И Солунското пристаниште и разработка на други алтернативи

246
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ако сакаме брз пораст на економијата, треба итно и недвосмислено да се свртиме кон отворање и разработка и на други комуникациски и инфраструктурни алтернативни врски и кон другите пристаништа

Изборот на најоптимален пат за производите и услугите од и до саканата дестинација има круцијална улога за увозно-извозната конкурентност на компаниите на меѓународниот пазар. Од овие причини подготвеноста на македонската национална економија да се справи со сите предизвици од ваков карактер се гледа во способноста да се ублажи нивното влијанието врз трошоците во работењето и да се одбере пат што ќе ја задржи конкурентноста на пазарот од трошковен аспект.

Претставниците на Стопанската комора на Македонија истакнуваат дека далечината на превозот, соодветната инфраструктурна поврзаност во зависност од видот на транспортот (патен или железнички), видот и својствата на стоката, количеството, можноста за утовар, претовар, брзината на доставување, содржината на договорот за испорака, карактерот на осигурување на стоката што се превезува (осигурителните клаузули), пристапноста и квалитетот на сообраќајната инфраструктура, можностите за користење транспортно средство, се само мал дел од аспектите што влијаат врз одлуката на една компанија по кој пат ќе врши транспорт на стоката.

– Блискоста на морско пристаниште во Солун е од голема функционалност за македонското стопанство, кој традиционално е најискористена морска меѓународна врата преку која се реализираат меѓународните зделки, особено за испорака и прием на стоки за и од подалечните светски дестинации. Не помалку е значаен и фактот дека 27 проценти од вкупниот превоз од и до Солунското пристаниште се наменети за стоки за и од Македонија – велат од Стопанската комора на Македонија.
Јане Адамчески, директор за продажба во „Макстил“, истакна дека доколку би се подобрила инфраструктурата кон другите пристаништа и тие станат достапни за македонската економија, конкурентноста ќе влијае врз намалување на цените на Солунското пристаниште.

Драч, Бар, Бургас и Варна на некој начин се најлогични алтернативи на Солунското пристаниште, но, од веќе познатите причини, соработката со нив никако да заживее. За да успее тоа и македонската економија да има избор при носењето на одлуката по кои патишта ќе увезува или извезува стока, неопходна е доизградба на Коридорот 8, кој сѐ уште е далеку од готов

– Со оглед на географската поставеност на Македонија, Солунското пристаниште е најприроден избор за излез на македонските производи преку море. За жал, тоа е единство пристаниште со кое имаме директна железничка врска и добар пристап за камионски транспорт, но при каков било застој на сообраќајот од различни причини, немаме алтернатива. Тоа од страна на Солунското пристаниште и грчките железници се користи за да можат да ги диктираат цените на своите услуги. Со изградба на железничка пруга и автопат кон Албанија, пристаништето во Драч би станало опција за испорака и би се извршил ценовен притисок, со што сите стоки што се увезуваат и извезуваат во Македонија по морски пат би станале поконкурентни – вели Адамчевски.

Од Комората истакнуваат дека во ваква констелација на односи, воопшто не е намалена потребата од користење други превозни правци и пристаништа, особено во насоката исток-запад по Коридор 8, што, од своја страна, би влијаело врз намалување на „монополската положба“ во користењето на услугите на Солунското пристаниште.
– Од тие причини, увидувајќи ја тежината на таквата потреба, носителите на економската политика во земјата, во донесените развојни документи, на сообраќајното инфраструктурно подобрување на пристапните патни и железнички патишта на Коридор 8 му дадоа стратегиски приоритет во идните инвестициски активности – истакнуваат од СКМ.

Република Бугарија, според вредноста на обемот на стоковна размена со странство, е петти надворешнотрговски партнер на Македонија. Во периодот јануари – мај 2018 година е остварен обем на вкупна размена од 313 милиони американски долари, поради што од Комората посочуваат дека не треба посебно да се нагласува од какво значење е подобрувањето, односно развојот на сообраќајната поврзаност на двете соседни земји.

Фото: Игор Бансколиев

– Со подобрување на сообраќајната поврзаност на Македонија и Бугарија ќе се забрза протокот на сите реализирани трговски зделки во билатерала и во транзит, преку Бургас и Варна како водени пристаништа и во транзит по патен и железнички пат кон Блискиот Исток. Исто така, ќе се намалат транспортните трошоци во испораките, што ќе придонесе за осетно подобрување на конкурентноста на меѓународните пазари – појаснуваат од Комората.

Кога е во прашање сувоземната сообраќајна поврзаност со пристаништата во Албанија, Драч и Валона, со кои исто така недостига железничка врска, не треба да се запостави потребата од соодветна инфраструктурна поврзаност од патен и железнички аспект и со оваа земја, и покрај тоа што обемот на билатерална стоковна размена меѓу Македонија и Албанија далеку заостанува во однос на другите земји со кои Македонија соработува на економски план.

– Со изградбата на Коридор 8 кон Албанија би ни се отворила опција за користење на пристаништето во Драч. Со изградбата на пругата кон Бугарија морските пристаништа во Бургас и Варна, како и другите речни пристаништа, би станале опција за нас, особено при увозот на суровини – додава Адамчески.
Драч, Бар, Бургас и Варна на некој начин се најлогични алтернативи на Солунското пристаниште, но од веќе познатите причини соработката со нив никако да заживее. За да успее тоа и македонската економија да има избор при носењето на одлуката по кои патишта ќе увезува или извезува стока, неопходна е доизградба на Коридорот 8, кој сѐ уште е далеку од готов. Поради ова Солун останува стратегиско пристаниште за македонската економија без алтернатива.

(продолжува)