Капело во улога со која „секогаш сте на победничката страна“

1207

Во мојата кариера сторив сѐ што можев, среќен сум со тоа што го направив, а сега сум презадоволен во улогата на ТВ-коментатор. Во таа улога секогаш сте на победничката страна, изјави славниот италијански тренер Капело

Еден од најуспешните фудбалски тренери во светот, Италијанецот Фабио Капело за Италијанската национална телевизија (РАИ) изјави дека не е заинтересиран да стане нов селектор на „азурите“ и оти нема намера повеќе да се занимава со тренерската работа. Капело (71) во долгата и трофејна кариера беше тренер на Милан, Јувентус, Рома, Реал Мадрид и селектор на Англија и на Русија, а минатиот месец, по девет месеци на таа функција, доби отказ од кинески Џиангсу Санинг по три првенствени кола. Капело најмногу успех имаше во Милан, со кој освои четири титули првак на Италија и една на Европа, во 1994 година.

– Имам искуство со водење национални селекции со Англија и со Русија. Сакав да се обидам да тренирам уште еден клуб, Џиансу, и тоа ми беше последното искуство. Во мојата кариера сторив сѐ што можев, среќен сум со тоа што го направив, а сега сум презадоволен во улогата на ТВ-коментатор. Во таа улога секогаш сте на победничката страна – изјави Капело.