Калифатот исчезна, но каде е калифот?

252

Борбата против Исламска држава влегува во нова фаза, а нејзиното раководство се обидува да се приспособи. Дали сѐ уште е битно да се лоцира, фати или ликвидира нејзиниот лидер Абу Бакр ал Багдади?

Кога и последното парче од територијата на Исламската држава во Сирија (ИСИС) минатиот месец беше освоено од силите предводени од Курдите, илјадници нејзини борци се предадоа или избегаа од регионот. Но кога егзодусот запре, а калифатот исчезна, остана мистеријата – каде е калифот.

– Не знаеме каде – изјави Џејмс Џефри, специјалниот претставник на САД во глобалната коалиција за поразување на ИСИС.
Прашан дали неговото лоцирање е приоритет, Џефри одговори дека наоѓањето на лидерите на ИСИС и на други терористички групи „секогаш е приоритет“.

Четири и пол години поминаа откако Абу Бакр ал Багдади во еден од своите ретки јавни настапи во Мосул прогласи калифат. Оттогаш лидерот на Исламска држава успева да избега, иако за неговата глава е понудена награда од 25 милиони долари. Повеќепати се шпекулираше дека е мртов или тешко ранет, но потоа се појавуваа информации дека сѐ уште е на слобода. Глас за кој експертите веруваа дека е негов се појави на една снимка минатото лето. Тој ги повика следбениците самостојно да извршуваат напади и оттогаш никој повеќе јавно не слушна за него.

Дали е сега важно да се фати Багдади? Како што посочи Асошиејтед прес, портпарол на коалицијата предводена од САД за поразување на ИСИС уште пред две години изјави дека Багдади „веќе подолго време е небитен“. Друг портпарол на коалицијата неодамна посочи дека „она што е важно да се забележи е дека неговото присуство или отсуство во ИСИС нема никакво влијание врз нејзиниот сегашен статус“.

САД поминаа речиси една деценија во лов на лидерот на Ал каеда, Осама бин Ладен. Американски тим морнарички Фоки го убија во пролетта 2011 година, а претседателот Барак Обама изјави дека неговата смрт е „најзначајното достигнување до денес во напорите на САД за пораз на Ал каеда“.

– Сепак, нема сомнение дека Ал каеда ќе продолжи да нѐ напаѓа – нагласи тој.
Искуството учи дека откривањето и фаќањето на Багдади може да потрае некое време и дека неговата група може да го преживее тоа.
Историски гледано, четири главни фактори помагаат да се утврди дали и кога отстранувањето на водачот, наречено уште и „обезглавување“, помогнало во елиминирањето на некоја група, објаснува Одри Курт Кронин, авторка на книгата „Како завршува тероризмот“.

– Факторите се однесуваат на тоа дали групите се хиерархиски структурирани, карактеризирани од одредена личност, просечно помлади од другите групи и дали имаат можен наследник – вели таа.
Според неа, овој пристап многу бил валиден за терористичките групи во Перу, Јапонија или Италија.

– Има многу случаи кога групите завршиле со обезглавување на лидерот, но барем во пошироката историска слика, тоа се случува почесто кога има можност да се фати лидерот и да се поткопа неговиот легитимитет, а многу, многу е потешко кога станува збор за исламистички групи, бидејќи прашањето каде точно да се стави некој во затвор е исклучително тешко – нагласува таа.

Според Нада Бакос, бивша аналитичарка на ЦИА вклучена во следењето на Ал каеда, пак, ИСИС, Ал каеда и со нив поврзаните групи се покажаа како посложени. Во случајот со Бин Ладен, тој секогаш беше на радар, секогаш беше дел од напорите против Ал каеда. Документите пронајдени во неговото засолниште по неговата смрт покажуваат дека дури и кога се криел, тој продолжил да ѝ дава насоки и совети на групата. Меѓутоа, по неговата ликвидација, групата се разви и се прошири во многу земји, со што се покажа дека е отпорна на тој симболичен удар.

