Каков е пристапот на руската војска кон современото војување?

426

Aнализа на армијата на САД

Во анализата се образложува една многу интересна теза. Имено, тоа е дека Русија, всушност, веќе го применува американскиот пристап на современо војување. Низ низа примери, во анализата направена од армијата на САД, се констатира дека руските сили го прифатиле одамна препознатливиот концепт на војување на САД и го примениле во својата доктрина. Има ли сличности или разлики меѓу САД и Русија во нивниот пристап кон современото војување?

Армијата на САД објави многу интересна анализа за тоа како да се победи руската хибридна воена стратегија. Анализата под името „Прирачник за новата генерација на руската воена стратегија“, неодамна беше обелоденета во јавноста. Имено, армијата на САД ја анализира хибридната воена тактика на Русија и проучува на кој начин американската армија може да ѝ се спротивстави. Ваквата анализа покажува дека сѐ уште се актуелни темелните и сериозни анализи на „потенцијалните воени противници“, нивните предности, слаби страни, начини и практика на употреба на своите воени потенцијали и т.н. тврда моќ. Ваквите анализи, според воените аналитичари, не ги прават само големите сили или воените алијанси, туку и помалите држави. И сето тоа е легитимно, бидејќи таквите анализи се основа за позиционирање на сопствените државни политики: воени, политички, стратегиски, па дури и економски.

Анализата направена од страна на армијата на САД е само пример на сериозен пристап кон одреден предизвик, во случајот тоа е Русија. На обичниот читател ќе му се чини дека подготовката за нова светска војна е при крај, додека за оние што се длабоко инволвирани во ваквата проблематика, ова е уште еден доказ дека виртуелната (воена) партија шах никогаш не престанала.

Во таквиот контекст ја презентираме и анализата на армијата на САД, напишана на 68 страници, полна со податоци (и фотографии) за руската воена опрема. Дел од анализата се фокусира на руските операции во Украина и Крим. Таму се претставени разузнавачки информации според кои во операциите биле вклучени мали единици за специјални операции, чие дејствување е тајно, и микроединици, но елитни вооружени формации од редовните руски трупи.

Во публикуваната анализа на армијата на САД се заклучува и издвојува дека стратегијата на Русија, всушност се темели на промена на државниот поредок преку здружување со локалните опозициски сили, наместо на конвенционалните воени победи на руската војска.

-Имајќи предвид дека новата цел е промена на севкупниот систем на владеење, новата генерација на рускиот воен пристап може да користи секакви средства за влијание што ѝ се на дофат за да се постигне таквата промена. Не секогаш промената на режимот се решава по пат на воена опција, но тогаш кога се активираат воени средства, тоа е во целосна корелација со делови од локалното население. Вклученоста на локалните жители ѝ дава оправданост на воената акција во очите на светот – се објаснува во анализата на американската армија.

Во анализата се констатира дека Русија го има применето американскиот пристап, по пат на покривање на бојното поле со екипирани и неекипирани сензорски системи за детекција на непријателски сили, кои потоа може да бидат уништени од страна на авиони и артилерија.

-На ниво на тактика, пристапот на руската војска кон современото војување може да се сумира како „аквизиција на цели“. Руските сили го прифатија овој концепт и го применија на својата доктрина. Рускиот концепт се состои од способноста да се испорачаат уништувачки индиректни воздушни стрелби, додека се на безбедна оддалеченост од непријателот, како и од заштитата на сопствените војници преку употребата на АДА (air defense artillery – артилерија за воздушна одбрана) и ЕВ (electronic warfare – електронско војување). Откако ќе се употребат соодветни воздушни стрелби, копнените сили ќе почнат со маневри, по можност со оклопни единици, за да обезбедат време и простор за индиректна стрелба и заштитни платформи за движење напред и повторно започнување на циклусот – истакнуваат од американските воени сили.

Анализата објавена од страна на американската војска исто така ги истражува и руските тактички операции во хибридното војување. Еден многу пластичен пример на бојното поле тоа и го опишува… Имено, во анализата се споменува дека во источна Украина, украинските трупи беа приклештени – оставени да седат наведнати за спас од воздушни и артилериски напади – од страна на руските рачни гранати ф1 со жично детонирање. Жиците од противтенковските теледиригирани ракети им овозможуваат на проруските сили да ги користат како готови детонатори за експлозии, кои навидум изгледаат како обични отпадоци на бојното поле. Проруските сили исто така користат рибарски конец натопен во моторно масло, кој целосно се вклопува во природните бои и шари на околината.

Наедно, се издвојува и една многу интересна формација, која личи македонската фаланга на Александар Македонски, но во посовремен облик. Имено, според анализата во која има голем број разузнавачки информации, Русија вработила голем број разнородни снајпери во Украина. Тие наводно биле интегрирани во повеќе стрелачки „редови“ на воените сили.

– Првите редови ќе бидат составени од заменски сили, обучени да бидат помошни стрелци. Зад нив ќе следуваат мешани групи од подобро обучени помошни и прецизни стрелци, снајпери што не се институционално обучувани, како и руски војници. Последниот ред се состои од високообучени снајперисти и тоа исклучително добро опремени. Сите овие редови се фокусираат заедно на една целна област – истакнуваат оттаму.

Анализата открива и неколку слаби страни на Русите, кои може да бидат искористени од страна на американската војска. Не е никакво изненадување што тие се слични со проблемите на старата советска армија. Регрутите не се доволно мотивирани (иако овој проблем ќе се намалува како што руската војска ќе станува сѐ попрофесионална). Тактичкото раководство е стереотипно, логистиката е слаба, а воздушната и артилериската поддршка покажуваат тенденција кон ригидност и потпирање на количеството, наместо на прецизноста.

Анализата на војската на САД препорачува дека силите на САД треба да се обучуваат за борба во средина каде што електронското војување ги блокира ГПС-сигналите и радиоврските, затоа што поставувањето голем команден логор со антени што стрчат би значела покана за руската баражна стрелба. Сепак, интересно, иако американската војска предупредува за моќта на руската опрема за воздушна одбрана и електронско војување, таа во исто време констатира дека оваа техника во овој момент е дефицитарна кај Русите и е концентрирана во Калининград, Украина и Сирија.

– Тие немаат толку голема бројност, која им е неопходна за да поднесат системски загуби и сѐ уште да функционираат успешно на широк борбен фронт. Губењето на барем еден од овие системи е значителен удар врз руските воени сили, бидејќи така се создава пукнатина во нивниот одбранбен меур, пукнатина што може да се искористи – се вели во анализата.

Сѐ на сѐ, иако анализата е сериозно проучување на противникот во пресрет на „можна конфронтација“, воените експерти предупредуваат дека сето ова е дел од едно виртуелно војување и само оддалеку „покажување мускули“ и презентација во јавноста кој колку знае за противникот, а многу далеку од тоа дека големите сили ќе влезат во директна отворена воена конфронтација. Н.М.