Квотите за странски работници искористени до 30 отсто

268

Искористеноста на квотите за увоз на работна сила во Хрватска изнесува околу 30 отсто, а најголем недостиг од работници има во градежништвото, за што се одобрени 10.770 работни дозволи, а од нив се неискористени 7.200 дозволи. Во бродоградителската дејност од 1.408 работни места се слободни 1.168, а во тек на решавање се 130 барања за вработување. Во туризмот, квотата се однесува првенствено за помошни работници, за што се потребни 4.660 работници, а слободни се 3.746 места.

Министерот за труд и пензиски систем Марко Павиќ информира дека за потребите на претстојната туристичка сезона се анкетирани 190 илјади невработени лица, од кои 24 илјади искажале желба за работа во летната сезона, со што во поголем дел се задоволени потребите на хрватските работодавци.
Хрватската влада донесе одлука со која од забраната за вработување во јавните служби се изземени вработувањата на приправници во здравството, образованието, социјалната заштита и култура, а се предвидува годинава да бидат вработени околу три илјади приправници, односно десет отсто од бројот на лицата со приправнички статус во реалниот и јавниот сектор.

Владата на Хрватска донесе насоки за спроведувањето на активната политика за вработување во период од 2018 до 2020 година, а една од мерките беше давање финансиска поддршка за прво вработување, која може да се доделува, покрај за работодавците од реалниот сектор, и за јавни служби од секторот за здравство, образование, социјална заштита и култура. За ангажирање приправници во реалниот сектор и во јавните служби се обезбедени над 829 милиони куни од државниот буџет и дополнителни 385,5 милиони куни од ЕУ-фондовите. Со оваа мерка ќе бидат опфатени вкупно 30.430 лица. Поради ограничувањата на вработувањата во јавните служби, се предвидува во јавните служби да бидат примени 3.043 приправници.

– Со ова не се билда државната администрација, туку ги вработуваме оние што ни се потребни. Со ова се овозможува вработување приправници во регулирани професии, во кои не е можно да се вработат со самостојна дејност, без лиценца или стручен испит. Имаме зголемен број барања за самовработувања, што е исклучителен исчекор – вели министерот Марко Павиќ.
Лани Хрватска имала трета најголема стапка на вработување во ЕУ од 3,8 отсто, а во последниот квартал имало 60.000 вработени лица повеќе од една година претходно. Исто така, имаше и рапиден пад на стапката на невработеност, која изнесува 166.000 лица, а се очекува таа да падне под 150.000. Ова во најдобар дел се должи на големиот бран иселувања на хрватски државјани во земјите од Европската Унија.