И потписниците различно го читаат и толкуваат Преспанскиот договор?

983

И додека „втората страна“ почна да имплементира работи што не се содржани во договорот и со тоа манифестира сервилен однос, „првата страна“ реагира и на вербални искази, со што ја продолжува и засилува политиката на постојани уцени и притисоци

Преспанскиот договор, потпишан на 17 јуни во селото Нивици (Псарадес), меѓу Македонија и Грција, за надминување на недоразбирањата за името на нашата земја, во себе содржи и одредена динамика на спроведување на обврските што ги преземаат двете страни. Навистина, според договорот, Македонија презема многу повеќе обврски и се става во временски теснец за нивно исполнување, а притоа Грција го задржува правото на крајот да прифати или да ги одбие сите заложби на „втората страна“.

Иако не е искажано доволно прецизирано во договорот, сепак се смета дека еден од клучните моменти за да се започне со примена на договорот е негова верификација во македонската политичка и општа јавност. Моменталната состојба, што се однесува до прифатеноста на Преспанскиот договор во Македонија, е таква што Собранието двапати изгласа ратификација на договорот (со 69 гласа), но претседателот на државата Ѓорге Иванов одбива да го потпише указот на законот, со кој ратификацијата би стапила во сила. Во меѓувреме се води дебата и кампања за референдум и плебисцитарно изјаснување на граѓаните на Р. Македонија за Преспанскиот договор…, затскриена зад евентуалното идно членство во НАТО и во ЕУ, без притоа воопшто да се споменуваат промената на името на државата и промената на Уставот и сите последици што одат со тоа.

Иако не се поминати сите процедури за конечна имплементација на спогодбата од Нивици, „втората страна“, веројатно како знак на кооперативност и подготвеност, почнува да применува однесување и мерки во духот на Преспанскиот договор, додека „првата страна“ во своите реакции веќе се повикува на своето „цензорско“ право според истиот договор

Но иако не се поминати сите процедури за конечна имплементација на спогодбата од Нивици, „втората страна“, веројатно како знак на кооперативност и подготвеност, почнува да применува однесување и мерки во духот на Преспанскиот договор, додека „првата страна“ во своите реакции веќе се повикува на своето „цензорско“ право според истиот договор. Па, така, грчката страна прекуноќ реагираше кога на премиерот Заев му се „испушти“ сѐ уште именуваната како АРМ, да ја нарече јавно „македонска војска“, иако особено внимава во грчките медиуми да употребува ендоними, наместо егзоними, па уредно Солун го нарекува Тесалоники.
– Имаме една ситуација во која сите велат дека се зачувани македонскиот јазик и националноста, а од друга страна имаме изјава, односно демарш од Министерството за надворешни работи на Грција, во кој се вели: „Силно апелираме до претседателот на Владата дека тоа не е македонска војска, туку е војска на Република Северна Македонија“. Тоа ли е зачувано достоинство?

Или, пак, Ципрас кога ќе каже дека таму постојат северномакедонци и никој од Република Македонија нема да се најде да ја демантира таквата изјава. Дали е достоинство тоа каде што е јазикот македонски, а притоа никој во светот не говори македонски со фуснота, а притоа никој од другите јужнословенски јазици нема фуснота. Зошто кога Коѕијас вели не постојат Македонци туку северномакедонци никој не протестира или не даде демарш. Зошто кога светските спортски интернет-портали нѐ нарекуваат Северна Македонија, па ние да мора да пуштаме преку наши канали деманти, па да поправаат потоа -реагира на примената на Преспанскиот договор, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Иако постапката за преиспитување на оправданоста за постоење на Музејот на ВМРО (како што колоквијално се нарекуваше музејот со три имиња) беше отворена од Министерството за култура на РМ уште минатата година, речиси веднаш по конституирањето на актуелната влада, конкретниот предлог за негово сведување на само еден од насловите (Музеј на македонската борба за државност и самостојност), доаѓа во периодот на прегледување во јавноста на сите опции и последици од Преспанскиот договор. Таквиот предлог од работната група на Министерството за култура, во време додека сѐ уште се толкува членот 8 став 2 на спогодбата („втората страна“ да го преиспита статусот на спомениците, јавните згради и инфраструктурата доколку упатуваат на античката елинска историја и цивилизација), беше доволен повод за шпекулации во јавноста. Иако музејот што се нарекуваше Музеј на ВМРО, со својата содржинска поставка воопшто не реферира на античката елинска историја и цивилизација, сепак наводно асоцира на иредентизам, кој треба да биде „санкциониран“ според членот 6 од договорот.

