Кина не сака да се меша во трката за Белата куќа

52
Хантер и Џо Бајден: Трамп обвинува дека синот и таткото ги злоупотребиле позициите и влијанието за да заработат милиони во Кина

Пекинг го отфрли барањето на Трамп да ги истражи Џо и Хантер Бајден, зашто не сака да се меша во внатрешните работи на други земји

Кина го отфрли повикот на американскиот претседател Доналд Трамп да поведе истрага против демократскиот политички ривал Џо Бајден и неговиот син Хантер, нагласувајќи дека Пекинг не се меша во внатрешните работи на САД.
– Кина долго време го следи принципот на немешање во внатрешните работи на други земји. Немаме намера да се мешаме ни во внатрешните работи на САД. Нашата позиција е конзистентна и јасна – изјави портпарол на Министерството за надворешни работи на Кина.
Трамп е цел на истрага за импичмент од Конгресот на САД поради обвинувања дека ја злоупотребил претседателската позиција за да изврши притисок врз Украина да спроведе антикорупциска истрага против Џо и Хантер Бајден. Во меѓувреме, тој јавно ги повика Украина и Кина да поведат истрага против бившиот потпретседател на САД и неговиот син.

Повикот на Трамп до Кина доаѓа во пресрет на трговските преговори меѓу двете земји. Политичките набљудувачи оценуваат дека истрагата за импичмент ќе ги засени трговските разговори, но дека Пекинг нема да одговори позитивно на барањето на Трамп да почне истрага против Џо и Хантер Бајден. Според нив, евентуална кинеска истрага само би ги засилила грижите во САД дека Кина сака да се меша во американските претседателски избори.

Некои републиканци го критикуваа Бајден зашто го повел својот син на официјалната посета на Кина во 2013 година, која се случила само неколку месеци откако помладиот Бајден се ангажирал во кинески инвестициски фонд. Хантер Бајден тврди дека не сторил ништо лошо. Тој исто така бил член на управен одбор на компанија за гас во момент кога САД и Европа се обидуваа да ја оддалечат Украина од својот сосед Русија.

Хантер Бајден е наведен како директор на инвестициски фонд поддржан од кинеската држава, но јавните податоци засега се чини не ги поддржуваат тврдењата на Трамп дека тој ги користел врските на неговиот татко за да обезбеди кинески капитал за неговите инвестиции. Трамп тврди дека помладиот Бајден ја искористил својата позиција за да обезбеди финансии од 1,5 милијарда долари од државната кинеска банка за приватниот фонд во кој работел и дека на крајот заработил милиони долари од зделката. Јавните податоци покажуваат дека Хантер Бајден е наведен како директор на инвестицискиот фонд БХР, со капитал од четири милиони долари. Приватниот фонд ги сменил членовите на управниот одбор на 18 септември 2019 година, но позицијата на Бајден останала непроменета. Сите фотографии од Бајден се отстранети од веб-сајтот на БХР. Кинескиот бизнис-партнер на Бајден, Џонатан Ли Шиангшенг, кој е извршен директор на БХР, вели дека компанијата спроведува внатрешна истрага за да утврди како да ја објасни улогата на синот на бившиот потпретседател на САД.

Според изјавите на Ли од 2014 година, Хантер Бајден бил ангажиран во БХР преку американскиот бизнисмен Девон Арчер. Тој вели дека бил пријател со Арчер и дека го замолил да му претстави потенцијални партнери при една посета на Њујорк во 2012 година. Ли тврди дека го избрал Арчер за партнер поради неговите „длабоки“ врски со американската политика и пријателството со Хантер Бајден. Синот на потпретседателот на САД и Арчер ја формирале компанијата „Розмонт Сенека“, заедно со Кристофер Хајнц, посинокот на бившиот државен секретар на САД Џон Кери, и се ангажирале во кинескиот фонд. Самиот Арчер сега е вовлечен во украинско-кинеската афера откако Трамп твитна фотографија од него како игра голф со Џо и Хантер Бајден. Трамп го опиша Арчер како „извршен директор на украинска компанија за гас“, алудирајќи на бизнис-интересите на Џо и Хантер Бајден во Украина. Во меѓувреме, Трамп го обвини Пекинг дека им плаќал „милијарди долари“ на Бајденови за да издејствува поповолни трговски договори со САД

– Кога синот на Бајден ќе си замине од Кина со 1,5 милијарда долари во својот фонд, а најголемите фондови во светот не можат да извлечат пари од Кина, и кога тој ќе одлета таму со авионот на потпретседателот на САД за да одржи кратка средба, сето тоа е ужасно – тврди Трамп.

Кинеска истрага би ги засилила грижите дека Кина сака да се меша во претседателските избори во САД, велат аналитичари