Каратистите подготвени за нови европски медали

112
Македонската карате-репрезентација

Најголеми адути за освојување медал на ЕП во Гвадалахара се актуелниот европски првак Емил Павлов, Берат Јакупи и Жарко Арсовски

Македонија на 54-то Европско првенство (ЕП) во Шпанија (28-31 март), ќе ја претставуваат 11 каратисти во борби, од кои пет во женска конкуренција и сите се во одлична форма, односно подготвени да освојат медал иако конкуренцијата ќе биде многу силна. Завршните седумдневни мини-подготовки во Пехчево минаа извонредно. Очекувам да ја продолжиме традицијата на освојување медали, а најголеми шанси за тоа имаат, двократниот европски првак Емил Павлов (категорија до 60 кг), носителот на бронзен и сребрен медал од ЕП, Берат Јакупи (до 84 кг) и бронзениот од СП во 2010, Жарко Арсовски (над 84 кг) – оптимист е македонскиот селектор во борби, Сашко Арсовски.

Македонија засега има освоено вкупно 18 медали на ЕП, од кои три златни, три сребрени и осум бронзени медали. Од нив само спортистот на Македонија за 2018 година, Павлов, кој е двократен европски првак и Јакупи ќе можат да ја зголемат својата европска колекција. Во екипна конкуренција, пак, ќе се борат Жарко Арсовски, Азиз Исмаил, Фаик Весели и актуелните европски јуниорски прваци (до 21 год.), Доан Османи и Петар Спасеновски. Во кати ќе настапат Фери Исиќ и Пуликсенија Јованоска, предводени од селекторот Стојан Андриевски.

– На ЕП ќе настапам како актуелен европски првак. Напорно се подготвував изминатиов период и задоволен сум од моментната форма. Ова ЕП има огромно значење, бидејќи претставува и критериум за исполнување олимписка норма за Токио 2020. Добро ги познавам моите ривали и ќе дадам сѐ од себе да стигнам до уште еден значаен резултат, односно да освојам медал – вели европскиот првак од Тампере и од Нови Сад, Емил Павлов.

Македонската експедиција за Гвадалахара патува денеска, в четврток започнуваат борбите, а финалните дуели на татамите се закажани за сабота.


Македонски каратисти во Гвадалахара
Ката (жени) Пуликсенија Јованоска
Кати (мажи) Фери Исиќ
до 50 кг Сара Радичевска
до 55 кг Симона Заборска
до 61 кг Наташа Стефановска
до 68 кг Моника Стефановска
до 60 кг Емил Павлов
до 67 кг Фаик Весели
до 75 кг Азиз Исмаил
до 84 кг Берат Јакупи
над 84 кг Жарко Арсовски
екипно Доан Османи
екипно Петар Спасеновски

[email protected]