Каде се денес лидерите на Г20 што го спасуваа светот од финансиска криза

128
Само двајца од лидерите на Г20 во 2008 година уште се на челна позиција, германската канцеларка Меркел и турскиот претседател Ердоган

Дваесет лидери на самит во Вашингтон во 2008 година бараа излез од најтешката криза што го погоди светот од почетокот на 20 век. Една деценија подоцна, земјите и нивните лидери доживеаја различни судбини. Некои закрепнаа, а други заглавија уште подлабоко, нагласува „Гардијан“

Пред десет години во Вашингтон се одржа вонредна средба на лидерите на Г20 што бараа итни решенија за излез од најголемата финансиска криза што го погоди светот од почетокот од 20 век. Една деценија подоцна, секоја од земјите на Г20 доживеа различна судбина, а истото тоа важи и за нивните лидери. Само двајца од учесниците од самитот во 2008 година денес се на лидерска позиција, германската канцеларка Ангела Меркел и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Еден лидер е во затвор, а четворица други се заглавени во корупциски скандали, нагласува лондонски „Гардијан“.

Италија е единствената земја од Г20 чија економија денес е помала од таа пред кризата. Земјата цела деценија заздравува и се мачи со стабилноста на банките и со политички превирања. Италија во 2008 година ја претставуваше Силвио Берлускони, медиумскиот магнат и бивш сопственик на Милан. Тој во 2011 година ја напушти премиерската функција поради низа корупциски и секс-скандали, но повторно се врати во политиката во 2016 година.

Британија во Вашингтон беше претставена од Гордон Браун, еден од клучните лидери во формирањето на Г20 и во подготвувањето на меѓународниот одговор по колапсот на американската банка Леман. Браун беше домаќин на наредниот самит на Г20 во Лондон во 2009 година. Тој загуби во 2010 година и беше наследен од конзервативецот Дејвид Камерон. Браун се повлече од лидерската позиција во Лабуристичката партија и од парламентот во 2015-та.
Германската канцеларка Меркел е лидерка со најдолг мандат во ЕУ и е единствената од челниците на Г20 што по една деценија ја извршува истата функција. Таа беше критикувана поради поддршката на строгото штедење и острите услови што ѝ ги наметна на Грција за да добие пари.

Покрај Меркел, турскиот претседател Ердоган е еден од малкуте лидери на самитот во Вашингтон што сѐ уште се на власт. Тој стана претседател во 2014 година и ја укина неговата претходна премиерска функција по ланскиот референдум. Ердоган преживеа пуч и оттогаш се справува со противниците. Турција беше една од земјите со најдобри економски перформанси во Г20, а денес се соочува со криза поради падот на лирата.
Русија во Вашингтон беше претставувана од Дмитриј Меведев. Земјата беше погодена од кризата, но не толку многу колку другите членки на Г20, па брзо закрепнуваше до 2014 година. Тоа се промени со санкциите од САД и од ЕУ поради анексијата на Крим. Медведев беше заменет од Владимир Путин на претседателската функција во 2008 година и тој денес е премиер.

Австралија денес е единствената развиена економија од Г20 што ја преброди кризата без рецесија. Таа главно беше изолирана од случувањата поради извозот во Кина. Австралија на самитот во 2008 година беше претставувана од Кевин Рад, кој во 2010 година беше сменет од неговата заменичка Џулија Гилард.
Таро Асо од Јапонија е меѓу ретките лидери што уште се на власт, но со различна функција. Тој беше заменет од Јукио Хатојама во 2009 година, а во 2012 година беше назначен за вицепремиер и за министер на финансии. Неговата земја се мачи со стагнација, поради старото население и највисокиот долг во светот.

Кина забележа најдобри економски перформанси меѓу земјите на Г20 во изминатата деценија. Таа брзо растеше по кризата и го достигна врвот од над 10 отсто во 2010 година. Оттогаш полека забавува, бидејќи транзитира од пазар во развој во развиен пазар, кој повеќе се фокусира на услужниот сектор. Некои експерти предупредуваат дека високите нивоа кинески корпоративен долг и трговските војни со САД можат да предизвикаат нова глобална финансиска криза. Земјата на самитот на Г20 во 2008 година беше претставувана од Ху Џинтао, кој во 2012 година беше заменет од Си Џинпинг.

Никола Саркози ја предводеше Франција на Г20 во 2008 година и тој е еден од неколкуте лидери што во изминатата деценија се мачеа со корупциски скандали. Саркози во 2012 година беше заменет од Франсоа Оланд. Франција по кризата бележи бавен пораст и висока невработеност.
Домаќин на самитот во 2008 година беше Џорџ Буш, кој беше критикуван поради поддршката на банкарската индустрија, но и зашто дозволил да банкротира Леман. Лидерите во светот брзо сфатија дека не можат да ја игнорираат паниката што ја предизвика колапсот на Леман, па поитаа да ги спасуваат банките. Самиот Буш во 2008 година потпиша закон за спасување на американските банки со 700 милијарди долари. Буш во 2009 година беше заменет во Белата куќа од Барак Обама, кој наследи рецесија и со неа се бореше со стимулативен пакет од 1.400 милијарди долари.

Од преостанатите лидери на состанокот на Г20 во Вашингтон во 2008 година, шпанскиот претседател Хозе Запатеро беше сменет во 2011 година; генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, се повлече во 2016 година; бразилскиот претседател Лула да Силва беше сменет во 2011 година, а сега е во затвор за корупција; претседателот на Светската банка, Роберт Зелик, беше сменет во 2012 година; директорот на ММФ, Доминик Строс-Кан, поднесе оставка во 2011 година поради секс-скандал; јужнокорејскиот претседател Ли Мјунг-бак беше сменет во 2013 година, а лани беше уапсен за корупција; аргентинската претседателка Кристина де Кирхнер е обвинета за предавство; јужноафриканскиот претседател Кгалема Мотланте беше сменет во 2009-та; холандскиот министер за финансии Јан де Јагер сега е аналитичар во телекомот КПН; претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, е претседател на Голдман Сакс интернешнел; шефот на Европскиот фонд за стабилност, Марио Драги, сега ја предводи Европската централна банка; мексиканскиот претседател Фелипе Калдерон беше сменет во 2012 година; индонезискиот претседател Сусило Јудојно во 2014 година; индискиот премиер Манмохан Синг во 2014 година; канадскиот премиер Стивен Харпер во 2015 година; додека саудискиот крал Абдула почина во 2015 година.