Како до посилни Обединети нации во еден разединет свет

138

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во интервју зборува за слабеењето на американската моќ и за опасностите што го демнат поделениот свет

Во изминатите две години, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, гледаше како американскиот претседател Доналд Трамп од корен ја менува надворешната политика, почна трговски војни, а истовремено се повлече од меѓународните договори и сојузи. Гутереш донесе одлука. САД, кои некогаш важеа за главни гаранти на стабилноста во светот, ја губат моќта да влијаат врз светските настани.

– Мислам дека меката моќ на САД сега е намалена – изјави Гутереш во интервју за „Атлантик“, додавајќи дека оваа состојба е опасна затоа што „нема друг начин да се решат повеќето проблеми во светот без Америка“.

Интервјуто е направено во неговата канцеларија во Њујорк, со поглед кон паркот „Четири слободи“, во чест на визијата на Франклин Рузвелт за она што САД и нивните сојузници се бореа да го зачуваат и промовираат во Втората светска војна. Токму Рузвелт ги предводеше напорите за да се формираат ОН од остатоците на таа војна пред повеќе од седум децении.

– САД денес се вклучени во голем број конфликти од различна природа во однос на трговијата и други сфери и навистина тоа значи дека привлечноста на американското општество, која беше доминантен фактор во меѓународните односи само пред неколку децении, сега веќе се губи – вели Гутереш.

Тој смета дека ова се случува во светот што е „распарчен“ и од крајот на Студената војна се движи од поредок предводен од Американците кон поредок што е предводен од повеќе сили и кој допрва треба да се дефинира. Гутереш вели дека „неизбежно сè почесто ќе се доведува во прашање лидерството на државите во меѓународниот поредок, а САД и преостанатиот дел од светот ќе треба да се приспособат на новонастанатата ситуација“.

Гутереш не го критикува директно Трамп и не го спомнува по име американскиот претседател, дури и кога е под притисок да го каже својот став за нарушената американска надворешна политика. Генералниот секретар успева да го зачува професионалниот однос со американската влада за прашањата како што е внатрешната реформа во ОН и покрај тоа што администрацијата на Трамп се повлече од Парискиот климатски договор, од агенциите за култура и за човекови права, повеќе не ја финансира агенцијата на ОН за палестинските бегалци и непријателски се однесува со меѓународните институции со неговата политика „Америка на прво место“.

Во нормални услови, Гутереш, кој е поранешен премиер на Португалија, сојузничка во НАТО и демократска држава, би бил природен партнер на САД во ОН.
Но сега не постојат нормални услови.

– Гутереш ја извршува функцијата генерален секретар во момент кога САД, покрај својата долгогодишна колебливост кон ОН уште од 1970-тите, повеќе не сакаат да бидат столбот на меѓународниот систем – оценува Стјуарт Патрик од Советот за надворешни односи.

Гутереш има „едноставна“ стратегија за да го задржи Вашингтон ангажиран, а тоа е „да се утврдат нештата во кои верува без конфронтации“.

– Јас не сум мултилатералист против некого. Јас сум мултилатералист, затоа што верувам во мултилатералниот поредок. Мислам дека климатските промени се најголемата закана за светот. Тоа нема никаква врска со тоа кој е или не е на чело на една држава. Во однос на климатските промени, ако не се преземат одлучни мерки во наредните неколку години, можат да се случат непоправливи сериозни штети по планетата. Ние ја губиме трката, затоа што климатските промени се побрзи од нас – нагласува тој.

Сепак, грубата процена на Гутереш за американското влијание е спротивна на суштинскиот наратив на Трамп дека тој повторно ја прави Америка голема и повторно ја добива почитта од другите земји, на пример со тоа што почна трговска војна со Кина и се заканува со нови спорови, или со тоа што ги повлече САД од иранскиот нуклеарен договор.

На прашањето дали е загрижен за сериозни нарушувања, на пример ако САД се повлечат целосно од ОН, генералниот секретар даде одговор што немаше тежина, но имаше тежина тоа што не го изјави, односно дека такво сценарио е незамисливо, поточно неговиот одговор беше дека „ќе стори сè во негова моќ да го избегне тоа“.