Сомневањата за иредентизмот што го поткрепува музејот се поврзани со преамбулата на македонскиот устав, каде што е наведено дека државата Македонија е резултат на борбата на македонскиот народ со векови. Имено, меѓу обврските што ги презеде Македонија со Преспанскиот договор се токму промени во преамбулата и на членовите 3 и 49 од Уставот. Наводно, покрај спогодбата од Нивици, во грчките медиуми е објавен и некаков нон пејпр, во кој како проблематични и иредентистички се наведува и членот 36 од Уставот, со кој им се даваат посебни права на тие што се бореле за идеите за различен идентитет на македонскиот народ, но и членот 56, во кој се зборува за заштита на историското и културно наследство на македонскиот народ. Тие одредби за грчките претставници се јасен доказ дека Македонија ќе мора темелно да го менува својот концепт на постоење, а во досегашниот Музеј на ВМРО се присутни голем дел од таквите „иредентистички пораки“ кон Грција.
Покрај предлозите за преименување (според некои и за укинување) на досегашниот т.н. Музеј на ВМРО, градоначалникот на скопската општина Центар најави скорашно отстранување на некој од спомениците од проектот „Скопје 2014“ (оквалификуван како дивоградба), што наведува на заклучокот дека Македонија, како „втора страна“, веќе започна да го применува Преспанскиот договор, иако не се поминати сите законски чекори за негово усвојување.


Мицкоски: Македонците со оваа влада ја губат државата

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вчерашниот марш што партијата го организира во Струмица, истакна дека Македонците со оваа влада ја губат државата.
– Овие паралелни светови, каде што од една страна ги имаме властодршците што уживаат во придобивките дадени од народот, а од друга страна народот, опкружен со сиромаштија и очај, доведуваат до удар врз самодовербата на нашиот народ – истакна Мицкоски
Тој им укажа на граѓаните дека власта сака тие да се поколебаат, да бидат неодлучни, да бидат потчинети.
– Кога ќе ви речат северномакедонци, да речете добро, не можело поинаку, иако и можело и морало поинаку, за кога ќе ви кажат морало да се избрише зборот Македонија, да си речете еве барем ќе имаме некаква иднина во Европа. За да бидеме како Европа, потребно е многу работа и посветеност и ништо друго и ништо повеќе, затоа што кога ќе ви речат економијата е лоша зашто претходно не се работело, да си речете, добро, барем се трудат, иако знаете дека нема да биде подобро, а сега е лошо само затоа што не работат. Затоа им требате неодлучни и затоа целта е напад врз самодовербата, да го контролираат вашиот систем на сфаќања и светоглед – нагласи Мицкоски.
Мицкоски порача дека амнестијата на осудените за насилството на 27 април е потребна за Македонија да продолжи напред.


Шекеринска: Убедена сум дека мнозинството граѓани ќе кажат „за“ македонска иднина

Убедена сум дека на референдумот мнозинството граѓани ќе се изјаснат „за“ македонски идентитет, „за“ македонска иднина и „за“ членство во ЕУ и во НАТО, вели министерката за одбрана Радмила Шекеринска во интервју на Радио Слободна Европа.
Ја имаме, нагласува, историската шанса, но ја носиме и историската одговорност. Според Шекеринска, поважен е односот на сите политички партии кон референдумот, отколку дали ќе биде консултативен или задолжителен.
Во врска со претстојниот самит на НАТО, министерката очекува да биде исправена, како што истакнува, неправдата и грешката од 2008 година.
– Тоа што нашата држава го испушти од раце пред десет години, сега да го земеме, да го искористиме и да обезбедиме нова шанса за Македонија – порачува министерката.