Како да изгубиш трговска војна

269

Трговските војни не се добри или лесни за добивање дури и да знаете што сакате да постигнете и имате јасна стратегија за да го остварите тоа. Она што треба да се истакне за царините на Трамп е дека тие се самоуништувачки

Пол Кругман

Изјавата на Доналд Трамп дека „трговските војни се добри и лесно се освојуваат“ веднаш стана легендарна покрај онаа на Херберт Хувер дека „просперитетот е само на дофат од нас“. Трамп очигледно верува дека трговијата е игра во која победува оној што го има најголемиот суфицит и дека Америка, која увезува повеќе отколку што извезува, има предност во секој конфликт. Токму затоа Питер Наваро предвиде дека никој нема да возврати на царините на Трамп. Бидејќи токму на ваков начин не функционира трговијата, ние веќе се соочуваме со возвраќање на ударот и со силни шанси за ескалација.

Проблемот е што царините на Трамп се лошо смислени дури и од гледна точка на некој што се согласува со неговиот суров меркантилистички став за трговијата. Всушност, структурата на неговите царини досега има цел да нанесе максимална штета на американската економија за минимална добивка. За разлика од тоа, странското возвраќање е далеку пософистицирано. За разлика од Трамп, кинеските и другите цели на неговиот трговски гнев имаат јасна идеја што сакаат да постигнат.
Клучно е тоа што Наваро и Трамп, покрај фиксацијата на трговските биланси, изгледа веруваат дека светот уште изгледа како во 1960-тите, кога трговијата генерално се сведуваше на готови производи како жито и автомобили. Во тој свет, со наметнувањето царини за увезените автомобили, потрошувачите својот интерес го вртеа кон домашните автомобили со што се зголемуваа работните места во автомобилската индустрија и крај на приказната (освен за странската одмазда).
Во современата светска економија, сепак голем дел од трговијата се сведува на полуготови производи, не автомобили туку автоделови. Ако се наметнат царини за автоделовите, не се знае дали ќе има зголемување на работните места дури ни во првиот циклус од ефектот. Можеби домашните производители на делови ќе отворат работни места, но со зголемени трошоци и намалена конкуренција за завршните производители ќе се намали работата.

Во денешниот свет, паметните трговски воини, ако воопшто постојат такви луѓе, ќе се фокусираат на царини за готовите производи за да ги избегнат зголемените трошоци за производителите на завршни домашни артикли. Точно, ова ќе придонесе помалку или повеќе за директен данок врз потрошувачите, но ако не сакате да им наметнете товар на потрошувачите, тогаш првенствено не треба да влегувате во трговска војна.
Но речиси ниедна од царините на Трамп не е за стоки за масовна потрошувачка. Чед Баун и неговите колеги изработија одлични дијаграми на кои е прикажана дистрибуцијата на царините за Кина што Трамп ѝ ги наметна. Неверојатни 95 отсто се однесуваат или на полуготови или на капитални добра како машински делови, кои исто така се користат во домашното производство.
Дали постои стратегија, затоа што тешко може да се забележи сега. Не постои ниту еден сигнал дека царините имаа намера да ја натераат Кина да ги прифати американските барања, бидејќи никој не може да сфати што точно Трамп сака од Кина на прво место.
Кинеските возвратни мерки се поинакви. Тие не ги избегнуваат целосно царините на полуготовите производи, туку повеќето се однесуваат на готовите производи. Исто така, тие имаат јасна политичка стратегија да им наштетат на гласачите на Трамп. Кинезите, за разлика од Трамп, знаат што сакаат да постигнат.

Што е со другите? Сликата за Канада се искомплицира со нејзиниот директен одговор на царините за алуминиум и за челик, но ако се тргнат настрана овие индустрии, и оваа држава има пософистицирана стратегија од САД. Освен за челик и за алуминиум, возвратната стратегија на Канада е да избегне да го наруши синџирот на снабдување во Северна Америка. Пошироко кажано, Канада не цели на увозот на американски капитални добра или полуготови производи, туку на готовите производи. Исто како Кина, Канада јасно сака да нанесе максимална политичка штета.
Трговските војни не се добри или лесни за добивање дури и да знаете што сакате да постигнете и имате јасна стратегија за да го остварите тоа. Она што треба да се истакне за царините на Трамп е дека тие се самоуништувачки. Веќе можеме да забележиме сигнали за економски последици. Во еден федерален извештај се наведува дека „многу контакти од окрузите се загрижени за можните спротивни ефекти на царините и другите предложени трговски рестрикции за идната инвестициска активност, еднакво дома и надвор. Контактите во некои од окрузите покажаа дека плановите за капиталните трошоци се намалија или се одложија како резултат на неизвесноста во трговската политика. Контактите во челичната и во алуминиумската индустрија очекуваа повисоки цели како резултат на царините за овие производи, но не планираа нови инвестиции за зголемување на производствениот капацитет“.
Така, Трамп и неговиот тим всушност немаат план како да победат во оваа трговска војна. Сепак, тие можеби случајно ќе смислат стратегија со која ќе доживеат уште поубедлив пораз од очекуваниот.

Авторот е американски економист и нобеловец


Трамп: Планот за брегзит ќе го убие трговскиот договор со САД

Американскиот претседател Доналд Трамп ја предупреди британската премиерка Тереза Меј дека ако го спроведе нејзиниот актуелен план за брегзит, веројатно нема да обезбеди поволен трговски договор со САД.
Трамп, кој е во прва официјална посета на Британија како претседател на САД, во интервју за весникот „Сан“ изјави дека планот на Меј веројатно „ќе го убие договорот“, зашто тоа ќе значи дека САД ќе треба да се справуваат со ЕУ, а не со Британија. Британската премиерка сака да обезбеди договор за слободна трговија со САД, нагласувајќи дека брегзит претставува можност за јакнење на економскиот пораст во Британија и во САД.
Трамп, кој го поддржува брегзит, смета дека актуелниот план за уредување на идните односите меѓу Британија и ЕУ е многу различен од „договорот за кој гласал народот“. Тој смета дека со таков план ќе треба да се справува со ЕУ.
– Веќе имаме тешкотии со ЕУ. САД вршат притисок врз ЕУ зашто Унијата не нѐ третира праведно во однос на трговијата – изјави Трамп.
Претседателот на САД откри дека ѝ сугерирал на британската премиерка каков договор за брегзит да склучи, но дека таа не го послушала. Инаку, Трамп во интервјуто нагласи и дека бившиот шеф на британската дипломатија Борис Џонсон, кој е против планот за брегзит на Меј, и неделава поднесе оставка од министерската позиција, би бил „одличен британски премиер“.
Британските аналитичари оценуваат дека Трамп со изјавите во интервјуто ги прегазил позициите на премиерката Меј дека ќе може да обезбеди поволни трговски договори со остатокот од светот, а истовремено да продолжи да ги почитува и правилата на ЕУ, пренесува Би-би-си.
Трамп ќе биде во Британија до крајот на викендот, а за време на престојот ќе се сретне и со кралицата и ќе игра голф на своите терени во Шкотска. Тој на Островот е пречекан со протести, но и со огромен балон наречен Бебето Трамп.