Како до побогати туристи?

303
Фото: Игор Бансколиев

Субвенцијата не значи одржливост, туку само мотивација, што и беше иницијалната идеја за субвенционирање на туристичката индустрија. Во иднина АППТ ќе понуди одржлив модел на субвенционирање, кој ќе мотивира и развие поголем број странски пазари, а фокусот ќе биде на високоразвиените земји, најави првиот човек на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски

Колкав е ефектот од субвенционираните туристи и какви резултати се постигнати со досегашниот модел на субвенционирање се прашањата што се отворија по последните анализи на Државниот завод за статистика, кои повторно покажуваат пад на бројот на туристи во земјава иако првиот човек на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски вели дека годината ќе заврши со пораст на вкупниот број туристи што ја посетиле Македонија. Сепак, во изминативе месеци честопати се укажуваше дека е дојдено време за промена на моделот на субвенционирање, но и за создавање стратегија во која насока ќе се развива туризмот.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) секоја година работи во согласност со годишната програма, во која се предвидени средства за субвенционирање организиран туристички промет. Имено, за минатата, 2018 година, од АППТ информираат дека се исплатени 73.329.840 денари за организиран туристички промет, што е за 33 проценти повеќе исплатени субвенции од 2017 година. Притоа, од АППТ додаваат дека од вкупните субвенции, шест отсто се за автобуски тури, 53 се за авионски тури и 26 проценти се за комбинирани тури. Во првата половина на 2019 година се исплатени вкупно 55.759.612 денари за организиран туристички промет.

– Според податоците на НБРСМ, во првите два квартали во 2019 година има покачување на девизниот прилив од ставка туризам од 1,34 процент во споредба со истиот период во 2018 година. Тоа се вкупно 153,89 милиони американски долари девизен прилив од туризам. Додека директниот девизен прилив од туризмот во 2018 година е во пораст за 16,7 проценти во однос на 2017 година. Поточно, во 2017 девизниот прилив изнесувал 327,04, односно 381,57 милиони американски долари. Во истиот период бројот на туристи пораснал за 12 проценти, додека бројот на ноќевања за 15 – објаснува директорот на АППТ, Јаневски.

Деновиве претставниците на Асоцијацијата на хотели, ресторани, кафетерии и автокампови (ХОТАМ) посочија дека, поради долгите и комплицирани административни процедури за добивање субвенции и нивната неисплата и за последните три години, странските туроператори ја заобиколуваат земјава.
– Доживеавме наместо зголемен број на летови, особено од земјите од Бенелукс, имаме намален број летови. Имаме и туроператори што се бренд на светско ниво, а кои се откажуваат од Охрид и од Македонија. Сето тоа по досегашните анализи се должи на комплицираниот начин на собирање документи, преобемна документација, премали рокови – рече Дончо Таневски од Асоцијацијата на хотели, ресторани, кафетерии и автокампови (ХОТАМ).

Првиот човек на АППТ вели дека има многу механизми со кои може да се привлечат поголем број туристи, но прашањето е дали ние сакаме поголем број туристи (развивање масовен туризам) или, пак, целиме кон оние туристи што се платежно поспособни.

– Пред десетина години системот на субвенционирање, кој се применува и до денес, го дал својот резултат, тоа го докажува порастот на бројот на туристи. Последниве неколку години бројот на туристи од одредени земји е во пад. Тоа континуирано се случува со гостите од земјите на Бенелукс, а последната година и кај туристите од Турција. Причина е економската криза во која западна Турција и која длабоко се одрази на секое поле, вклучувајќи го и патувањето. Почетокот на годинава бележевме пад од 56 проценти кај бројот на туристи од Турција во споредба со истиот период лани, но сега тој пад го намаливме и изнесува само десет отсто – појаснува Јаневски.

Тој исто така посочува дека, сепак, вкупниот број на туристи и ноќевања на крајот на годината нема да опадне затоа што има драстичен пораст на гости од други пазари, кои го компензираат овој број.

– До 2020 година јас сум убеден дека ќе има 3-5 проценти пораст во вкупниот број на туристи и ноќевања. Останува да причекаме уште еден квартал и да ги видиме финалните статистики пред да ја констатираме 2019 година како успешна или не. Информацијата на ХОТАМ не е точна, правилникот за субвенционирање не е променет, се работи според истиот правилник, а туристите од земјите на Бенелукс континуирано опаѓаат, што ја намалува веројатноста повторно да го достигнат пикот од 2015 година, со 32.000 туристи. Субвенцијата не значи одржливост, туку само мотивација, што и беше иницијалната идеја за субвенционирање на туристичката индустрија. Во иднина АППТ ќе понуди одржлив модел на субвенционирање, кој ќе мотивира и развие поголем број странски туристи, а фокусот ќе биде на високоразвиените земји – прецизира Јаневски.

Туризмологот Зоран Николовски констатира дека пикот на бројот на туристи сѐ уште не е достигнат и дека досегашниот пораст на бројот на туристи се должи на неколкугодишните развојни програми и напори за привлекување туристи. Тој посочува дека пораст има во сите типови посети на земјава, не само кај класичниот туризам, туку и кај алтернативниот, но и во бизнис-посетите, и истакнува дека за да продолжи порастот во иднина се потребни промени во стратегијата за туризам.
– За да расте посетеноста и во иднина, потребна е пред сѐ нова стратегија, која ќе покаже каде ќе се развива туризмот. Но и за понатаму да се зголемуваа посетеноста, потребно е кревање на јавната свест, кај сите, не само кај инволвираните во туризмот туку кај сите граѓани – објаснува Николовски.