Како да го негувате божиќното цвеќе

300

Божиќната ѕвезда (Euphorbia pulcherrima) е совршен подарок за божиќните празници, бидејќи е специфична и препознатлива по тоа што цвета околу Божиќ. Со своите преубави цветови таа ќе го разубави вашиот дом за празниците. Но за да уживате во нејзината убавина, треба правилно да ја негувате.

Најчесто божиќното цвеќе го купувате расцветано, а кога ќе паднат неговите црвени листови и ќе прецвета, треба да го преместите во малку постудена просторија и да престанете да го налевате. По периодот на мирување, ова цвеќе ќе биде подготвено за новата сезона ако добро го негувате.

Додека цвета, растението треба да го чувате во малку постудена просторија, на температура од 12 до 14 Целзиусови степени, затоа што во потопла просторија брзо ќе прецвета.

Растението го бара најсветлото место (на прозорецот) и влажен воздух, а тоа се однесува на централното греење каде што температурата е повисока. Кога ќе прецвета, односно кога ќе му отпадне цветот, растението можете да го префрлите во малку постудена просторија. Најпогодна температура е од 10 до 12 степени. Тогаш престанувате да го налевате, па растението ќе ги отфрли лисјата, што значи ќе настапи мирување.

Во април растението треба да се пресади во свежа хранлива земја, со 15 отсто чист речен песок. Кога ќе го пресадувате цвеќето, добро е гранчињата да ги скратите на должина од околу 10 сантиметри. Местото каде што сте го исекле цвеќето запрашете го со дрвен јаглен или запечатете го со восок од запалена свеќа, за да не истече млекото. Ако истече млекото од растението, тоа нема да може повторно да процвета.
На пресаденото растение обезбедете му светлина и топло место, во близина на прозорец или на самиот прозорец. На почетокот полевајте го внимателно. Кога ќе почне да пушта нови гранчиња и ливчиња, полевајте го обилно, и тоа секогаш со млака вода.

Кон крајот на јуни можете да го изнесете надвор на сончево место. Со оглед на тоа дека растението е во полн раст, секои 15 дена треба да го потхранувате.
До есен тоа ќе пушти цврсти гранчиња. Кога ќе настапат постудените денови, растението треба да го внесете во потопла просторија, на полна светлина на прозорецот.

Божиќната ѕвезда е растение со краток ден, што значи дека цвета кога денот е пократок од 12 часа. Ако просторијата каде што е сместено растението се осветлува подолго од 12 часа, нема да процвета.
Поради тоа, цвеќето мора да го чувате во соба во која денот е „пократок“ сѐ додека не се развијат цветовите.