Карпов ќе игра симултанка в година во Скопје?

207
Карпов на симултанката во Скопје во 1976 година

ШФМ има за цел на поединечното ЕП во Скопје во март в година да дојде поранешниот светски првак, Русинот Анатолиј Карпов, да одигра една симултанка и да искоментира една шаховска партија. Контактите се веќе воспоставени со него, вели Благоја Богоевски, претседателот на ШФМ

Шаховските симултанки не се непознаница за македонскиот шах. Во Скопје доаѓале и играле симултанки повеќе истакнати шахисти, од кои, секако, најзвучно име е 12-от по ред светски првак, Русинот Анатолиј Карпов, кој го стори тоа во 1976 и во 1996 година. Во Скопје во 2011 година одигра две симултанки и поранешната светска првенка, Русинката Александра Костењук, а истото тоа го направи и бугарскиот ВМ Кирил Георгиев. Противници на сите тројца биле и најмладите шахисти. Во минатото симултанки играле и светскиот првак, Русинот Михаил Ботвиник, Украинците Ефим Гелер и Александар Бељавски итн.

Неодамна и поранешниот светски првак, Русинот Гари Каспаров, одигра симултанка на 18 табли во една гимназија во Хрватска, со познати личности од општествениот и од спортскиот живот, а во рамките на промоција на тамошниот проект „Шах во школите“. Очигледно ваквите симултанки се повеќе од добредојдени за развојот и за зголемување на неговата популарност, што се покажало и многупати досега.

– Апсолутно на македонскиот шах му се потребни симултанки со звучни шаховски имиња, кои со своето присуство ќе придонесат за што поголема актуализација на играта на 64-те полиња. Во таа насока, Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) има за цел на Европското поединечно првенство (ЕП) во Скопје во март в година да дојде на 2-3 дена поранешниот светски првак Карпов, да одигра една симултанка и да искоментира една шаховска партија. Контактите се веќе воспоставени со него и се надевам дека успешно ќе се реализира оваа симултанка, која, секако, многу ќе придонесе за популаризација на шахот во Македонија, а особено кај помладите шахисти – вели Благоја Богоевски, претседателот на ШФМ.

Се ова се согласува и македонскиот репрезентативец, член на актуелниот вицепрвак на Европа, Алкалоид, интернационалниот мајстор (ИМ) Филип Панчевски, кој и самиот бил дел од симултанката на Карпов, која ја одигра во Скопје во 1996 година.
– Симултанките со звучни шаховски имиња секако дека многу помагаат за неговата популаризација, а тоа особено се однесува на шаховските аматери. Особено се интересни отворените симултанки. Таква симултанка под отворено сум играл и јас, и затоа треба што повеќе да се практикуваат, иако финансиите најверојатно се најголем проблем за нивна реализација – вели Панчевски.

Сличен став има и членот на УО на ШФМ, ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Зоран Стојчевски.
– Видовме што значеше присуството во Скопје и играњето симултанка на 20 табли во ОУ „Јан Амос Коменски“, на поранешната светска првенка Александра Костењук, пред осум години. Интересот што го предизвика таа кај најмладите шахисти беше огромен. Потоа беше одиграна симултанка и со дел од бизнис-заедницата во Македонија. Обично една симултанка може да чини од 3.000 до 5.000 евра. ШФМ го има ова предвид и ќе настојува и во иднина да носи квалитетни шаховски имиња во Македонија – вели Стојчевски.

Од македонските шахисти, повеќе симултанки имаат одиграно ИМ Димитар Илиевски, ВМ Драгољуб Јаќимовиќ, ВМ Влатко Богдановски, ВМ Звонко Станојоски, ВМ Трајко Недев, ИМ Дејан Стојановски, ИМ Филип Панчевски и други.


Слободното време – најголем проблем

Доаѓањето на квалитетен велемајстор да одигра симултанка зависи од повеќе фактори. Прво, а секако и најважно, според мене, е неговото слободно време, односно да се погоди времето кога тој е слободен. Потоа влијание имаат и финансиите, иако не се пресудни. Сметам дека еден спонзор може целосно да го покрие неговиот настап, вели Благоја Богоевски, претседателот на ШФМ.