Каде да се гради охридската марина

1157

Чувствувам обврска да им обрнам внимание, а со тоа и да им помогнам на охриѓани во врска со проектот за марина на делот пристаниште – Билјанини извори.
Прво да ви се претставам. Јас сум ресенчанец од мајка охриѓанка. Како дете летото го минував кај мојата тетка и тетин Паскали на Сараиште. Деновите ми минуваа кај чуновите, рибарските мрежи, со игрите на „крпеница“ во дворот на црквата „Света Софија“. Бидејќи водата беше загадена од фекалиите, ние пливавме длабоко во езерото, сè додека не ја видиме црквата на Канео.

Времето одминуваше, а ние пораснавме. Црквата „Света Софија“ се реставрира, чуновите и мрежите исчезнаа, градот доби фекален колектор, а ние остаревме. Кај мене остана чувството од детството дека му должам на градот Охрид и на охриѓаните. Веќе како инженер визионер оценив дека градот има голем проблем со паркинзите, особено за посетителите на историскиот дел од градот, кои паркираа многу далеку. Пред десетина години седнав и направив студија за оправданост за паркинзи. Ништо ново, се угледав на паркинзите во градовите од француската медитеранска ривиера.
Студијата за оправданост предвидува 1.400-1.600 паркинг-места под стариот дел на Охрид, сè до Самоиловите ѕидини. Предвидува четири влеза: првиот кај Летница, вториот кај Чинарот, третиот кај другиот Чинар и четвртиот кај контактот на Грашница со ридот. Овој, четврти влез е за 500-600 паркинзи токму покрај локацијата што ја предложив како градска марина за 500-600 пловни објекти, бензинска пумпа и, напоменувам, СО ПОДВОДНА ДИЈАФРАГМА ЗА НИКОГАШ ДА НЕ СЕ МЕШААТ ВОДИТЕ ОД МА­РИНАТА СО ВОДИТЕ НА ГРАШ­НИЦА.

Оваа студија, преку мојот добар пријател архитект Чашуле, се обидуваме да им ја презентираме на градските отци. Сакам да помогнам во одлучувањето за марината со неколку дополнителни информации, што значи марина од 1.000 до 2.000 пловни објекти. Прво, на сопствениците на пловилата (јахтите) им требаат најмалку 1.000 паркинзи за колите. Не може марина без бензинска пумпа, без сервис за фекалиите на јахтите и без прочистувач на петролејските дамки од нафта и бензин. Марина треба да се прави таму, а не на делот на Охрид од пристаништето до Билјанини извори.

(инж. Божидар Миљовски)

Фото: Емил Јовановиќ