Генералниот секретар на ОН се соочува еден поголем проблем, кој ја надминува Америка. Според него, главен проблем во светот денес не е само фактот што се доведени во опасност демократските постигнувања од крајот на 20 век, туку и нешто многу подлабоко, а тоа се вредностите на просветителството. Сведоци сме на повторното појавување на нерационалноста, смета генералниот секретар, кој пред да дојде на позицијата во 2017 година, ја извршуваше функцијата висок комесар за бегалци на ОН за време на најлошата бегалска криза по Втората светска војна и сега сака да склучи „светски договор“ за справување со брановите миграција (администрацијата на Трамп се повлече од преговорите.) Тој смета дека просветителството е врвот во разумот.

– Тоа е толеранција, а сега сме сведоци на појавата на ксенофобични инстинкти, на етнички и верски фундаментализми. Очигледно сите овие нешта ја доведуваат во прашање кохезијата на општествата, а таа е суштинска алатка за демократијата – вели Гутереш.

Тој смета дека не е „претерување“ ако американската демократија се оцени како „дефектна“, како што покажа една скорашна студија за демократијата во светот, но намерно не ги истакнува како доказ политичките лидери на државата. Сепак, без разлика што се случува во политичкиот естаблишмент, САД имаат неверојатно динамични граѓанско општество и медиуми.

Но има силни реакции против двата скорашни брана на демократизација, додава Гутереш. Прво му се стави крај на авторитарното владеење во неколку јужноевропски и латиноамерикански држави во 1970-тите и 1980-тите. Потоа следуваа распадот на Советскиот Сојуз и демократската транзиција во Русија и во повеќето од нејзините сателитски држави во 1990-тите, кога Гутереш беше премиер на Португалија.
– Агендата за човекови права земаше замав, а демократијата стануваше доминантна форма на политичка организација во светот – вели тој.

Но Френсис Фукујама згреши што го прогласи периодот по Студената војна за „крај на историјата“, смета Гутереш, кој е првиот поранешен шеф на влада што станал генерален секретар на ОН. Историјата беше замрзната со Студената војна, но потоа, кратко по почетокот на 21 век, таа повторно се врати на сцена, вели тој. Неправдите на глобализацијата ја намалија довербата на народот во националниот политички естаблишмент, што „го наруши моралниот авторитет на демократиите во светот“ и исто така се намали довербата во меѓународните организации и соработката. На површина изби потиснатиот национализам, додека агендата „за национален суверенитет“ ги замени оние за демократија и човекови права. Политиките во многу држави станаа силно поларизирани и идеолошки, со тоа што партиите се насочија кон собирање гласови од нивните гласачки тела наместо да се борат да ги добијат гласовите на избирачите од центарот како претходно. Поради исцрпените сили, силен замав зедоа авторитарно насочените форми на демократија.

– Излезе дека либералната демократија не е неизбежна – вели Гутереш, додавајќи дека таа мора да се негува.

Гутереш можеби е ставен во најневозможната позиција да води нешто што се нарекува Обединети нации во време кога светот е силно поделен, како што смета и самиот. Тој посочува дека не станува збор за појава на дисфункционални демократии и ксенофобичен национализам. Виновниците исто така вклучуваат промена на динамиката на моќ и повторната појава на конфликтот меѓу големите сили во свет што не е организиран ниту од биполарниот натпревар во Студената војна ниту од единственото лидерство што САД го имаат по распадот на Советскиот Сојуз.
– Живееме во хаотичен свет, во кој неказнетоста и непредвидливоста станаа правило на игра – нагласува тој.

На пример, во случајот со сириската војна се вмешани и суперсилите. Потоа има неколку регионални актери, како Турција, Иран, Саудиска Арабија и Катар. Потоа има терористички групи, но и разни видови сириски движења, заклучува Гутереш, кој апелира до сириската влада и нејзините руски сојузници да не го напаѓаат Идлиб, последното упориште на бунтовниците.

