Календарот на Европа

491

Датумот за почеток на преговори со ЕУ, иако во македонската јавност одамна се очекува како историска пресвртница и награда за сета политичка „пластична“ хирургија на која беше подложна државата, се чини како да добива митолошки димензии на датум што го нема во календарот

Ако за среќата се суди според стандардите од 18 век, или барем според заклучокот на францускиот филозоф Шарл де Монтескје, дека „среќни се (само) оние народи кои имаат здодевна историја“, на луѓето што живеат во Македонија очигледно не им е судено да бидат среќни. Како впрочем и на сите народи што се повикуваат на своите „нездодевни“ истории. Но за „среќа“, параметрите за среќа низ вековите се менувале, па сега дури можат и да се измерат, па секоја година се појавуваат резултати од повеќе истражувања кои ги прогласуваат најсреќните народи на светот за таа година. Модерните параметри обично се темелат на економските показатели за одредена земја, а историјата (традицијата) речиси воопшто не се „премерува“, а модерната филозофија на среќата се сведува на досетката „добро здравје и кратка меморија“. Но Македонија и понатаму е далеку од клубот на среќните земји и народи.

Во последните три децении, период што се совпаѓа со времетраењето на независноста на македонската држава, поимот за среќа, преку политичка модулација на термините, некако чудесно се изедначи со (у)верувањето дека таа ќе настапи во мигот кога земјата ќе стане дел од ЕУ и од НАТО. Во името на таквата среќа, македонските политички елити ги прифатија сите услови од европските и од НАТО-елитите, па и филозофијата за кратката меморија. Дури и во соседски договори за пријателство и добрососедство, како услов за приближување до среќата, т.е. до ЕУ и до НАТО, Македонија се согласи сопствената историја да ја брише и пишува од мигот што соседите ќе ги направи среќни. Секако, географската одредница во името на државата со сериозни импликации на националниот идентитет се прикажува како минорна жртва во однос на ветената безидентитетска среќа и гордост што се очекува кога конечно ќе биде доделен датумот за почеток на преговори за членство во ЕУ.

А тој, датумот за преговори со ЕУ, иако во македонската јавност одамна се очекува како историска пресвртница и награда за сета политичка „пластична“ хирургија на која беше подложна државата, се чини како да добива митолошки димензии на датум што го нема во календарот. Иако минатата година, во јуни, веднаш по потпишувањето на Преспанскиот договор, од Владата објавија дека од Брисел стигнала „убава вест“ и дека датумот е „освоен“, сега се очекува утрешниот ден, т.е. 29 мај, за Европската комисија повторно да даде извештај за реформите што ги спровела земјава и препорака за почеток на преговорите. Од друга страна, европските лидери, кои сесрдно ја поттикнуваа Македонија да се согласи и да ја прифати на „ултимативната жртва“, сега дипломатски се извлекуваат за исполнување на (наводно) ветениот датум за почеток на преговорите, со „домашни проблеми“. Имено, францускиот претседател Макрон, кој пред референдумот за прифаќање на Преспанскиот договор упати порака на поддршка, вели дека сега е зафатен со внатрешните предизвици во ЕУ, со утврдување на резултатите од скорашните избори за Европскиот парламент и дека не е време за проширување на Унијата… Секако, својот став го аргументира и со (ироничната) констатација дека Македонија премногу се насочила на спроведување на Преспанскиот договор, но не ги спровела реформите кои би ја приближиле до стандардите на ЕУ. Навистина, Макрон ниту во предреферендумската порака не вети „здраво за готово“ дека со прифаќање на Преспанскиот договор и со менување на уставното и историско име на земјава, веднаш ќе ја подигне рампата на ЕУ за Македонија, но поддржувачите на проектот „менуваме име за безимена среќа“ не го земаа предвид таквото француско премолчување. Резултатите од изборите за Европскиот парламент, и покрај оптимистичките толкувања во Македонија, сепак не одат во прилог на македонските европски амбиции. Двете најсилни партии остануваат Европската народна партија со освоени 179 мандати и социјалистите со 150 пратеници, и двете партии освоија 37 пратеници помалку од претходниот состав. Од друга страна, неочекувано добар резултат освоија Зелените и Алијансата на либералите и Демократите за Европа, како и подобри резултати на екстремните и популистичките партии, иако под очекувањата од пред изборите. Евроскептичните партии, иако имаат подобар резултат отколку на претходните избори, не ги остварија резултатите на кои се надеваа и кои ги најавуваа пред изборите. Неизвесно е дали меѓусебно ќе соработуваат и дали ќе ги задоволат критериумите за формирање нова пратеничка група, за што се потребни најмалку 25 пратеници од најмалку седум земји-членки.

Сепак, ова европско препозиционирање на политичките сили, Македонија го следи однадвор, без можност за влијание и со стравување дали нејзината жртва ќе биде наградена или игнорирана. Министерот за надворешни работи и потписник на Преспанскиот договор, Никола Димитров, во интервју за „Фајненшл тајмс“ речиси панично ја „предупредува“ Европската Унија дека „ќе го изгуби влијанието на Западен Балкан и ќе ризикува зајакнување на руското и на кинеското влијание ако не даде зелено светло за Северна Македонија за започнување на преговорите за пристапување во блокот“. Исто така, Димитров „предупредува“ дека одбивањето од страна на ЕУ ќе го наруши кредибилитетот на владата во Скопје и ќе ги зајакне националистичките сили.

Како што стојат работите по изборите за Европскиот парламент, шансите на Македонија за приближување до новосоздадениот поим за среќа се: влегуваме во ЕУ – сега…, а можеби и подоцна! Тогаш кога ЕУ ќе го најде датумот за Македонија во својот календар!