Кина се приспособува на новиот светски поредок

380

На 1 октомври, Народна Република Кина ја прослави 70-годишнината од основањето со импресивни воени и цивилни паради за да го покаже исклучителниот напредок што земјата го оствари под водство на Комунистичката партија на Кина. Остануваат сериозни предизвици. Но досегашните докази и ресурсите што државата ги има на располагање, укажуваат дека Кина е дорасната на задачата да се справи со нив.

Постигнувањата на Кина се неоспорни. Во изминатите 40 години таа реализираше најбрза постојана експанзија од страна на една голема економија, овозможувајќи им на повеќе од 850 милиони луѓе да избегаат од сиромаштијата. Бидејќи инвестициите во инфраструктурата, науката и технологијата, образованието и здравството се проширија, животните стандарди се зголемија. Но во третиот квартал од 2019 година, Кина забележа само шест отсто годишен пораст, што е најбавен пораст од март 1992 година. Изгледите за зголемување на таа стапка се ограничени, меѓу другото и зашто светот се соочува со синхронизирано забавување. Во својот последен светски економски преглед, Меѓународниот монетарен фонд ја намали својата процена за глобален пораст во 2019 година на три отсто, што е најниска стапка од кризата во 2008 година.

Надворешниот свет исто така сѐ повеќе го отфрла глобалниот ангажман, а САД го предводат патот. Трговската војна на претседателот Доналд Трамп не остави сомнеж дека САД ја сметаат Кина за стратегиски конкурент, а не за потенцијален партнер. Некои во САД сега се залагаат за целосно раздвојување на двете најголеми економии во светот, освен ако Кина не направи фундаментални промени во политичкиот систем, економијата и надворешната политика. Кина не е единствената жртва на протекционизмот на САД: Трамп цели и кон Индија, ЕУ и кон други. Значи, покрај директното непријателство од САД, Кина мора да се спротивстави на длабоки и непредвидливи геополитички и економски промени, водени делумно од реакцијата против глобализацијата – самиот процес што го овозможи подемот на Кина. Кинеските лидери работеа да се спротивстават на таа реакција со истакнување на придобивките на меѓународната трговија и соработка. Тие, исто така, ја потврдија својата заложба за континуирана структурна реформа и отворање.

Како што покажа неодамнешниот извештај на глобалниот институт „Мекинзи“ (ГИМ), Кина има многу простор за напредок. Земјата учествува со 11 отсто во глобалната трговија со стоки, но само со шест отсто во трговијата со услуги, што ги истакнува можностите за пораст што ќе ги обезбеди поразвиениот сектор за услуги. Покрај тоа, странската сопственост на кинеските банки, хартии од вредност и обврзници останува под шест отсто. Кинеските туристи остварија 150 милиони патувања во 2018 година, додека земјата прима само 0,2 отсто од глобалните приливи на мигранти.

Зголемениот кинески ангажман со остатокот на светот би можел, како што проценува ГИМ, да генерира од 22.000 до 37.000 милијарди долари вредност за глобалната економија до 2040 година. Особено, Кина би имала корист од порастот на увозот (3.000 – 6.000 милијарди долари), либерализацијата на услугите (3.000 до 5.000 милијарди долари), глобализацијата на финансиските пазари (5.000 – 8.000 милијарди долари), соработката за обезбедување глобални јавни добра (3.000 – 6.000 милијарди долари) и тековите на технологија и иновации (8.000 – 12.000 милијарди долари).
Ова, сепак, не значи дека на Кина ѝ е потребен светот, или барем не до толку очајно колку што се чини дека веруваат Трамп и неговите советници. Отвореноста е во интерес на Кина, како и на оние со кои таа развива односи, но неодамнешните трговски непријателства ја истакнаа еластичноста на кинеската економија. Всушност, со оглед на обемот на Кина, таа има доволно домашна економска конкуренција за да продолжи со напредокот, дури и без надворешен ангажман. Само неколку економии во светот се доволно големи за да тестираат различни модели на развој паралелно, без да се грижат за системски шокови. Но тоа е токму она што го прави Кина.

Кина има долга традиција на експериментирање и адаптација, со конкуренција меѓу градовите, особено со развојните достигнувања. Централната власт сега развива многу поголеми урбанистични центри. Ако на тоа се додаде значајната можност за фискален и за монетарен стимул, делумно благодарение на високата стапка на заштеди на домашно ниво, лидерите на Кина посигурно од кога и да било досега можат да се спротивстават на надворешните напори и да ги диктираат своите политики. Западот треба да очекува Кина да се придржува кон својата политика на стратегиска трпеливост, да продолжи со понатамошни ефикасни придобивки и да спроведе тешки, но неопходни реформи.

Низ овој процес, Кина ќе продолжи да става најголем приоритет на одржувањето на социјалната и политичката стабилност, што е предуслов за долгорочен економски развој. Како што неодамна забележа Дени Родрик од „Харвард“: „Дајте ѝ на државата премногу голема контрола врз општеството и имате деспотизам. Но држете ја државата слаба наспроти општеството и ќе добиете анархија.“ За Кина е битно да има силна држава за да се осигури дека поголемата отвореност нема да донесе проблеми како нестабилност или корупција.

Еднополарниот глобален поредок предводен од САД брзо се распаѓа, не затоа што тој исход го сакаше светот, туку самиот хегемон. Тоа е трагично. Но цела Кина или која било друга земја мора да се приспособи на новата реалност. Засега, тоа значи одржување внатрешна стабилност и унапредување на развојот, додека државата се спротивставува на надворешниот притисок да дејствува против сопствените интереси.

Авторот е бивш претседател на Комисијата за хартии од вредност на Хонгконг