– Многу е тешко да се состави сложувалката и со тоа многу потешко се постигнува мирот. Прво превенцијата е посложена, затоа што имаме повеќе актери и се зголемуваат ризиците од конфликт. Потоа решавањето на конфликтот станува уште потешко, поради сите контрадикторни интереси на овие актери – смета тој.
Тоа беше доволно за да дејствува носталгично во споредба со поредокот од Студената војна. За време на Студената војна постоеја конфликти и многу војни се водеа преку платеници, но кога навистина ќе се појавеше опасност, обично двете суперсили ја смируваа состојбата, вели Гутереш. Тој се сеќава како во периодот по Студената војна „постоеше капацитет за САД да станат навистина силно влијание во решавањето на проблемите“, на пример кога администрацијата на Клинтон го мобилизира Советот за безбедност на ОН да распореди мировни сили во бившата португалска колонија Источен Тимор откако гласањето за независност од Индонезија предизвика насилства.
– Сè се случи кога претседателот на САД одлучи дека беше потребна интервенција. Но сега повеќе не постојат вакви реакции. Фактот што светот се движи кон мултиполарна состојба, со неколку истакнати сили што го организираат меѓународниот систем, веројатно е добро. Но би се залажувале ако сметаме дека мултиполарноста е решение за мировните и безбедносните проблеми. Не смееме да заборавиме дека Европа пред Првата светска војна беше мултиполарна, но во отсуство на мултилатерални владејачки механизми, континентот падна во војна – додава Гутереш.

Кевин Рад, бившиот австралиски премиер и некогашен кандидат за позицијата на Гутереш, еднаш изјави дека обично ги сфаќаме здраво за готово сегашните меѓународни институции како што се ОН. Но поредокот во меѓународните односи, историски гледано, беше исклучок, а не правило. Три претходни обиди во Европа за да се формира меѓудржавен поредок по катастрофален конфликт се распаднаа низ годините и на крајот се случи хаос.

Рад заклучи дека сѐ уште има поделби за четвртиот обид, кој можеби никогаш нема да се оствари ако двете катастрофални војни не го принудија светот да го почне најамбициозниот проект во човечката историја за градење поредок. На прашањето дали Гутереш се согласува со тврдењата дека четвртиот обид не е реализиран како што треба, имајќи предвид дека ја предводи најистакнатата компонента на четвртиот поредок, тој одговори потврдно, но нагласи дека иднината е непредвидлива.

Гутереш признава дека „Советот за безбедност не соодветствува повеќе на денешната динамика на меѓународните сили“ и дека актуелно постои сериозна конфронтациска атмосфера меѓу постојаните членки на Советот со право на вето – САД, Кина, Русија, Британија и Франција. Овие сили се бореа и во многу случаи не успеаја да преземат значајна колективна акција за речиси сите неодложни денешни проблеми, како по обвинувањата за геноцид врз Рохинџите во Мјанмар, руската анексија на Крим или катастрофата во Сирија, со исклучок на санкциите против Северна Кореја.
– Со вакви поделби во Советот, тешко е да се усвојат санкции или да се усвојат тешки мерки против секаков вид режим во светот, иако тие санкции и тешки мерки се целосно оправдани – признава Гутереш.

Една од лекциите што Рад ги научил од историјата е дека еден меѓународен систем ќе може да истрае само кога државите што го создале ќе инвестираат во неговата иднина. Сега, државите што учествуваа во формирањето на актуелниот поредок се во судир. Гутереш покажа загриженост за „повторната појава на студена војна“ меѓу Русија и САД, овој пат без заштитни мерки што претходно беа воведени за да се намалат тензиите и се спречи нуклеарна војна. За време на една скорашна посета во Вашингтон, еден кинески научник и бивш владин функционер изјавија дека американската влада „сака да го промени текот на 40-годишната соработка со Кина“ и дека горливото прашање е дали американските лидери „сакаат кавга или договор“. Ако е кавга во прашање, како што предупреди научникот, тогаш „нема да има капитулација“ од кинеската страна. Но ако се подготвува бура, тогаш подобро да бидеме сигурни дека бродот е од добра градба.

– Ако на крајот заглавиме со слаби светски институции, заедно со зголеменото ривалство меѓу големите сили, тогаш стратегиски сме тргнале кон еден уште поранлив светски поредок од претходниот – заклучува Рад.