Карате-надежите подготвени за медал(и) на СП

272
Александар Неделковски

Македонските каратисти што ќе настапат на 11. Светско првенство (СП) за кадети, јуниори и постари јуниори (до 21 год.), кое ќе се одржи од 23 до 27 октомври во Сантјаго (Чиле), ги одработија предвидените завршни подготовки во Пехчево и заминаа за Чиле.

Боите на Македонија на ова СП (1.557 натпреварувачи од 96 држави во 35 категории) ќе ги бранат: Бојан Костов (до 52 кг) во кадетска конкуренција, Фаик Весели (до 67 кг), Доан Османи, (до 75 кг), Вероника Костовска (до 61 кг) и Ангела Мојсовска (до 68 кг), сите во борби во конкуренција на постари јуниори/ки (до 21 год.), предводени од селекторите Александар Кузмановски и Арлинд Хусеини, како и каташите Александар Неделковски и Владанка Аврамова, под водство на селекторката Ивана Аврамова.

Македонските претставници имаат шанси да стигнат до некој од медалите, оти зад себе веќе имаат значајни успеси. Така, Костовска во 2015 година во Цирих стана европска првенка во кадетска конкуренција, Весели освои сребрен медал на ЕП за јуниори во Сочи, Русија, во 2018 година, Мојсовска годинава на Светскиот куп (СК) во Умаг, Хрватска, заедно со Костовска се закити со златен медал, Доан Османи на годинашново ЕП за постари јуниори (до 21 год.) во Алборг, Данска, го освои златниот медал, додека Бојан Костов на истото ЕП но во кадетска конкуренција се закити со сребро. Каташот на КК Металург, Александар Неделковски, пак, беше седми кадетското ЕП во Сочи.