долгометражен филмски опус на Бранко Гапо влезе во трка за меѓународната награда за најдобар ДВД-производ, која секоја година се доделува во рамките на престижниот фестивал „Ил чинема ритровато“ во Болоња. Заедно со изданието „Бранко Гапо“ (дел од едицијата „Македонски игран филм“),во финалето влегоа и изданија посветени на режисерите Фриц Ланг, Алфред Хичкок, Жан-Лик Годар, Ху Хсиао-Хсиен, Андреј Тарковски, Сергеј Параџанов, Жан-Пјер Мелвил, Дејвид Линч, Мајк Николс.

Во трката се и реставрирани филмови за Олимписките игри и избор од тајвански филмови, сите издадени или од дистрибутери, како „Пате филмс“, „Критерион“, „Ф.В. Мурнау Штифунг“ или од филмски архиви и музеи, како „Бритиш филм институт“, Каталонската кинотека, Португалската кинотека, Чешкиот филмски архив, Унгарскиот национален филмски архив. Фестивалот на реставрирани филмови во Болоња, организиран од Кинотеката во Болоња, веќе три децении по ред прикажува и промовира реставрирани филмови од светската кинематографија и е најзначаен фестивал од овој вид во светот.

Во рамките на деветте фестивалски дена на почетокот на јули се прикажуваат и до 400 реставрирани и новопронајдени филмски копии, се одржуваат предавања, презентации и работилници во врска со реставрацијата и конзервацијата на слика, тон и филмска лента. Гости на фестивалот често се Мартин Скорсезе, Бернардо Бертолучи, Стенли Донен, Аки Каурисмаки, Изабела Роселини, Марко Белокио. ДВД-сетот со шесте играни филма на Бранко Гапо, еден од најплодните македонски режисери, излезе на почетокот на оваа година, а ги содржи „Денови на искушение“ (1965), „Време без војна“ (1969), „Истрел“ (1972), „Најдолгиот пат“ (1976), „Време, води“ (1980) и „Македонска сага“ (1993).