Каква технологија ќе се развива во следните 50 години?

214

Често напредокот во технологијата отвора нови врати за креативни решенија на фиктивните идеи кај научниците што стануваат реалност. Со текот на времето може да се забележи како овие идеи се појавуваат во секојдневниот живот. Често научнофантастичните филмови и серии се создавачи или двигатели на овие идеи. Мобилните телефони, кои порано можеле само да се замислат, сега не само што постојат туку ни претставуваат незаменлив дел од животот. Но што се случува кога доаѓаме до горниот праг на имагинацијата? Кога повеќето работи се измислени, што претставува следен чекор? Неколку научници имаат идеи што би се реализирале во следните 50 години. Технолошките експерти велат дека ќе се развива технологија што ќе може да се носи во своите тела, технологија што ќе помага при вршење операции, технологија што ќе донесе автономни автомобили и технологија што ги комбинира вештачката и човечката интелигенција.

Во реалноста не се можни сите идеи што произлегуваат од имагинацијата на човекот. Но со текот на времето и развојот на нови технологии, некои од нив стануваат реалност. Добар пример за ова е серијата „Ѕвездени патеки“. Првата епизода од „Ѕвездени патеки“ била прикажана во далечната 1966 година. Во тоа време технологијата не била доволно развиена, но серијата прикажувала изненадувачки број фантастични идеи и технологии што подоцна станале дел од реалноста. Во серијата се појавуваат безжични уреди за комуникација на преклопување. Овие уреди, сега попознати како мобилни телефони, се појавија дури во 1973 година, а мобилните телефони на преклопување во 1993 година. Други технологии што се прикажани во серијата а не постоеле тогаш се сегашните безжични блутут-слушалки, ГПС-навигацијата, таблетите и персоналните компјутери, преносливата меморија или сегашниот УСБ-диск, автоматските врати на отворање и друго. Се чини дека во „Ѕвездени патеки“ се најголеми визии на 20 и 21 век.

Може да се забележи дека овие идеи го движат светот напред и можат да станат реалност во однос на нивото на технолошки напредок. Овој тренд секогаш е застапен, секоја нова технологија им овозможува на научниците нов аспект за наоѓање решение за одреден проблем. Но во ова време, кога имаме големи постигнувања во технологијата и голем дел од идеите се веќе овозможени, кои се очекувањата за иднината?

– Во следните 50 години, во смисла на технологија, мислам дека светот навистина ќе се измени драстично. Мислам дека во иднината ќе се развива концептот што јас го нарекувам „близина на технологијата“. Концептот за близина на технологијата значи колку технологијата е блиску до вашето тело. Сега ја држиме технологијата, ја носиме на нас, таа е во нашите раце, но поентата е да ја ставиме во нашите очи и уши или во нашите стомаци. Веќе постои технологија што може да се голтне. Луда е идејата, буквално се голтаат овие робопилули, кои имаат способност да детектираат што сѐ се консумира, како и калоричниот внес. Подоцна овие податоци можат да се видат преку веб или мобилна апликација. Исто така сега има стартап-компании, како „Маџик лип“ на пример, кои ги доразвиваат технологиите за зголемена реалност или попознати како АР-технологии. На пример, ако го листам мојот мејл, а сакам да го тргнам или оставам, со едноставно движење на раката во воздухот можам да отворам друг интернет-пребарувач или да почнам да правам друга работа на оперативниот систем. Сите овие работи мислам дека ќе се случуваат во наредните 50 години – вели Бриан Вонг, главен извршен директор на КИИП за „Тек инсајдер“.

Професорот Махандев Сатјанрајанан од „Карнеги Мелон“ објаснува дека многу апликации што се извршуваат денес се неасистирани од роботи. Во иднината, особено операциите во медицината, дефинитивно ќе биде стандардна практика да асистираат роботи. На хирургот во болница што работи на пациент може да му асистира робот, кој ќе му дава корисни совети или ќе го опоменува кога ќе направи грешка. Исто така ќе се развива технологија за роботи што би работеле самостојно при вршење операции.

– Иднината, според мене, ќе ни донесе диверзитетна мобилност. Ќе имаме автономни автомобили, се разбира ќе се возат и мануелните автомобили, тоа ќе биде избор на корисникот. Но кога станува збор за безбедност во сообраќајот, мислам дека во конвенционалните автомобили ќе се инкорпорираат автономни системи за возење. Автономните системи се побезбедни затоа што можат побрзо да реагираат од човечкото суштество – вели постариот инженер Дирк Вајселман од БМВ.

Други експерти велат дека е тешко да се предвиди што ќе се случи во иднината. Но во следните години нема да се развие технологијата за вештачка интелигенција, која може да го замени човекот и да го уништи светот. Чекорите што се прават повеќе одат во насока на комбинирање на човечката и вештачката интелигенција.

– Сигурен сум дека во следните 50 години нема да постои вештачка интелигенција, која ќе биде суперинтелигенција што ќе ги надмине и преземе работите на човекот. Поверојатно е да се појави интерфејс-мозочна машина, која ќе може да ја комбинира нашата хоризонтална со вертикалните можности за извршување од вештачката интелигенција, затоа што комбинација од двете е многу подобра отколку само едната или другата – вели главниот извршен директор на „Снипс“, Ранд Хинди.