Ал каеда беше толку отпорна што нејзиното раководство во Ирак, кое му се заколна на верност на Бин Ладен во 2004 година, но секогаш изгледаше како да дејствува независно, ги постави темелите на групата што подоцна ќе стане ИСИС. Ал каеда во Ирак ја преживеа смртта на својот лидер, Абу Мусаб ал-Заркави, во 2006 година, и конечно се консолидира и се реорганизира подоцна како Исламска држава во Ирак и Сирија под водство на Багдади.

За време на администрацијата на Обама, САД спроведуваа стратегија според која целеа на оперативните редови во раководството на ИСИС, додека го ловеа Багдади. Во јануари 2018 година, ирачкиот аналитичар Хишам ал-Хашими изјави за „Гардијан“ дека Багдади е последниот од 43-те главни лидери на групата што сѐ уште раководи, додека командантите од среден ранг морале да ги менуваат позициите откако биле убиени нивните соборци. Тешко е да организирате и да инспирирате ако треба постојано да се криете од куќа во куќа и да избегнувате да користите комуникациска опрема, и тоа во група позната по својата експлоатација на современи методи на комуникација. Се тврди дека Багдади има ограничен пристап до нив, поради страв да не ја открие својата локација, откако наводно неколкупати речиси го сторил тоа.

Сепак, еден од главните атрибути на Исламската држава е нејзината посветеност на водење „џихад без лидер“, што е тактика што им овозможува на лабаво поврзаните терористи да напаѓаат независно еден од друг. Тие можеа и напаѓаа во името на Багдади иако некои од нив можеби никогаш не слушнале што точно кажал тој.
ИСИС никогаш не успеа да организира нешто ниту приближно слично на нападите од 11 септември 2001 година во САД, кои беа испланирани од Бин Ладен. Таа траума целосно го преобликува начинот на кој САД се однесуваат кон светот. Наспроти големите насилства во САД и во Европа, инспирирани или организирани од ИСИС, групата главно извршуваше масакри во Ирак и во Сирија. Оправдувањето за одмазда и правда, особено за наоѓање и казнување на Багдади, не е толку силно како во случајот со Бин Ладен.

Тоа не значи дека наоѓањето на Багдади не е вредно, само што тоа не мора да биде главниот приоритет на борбата што следува по падот на калифатот. Администрацијата на САД посочува дека неговото наоѓање е само еден од многуте приоритети. Како што посочува Бакос, јавноста не знае точно каква улога има тој и затоа и не знае што ќе се случи со ИСИС по неговата смрт.
– Овие организации учат како да функционираат, но тоа не го прават јавно. Багдади сѐ уште има визија и стратегија и тој го турка тоа скришно, што е голема работа – нагласува Бакос.

Фаќањето или убивањето на Багдади би можело да биде контрапродуктивно на долг рок, на пример ако тој е убиен од одмазда, што ќе изгледа нелегитимно за голем број негови следбеници, или ако неговата смрт го зајакне неговиот статус на маченик. Чистата одмазда може само да поттикне одмазднички напади.

– Не велам дека одговорот е само фаќање на лидерот. Тоа е фаќање на лидерот и осигурување дека ќе се почитува владеењето на правото – вели Курт Кронин.

Според Бакос, фокусот не е само на лидерот на групата. Во однос на Багдади, прашањето е кој ги влече конците на операциите. Ако тој го прави тоа, тогаш вреди да се трошат ресурси. Во спротивно, фокусот треба да биде кон тие што раководат. Американските власти го признаваат тоа, наспроти прогласувањето крај на калифатот и објавата за повлекување на повеќето војници од Сирија.

– ИСИС активно се трансформира во мрежа на терористички ќелии и се обидува да создаде калифат и да ги загрозува цивилите во регионот и во целиот свет – нагласи Џејмс Ролинсон, портпарол на коалицијата.