Како администрацијата да стане вистински сервис на бизнисот

196
Фото: Дарко Андоновски

Стратегиските насоки, секако, се темелат на идентификација на развојните перспективи и излезни решенија за македонската економија, но една од нив е дефинитивно реформирање на јавната администрација. Таа, всушност, треба да биде вистински сервис на стопанството и сериозен партнер на бизнисот, со што би се постигнала заедничката цел и на државата и на бизнисот за динамичен економски развој. Од Владата се децидни дека посветено работат на подобрување на условите за водење бизнис во земјата и токму во таа насока тежнеат кон воспоставување силен и партнерски однос со стопанството

Според многуте оцени за актуелната економска ситуација во земјава од релевантни домашни и странски експерти, се заклучува дека со сегашниот економски пораст Македонија „може само да обезбеди опстанок“, но, за „забележителен просперитет, а уште повеќе и за динамизиран пораст и одржлив развој, сепак се потребни нови предизвици и сериозни плански активности“. Прашањето е како македонската економија да зачекори по тој пат? Секако дека генералниот одговор би бил – спроведување што е можно повеќе реформи и нивно ефикасно имплементирање. Стратегиските насоки, секако, се темелат на идентификација на развојните перспективи и излезни решенија за македонската економија, но една од нив е дефинитивно реформирање на јавната администрација. Таа всушност треба да биде вистински сервис на стопанството и сериозен партнер на бизнисот, со што би се постигнала заедничката цел и на државата и на бизнисот за динамичен економски развој. Од коморите велат дека јавната администрација треба да биде професионална, ослободена од политика, ефикасна и дека треба да работи за развој на земјата и да биде сервис на граѓаните и на стопанството.

Според претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, со склучување договор помеѓу државата и приватниот сектор, односот помеѓу двата субјекта ќе добие поголемо значење.
– Наместо како сега, да се дејствува стихијно и инцидентно во градењето на релациите со бизнис-заедницата и во дефинирањето на стратегиските приоритети, треба да се почне од обврската за консултација на бизнисот при донесување на прописите, зголемување на квалитетот и брзината на јавната администрација, поддршка и промоција на извозот, па до подобрување на состојбите во правосудството, создавање кадар во согласност со потребите на стопанството, квалитетен економско-социјален дијалог, индустриски политики и стратегии за развој – смета Азески.
Како што вели Дарко Лазаров, професор на Економскиот факултет на универзитетот „Гоце Делчев“, потребно е да се работи на менување на менталитетот на бизнис-секторот, зајакнување на институционалните капацитети на државата и реформирање на јавната администрација.
– Реформирањето на јавната администрација треба да биде на сите нивоа, од највисоко до најниско, во насока на специјализација, деполитизација, усовршување, надградување и дигитализација за да стане вистински сервис на бизнисот. Потребно е политиката да се тргне од бизнисот, да се зајакнат капацитети на правните, политичките и економските институции и, конечно, бизнисот да си го заземе своето место како моторна сила и двигател на економијата – истакна Лазаров.

И во заклучоците од состанок на Европскиот совет во Луксембург се вели дека за Македонија е отворен патот за почнување пристапни преговори со ЕУ во јуни идната година, но за да се случи тоа Советот очекува опипливи и долготрајни резултати, фокусирани поконкретно на реформи во јавната администрација, како и на судски реформи и проактивни истраги, обвиненија и конечни пресуди за случаите за корупција и организиран криминал, вклучувајќи ги и тие на високо ниво, реформи во разузнавачките и безбедносните служби.
Владата на Република Македонија вели дека нивната цел е создавање стручна и ефикасна, отчетна и транспарентна администрација, која ќе обезбеди квалитетни услуги за граѓаните и за бизнис-секторот и ќе ги заштити нивните права.
Неодамна СКМ истакна дека генерална оцена на соработката со Владата е дека постои силна волја за соработка и воспоставен е јавно-приватниот дијалог на највисоко ниво, но има реални потреби за подобрување на комуникацијата, што ќе биде во насока на поттикнување на ефикасноста и ажурноста на јавните и на државните службеници и намалување на административните бариери.

– Без брзи и ефикасни административни постапки, без намалување на бирократизацијата и без професионална администрација, не може да одиме напред и да очекуваме брза реализација на нашите иницијативи, кои се во интерес на унапредување на деловната клима во државата – велат од СКМ.
Од кабинетот на заменик-претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, за „Нова Македонија“ истакнуваат дека Владата посветено работи на подобрување на условите за водење бизнис во земјата и токму во таа насока тежнее кон воспоставување силен и партнерски однос со стопанството.
– Политиката подалеку од економијата и креирањето законски решенија за реалните потреби на бизнисмените – се основни начела врз кои се креираат владините економски политики.
Водени токму од искрената заложба, не само декларативно туку и во практика, стопанските комори добија свој претставник во владиниот кабинет, како одговор на потребата да се градат економските политики синхронизирани со барањата на стопанството – нагласуваат од кабинетот.

Оттаму велат дека пред неколку месеци првпат Владата на Република Македонија и бизнис-заедницата потпишаа меморандум за формално воспоставување јавно-приватен дијалог, што е уште еден чекор напред во секојдневната комуникација при креирањето на политиките што придонесуваат за пораст и развој на економијата.
– Ние како комора го отворивме прашањето за потребата од склучување на договорот за уредување на односите помеѓу јавниот и приватниот сектор, во кој прецизно ќе се дефинира каде престанува мешањето на државата во приватниот сектор, од една страна, но и кои се обврските на приватниот сектор спрема државата, од друга страна, и како тие ќе се спроведуваат за да бидат ставени во функција на економскиот развој – објаснуваат од Стопанската комора на Македонија.
Според нив, за да може успешно да се катализира комплексниот процес на достигнување повисоки стапки на економски пораст, потребно е државата да ги артикулира интересите на сите заинтересирани субјекти од кои се очекува придонес за динамизирање на економскиот развој.

Фото: Дарко Андоновски