Како се менуваа воените буџети во изминатата деценија

23

Кина прослави 70 години владеење на Комунистичката партија со голема воена парада на плоштадот „Тијананмен“ пред бивши и актуелни лидери. Иако настанот помина во сенка на протестите во Хонгконг, сепак овозможи Кина да ги претстави своите технолошки достигнувања и новата воена моќ. Вкупно 15.000 војници маршираа на парадата, придружени од тенкови, артилерија и балистички ракети со нуклеарно оружје, како разни летала.

Кина ги зголеми инвестициите во војската во изминатите години, обидувајќи се да ја замени застарената советска опрема и да ја претвори народната армија во најсовремена сила до 2049 година. Модернизацијата се случи во време кога САД беа заглавени во два конфликта во Ирак и во Авганистан. Иако ниту една земја не се доближува до американските воени трошоци, кои лани достигнаа 649 милијарди долари (Кина е втора со 250 милијарди долари), Пекинг бележи најголем пораст во воениот буџет во изминатата деценија, според СИПРИ.

Во тој период, Кина ги зголеми трошоците за 83 отсто и резултатите од тоа можеа да се видат на улиците на Пекинг за време на парадата. Дури и Саудиска Арабија, која со години купува воена опрема, успеа во тој период да ги зголеми воените трошоци за „само“ 28 отсто. Русија, исто така, е во процес на модернизација и нејзиното трошење се зголеми за 29 отсто од 2009 година. Во меѓувреме, американските воени трошоци се намалија за 17 отсто во изминатата деценија. Претседателот на САД, Доналд Трамп, е подготвен да го запре овој тренд поради притисокот за модернизација од Пекинг и од Москва.